Кога чичко ми умре, јас имав седумнаесет години и го знаев само од стари фотографии. Од неразбирливи причини, моите родители велеа дека иницијативата за средба со него требало да дојде откај него и не сакаа да ме одведат на море во Санта Катарина за да го запознаам. Бев љубопитен да откријам кој е тој, еднаш дури поминав многу блиску до Гаропаба, местото каде што живееше, но на крајот секогаш ја одложував посетата. Во пубертетот мислиме дека другиот дел од животот ќе трае вечно и ќе имаме време за сè. Веста за неговата смрт пристигна до татко ми со мало задоцнување, кога се имаше повлечено во една колиба во планините на Сао Паоло за да го заврши својот нов роман. Чичко ми се удавил обидувајќи се да спаси давеничка што паднала од карпите на плажата Феружем, кога имало страшна бура во морето, со над три метри високи бранови кршејќи се на брегот. Жената цврсто се фатила за појасот за спасување што ѝ го подал, а набрзо пристигнале и други спасувачи за да ѝ помогнат. Телото на чичко ми никогаш не се пронајде. Во Гаропаба се одржа симболичен погреб на кој присуствувавме и ние. Мајка ми ми го покажа местото каде што се наоѓал првиот стан во кој живеел, но тогаш зградата веќе беше урната. На фотографиите од тоа време се гледа мала двокатна градба во беж-боја со тераса, сместена точно спроти морето, на карпите. Сè уште немаше високи згради по должина на брегот и водата беше добра за бањање. Луѓето од историското јадро на градот, кое и до денешен ден се води како културно наследство на Бразил, сè уште живееја делумно од риболов, кој подоцна се изгуби и го заменија туристичките прошетки со бротчиња. Ја запознавме неговата вдовица, жена со многу бел тен покриен со избледени тетоважи, и двете мали деца, момче и девојче со сини очи како мајка им. Моите братучеди. На погребот присуствуваа многу малку луѓе. Мајка ми доби напад на плачење, кој не можев да го разберам, и потоа мина околу половина час зјапајќи во морето и зборувајќи сама со себе, или можеби во разговор со некој. Имаше и други луѓе што зјапаа во морето, како да очекуваат нешто, и имав чуден впечаток дека сите мислеа на чичко ми, иако го опишуваа како затворен човек што се познавал со многу малку луѓе, човек од друга епоха. Ми падна на ум идејата да снимам неколку сведочења за него, и родителите ми дозволија од останам неколку дена во градот. Никој не бил близок со чичко ми, но се чинеше дека сите имаа што да кажат за него. На почетокот од претходната деценија, отворил мал локал во кој давал часови по пилатес и за истегнување. Речиси сите го паметеа како тренер на спортисти за триатлон и изгледа дека обучил пет-шестмина државни и национални шампиони. Во текот на летната сезона ја напуштал работата со која се занимавал во текот на годината за да работи како спасувач. Квечерина, по дванаесетчасовната работа спасувајќи капачи, грижејќи се за случаи на сончаница и жарења од медуза, и одење под немилосрдното сонце од јужните предели речиси лишени од озонската обвивка, одел да плива сам, длабоко во морето, не обрнувајќи внимание на немирното море, поројниот дожд или предвременото заноќување. Бил осаменик, но во одреден момент се оженил за жена за која никој не знаеше од каде дошла и изградил куќичка на падината од еден од ридовите на таканаречената Волта до Амброзио. Сите што се сеќаваа на чичко ми од старите времиња споменуваа куц пес што знаел да плива како делфин и влегувал со него длабоко во морето. Тоа било сè што би можело да се нарече факти. Другиот дел од сведочењата го сочинуваа калеидоскоп од озборувања, легенди и живописни приказни. Велеа дека можел да издржи десет минути под вода без да диши. Дека песот што го следел насекаде бил бесмртен. Дека еднаш се тепал со тупаници со десетмина локални насилници и ги победил. Дека навечер пливал од една до друга плажа и го гледале како излегува од морето на оддалечени места. Дека убил некои луѓе и поради тоа бил тивок и повлечен. Дека им помагал на сите што побарале помош од него. Дека отсекогаш ги посетувал тие плажи и дека засекогаш ќе ги посетува. Повеќе од два-тројца рекоа дека не веруваат дека навистина умрел.
