Мразам гугутки

Многу мразам гугутки. Знам, знам што ќе си помислите. Сигурно сум лош човек. Но, не сум. Чесен сум… не крадам, помагам на постари. Немам ништо против други птици. Едноставно мразам гугутки.

Никогаш не одат по една… Мора две да се појават… на утро. Гу-гу, гу-гу. „Пичка ви матер, остајте ме да спијам.“ Ама не, тоа мора секое божјо утро да го направат. Штом станам, ги бркам и се враќам в кревет. Само што ќе заспијам, ете ги повторно. Сега и тропаат на пенџерето, ко синкир јадење да ми бараат. „Не ви давам бе. Снајдете се ко гавранине и страчкине. Кај мене убајна не пали.“

Мислам дека ме разбираат. Зошто инаку би ми се сереле на колата? Што, од каде знам дека не е некоја друга птица? Затоа што истите лајнушки ги наоѓам на прозорецот. А ги имам и видено. Да. Ги имам. Ме чекаат. И кога ќе излезам од влезот од зградата, тогаш надлетуваат над мојата кола и се празнат. Проклети глупави птици.

Што? Па се… Просат за храна, седат по дожд на телефонските жици, одат како патки… И самиот збор им е глуп, гу-гу. Која друга птица зборува така? Птициве треба да се музикални. Да внесат веселост…

Овие внесуваат депресија. Види ги… со нивнава сива боја. Посебно на ден како овој денес, облачен, мрачен. Ги гледам на балконот, на оградата и се слеваат со боите на небото. Две. Не една – две. Демек, да им љубоморам што сум сам. Проклети сиви, монотони птици. „Е сега ќе видете.“

Ќе ги избркам… ќе ги смачкам со метлата. Ја фатив за дршката и замавнав. Летаат ко муви без глава. Ха-ха. Нема да се криете од дождов кај мене. Одете на друго место. Замавнав уште еднаш. И ете ги, глупи. Не ја сфаќаат пораката. Застанале малку повисоко. Аку ќе ги достигнам. Ќе се поткачам на столчето и ќе ги средам.

Гу-гу. Е сега ќе видеме дали ќе ме… Само што замавнав, столчето се лизна. Паѓам од трет спрат.

Многу мразам гугутки.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Јордан Коцевски
Дневникот на Демон Џонс
Беседа на промоцијата на книгата
Повеќе
0 replies on “Мразам гугутки”