Прв дел
1
Гледа широк голем нос, сјаен и сипаничав како кора од мандарина. Уста необично млада помеѓу брадата и образите избраздени со ситни брчки на малку омлитавената кожа. Избричено лице. Големи уши со уште поголеми ушни ресички што изгледаат како да се растегнале од сопствената тежина. Зеници во боја на разводнето кафе сред проникливи, но релаксирани очи. Три длабоки брчки на челото, хоризонтални, совршено паралелни и на еднаква оддалеченост. Жолтеникави заби. Бујна руса коса што се прекршува во еден единствен бран преку главата одејќи назад до основата на тилот. Неговиот поглед во еден здив прелетува преку секој квадрант од тоа лице и би можел да се заколне дека никогаш не го видел тој човек, но знае дека е татко му бидејќи никој друг не живее на тој имот во Вијамао и бидејќи на десната страна од човекот што седи на фотелјата, со главата крената лежи синкавата кучка што одамна му прави друштво.
Какво е тоа лице?
Татко му само се насмевнува, шегата е стара, одговорот вообичаениот.
Единственото што го имам.
Ги гледа неговите алишта, темносиви панталони шиени по мера и сина кошула со долги ракави подвиткани до лактот, натопена во пот под пазувите и над облиот стомак, со сандали што се чини дека ги обул бидејќи немал избор, небаре само поради топлината не обул кожени чевли, а потоа ги гледа шишето француски коњак и револверот на масичката крај фотелјата на спуштање.
Седни таму, му вели татко му, покажувајќи со главата кон белиот двосед од вештачка кожа.
Февруари е на самиот почеток и, независно од тоа што го покажуваат термометрите, се чини дека температурата во Порто Алегре и неговата околина е над четириесет степени. Кога пристигна, виде дека двете дрвја лапачо што држат стража пред куќата се полни само со лисја и свенати поради запурнината. Последниот пат кога отиде таму, пролетта, нивните расцветани круни со виолетови и жолти цветови трепереа на студениот ветер. Од автомобилот, кога мина крај лозата посадена на левата страна од куќата, виде дека има многу гроздови, но со сè уште ситни зрна. Можеше да замисли колку слатки ќе бидат по три месеци суша и жега. На имотот ништо не се променило во последните неколку месеци, всушност никогаш не се менуваше, рамен правоаголник обраснат со плевел покрај земјениот пат, со мал терен за фудбал што никогаш не се користел, предаден на вообичаената запуштеност, надразнувачкото лаење на некој пес на улицата, вратата од куќата отворена.
Каде е пикапот?
Го продадов.
Зошто држиш револвер на масичката?
Тоа е пиштол.
Зошто држиш пиштол на масичката?
На брмчењето на мотоциклот на патот му се придружува лаењето на Багре, рапаво како прочистувањето на грлото на закоравен пушач. Татко му се мурти. Не го поднесува дрскиот и вревлив пес, но го чува само поради чувството на одговорност. Можеш да ги напуштиш детето, братот, таткото, жената дефинитивно, постојат околности во кои тоа е оправдано, но немаш право да го напуштиш песот што си го чувал извесно време, му објасни татко му кога беше дете и целото семејство живееше во куќата во Ипанема низ која минаа пет-шест пци. Пците се откажуваат засекогаш од дел од својот инстинкт за да живеат со луѓето, и никогаш не успеваат да си го вратат повторно. Верен пес е осакатено животно. Тоа е пакт што ние не смееме да го раскинеме. Песот може да го раскине иако тоа се случува ретко. Но, човекот нема право на тоа, му кажа татко му. Според тоа, сувата кашлица на Багре мораше да се трпи. Всушност во тој момент тоа го правеа и татко му и Бета, старата австралиска овчарка што лежеше крај него, извонредна кучка, паметна и воспитана, силна и цврсто градена како дива свиња.
Како си ти, сине?
Зошто ти е револверот? Пиштолот.
Изгледаш уморно.
Да, уморен сум. Тренирам еден тип за Ајронмен. Лекар. Добар човек. Одличен пливач, а добро му оди и со другиот дел. Има велосипед што заедно со гумите тежи седум килограми, од оние што чинат околу петнаесет илјади долари. Сака да се пријави за натпревар следната година, и да се обиде да постигне добри резултати за да се квалификува за светското првенство најдоцна за три години. Ќе успее. Лошо е тоа што е многу тежок човек, но мора да го трпам. Многу малку спијам, ама вреди, добро ме плаќа. И натаму давам часови во базенот. Пред неколку дена конечно успеав да ја дотерам каросеријата на автомобилот. Сега е како нов. Потрошив две илјади реали. Минатиот месец отидов на море, поминав една недела во Фарол со Антонија. Црвенокосата. Да! Точно. Ти не успеа да ја запознаеш. Сега е доцна, се скаравме, таму, во Фарол. Мислам дека тоа е сè, тато. Другото е сè по старо. Зошто држиш пиштол на масичката?
Каква беше црвенокосата? Таа слабост ја наследи од мене.
Тато!
Малку подоцна ќе ти кажам зошто држам пиштол на масичката, добро? Да му се сневиди, зар не гледаш дека прво сакам да правам малку муабет?
Добро.
По ѓаволите што е добро!
Добро, извини.
Сакаш пиво?
Ако пиеш и ти.
И јас ќе пијам.
Татко му одвај станува од меката фотелја. Кожата на неговите раце и на вратот се здобила со постојано црвенило во текот на последните години, покрај извесна рапавост како кај кокошките. Понекогаш играше понекоја партија фудбал кога неговиот постар брат и тој сè уште беа пубертетлии и одвреме-навреме ги посетуваше вежбалниците додека не наврши четириесет и неколку години, но оттогаш, небаре во исто време кога најмалиот син покажа интерес за разни спортови, тој почна да претпочита да не се движи многу и да седи. Секогаш јадеше и пиеше како скот, пушеше цигари и пури од седумнаесетгодишна возраст, а ги сакаше кокаинот и халуциногените супстанции, па поради тоа му беше потребно поголемо напрегање за да го придвижи телото. На патот до кујната, поминува крај ѕидот од ходникот на кој висат десетина награди за маркетиншки кампањи, дипломи врамени во стакло и сјајни метални плакети главно од осумдесеттите години, кога беше на врвот на кариерата. На другиот крај од дневната соба, на ниската витрина од махагон, има уште два трофеја. Бета го следи на неговиот пат кон фрижидерот. Кучката изгледа старо како газдата, жив животински тотем што бесшумно, речиси лебдечки, чекори зад него. Тромото движење на таткото крај спомените од дамнешната професионална слава, верното животно зад неговите петици и бесмисленоста на неделното попладне будат кај него некоја вознемиреност што е истовремено необјаснива и блиска, чувство што понекогаш нè обзема кога гледаме некој што е загрижен и се напрега да донесе некоја одлука или да реши некој мал проблем, небаре смислата на животот, кревка како кула од карти, зависи од тоа. Го гледа татко си на работ на издржливоста, пловејќи премногу блиску до откажувањето. Вратата на фрижидерот се отвора со звук на вшмукување, стаклените шишиња ѕвечкаат и, по неколку секунди, тој и кучката се враќаат, побрзи на враќање отколку на одење.
Местото Фарол де Санта Марта е блиску до Лагуна, нели?
Да.
Ги одвртуваат капачињата на пивските шишиња, гасот излегува со подбивно шиштење, наздравуваат, но за ништо особено.
Се каам затоа што не сум одел почесто на брегот на Санта Катарина. Во шеесеттите години сите одеа таму. Мајка ти одеше пред да ме запознае. Јас почнав да ја носам на југ, во Уругвај и на други места. Тие плажи секогаш ме вознемируваа малку. Татко ми умре во тој крај, во пределот помеѓу Лагуна и Имбитуба. Во Гаропаба.
Му беше потребно малку време за да сфати дека зборува за дедо му, кој умрел пред тој да се роди.
Дедо? Секогаш си велел дека не знаеш како умрел.
Тоа сум ти го рекол?
Неколкупати. Дека не знаеш како, ни каде умрел.
Хмм! Можеби. Всушност мислам дека навистина така реков.
Тоа не беше вистина?
Татко му размислува пред да одговори. Не изгледа дека сака да добие во време, навистина размислува, копа по сеќавањата, или само ги бира зборовите.
Не, не беше вистина. Знам каде умре и горе-долу како. Тоа се случи во Гаропаба. Поради тоа не сакав да одам таму.
Кога?
Во шеесет и деветтата година. Замина од фармата во Таквара… во шеесет и шестата. Заврши во Гаропаба една година подоцна, таму живееше околу две години, додека не го убија.
Мала насмевка му се појавува на рабовите од усните. Татко му гледа втренчено во него и тој се насмевнува.
Да му се сневиди, тато! Што ти значи тоа додека не го убија?
Дали знаеш дека имаш иста насмевка како дедо ти?
Не. Не знам каква насмевка имал. Ни мојата не знам каква е. Јас заборавам такви работи.
Превод од шпански јазик: Виолета Јагев