Писмо за дивите цвеќиња

Сите утра пред да пристигнат со себе си земаат некој зрак за почеток на денот. Некои од нив се поблескави и со себе понесуваат многу свежина, којашто пријатно влијае на луѓето кои умеат да му се радуваат на животот. Обично, таквите луѓе денот го започнуваат со полна благодарност којашто дополнително им го разубавува денот. Спротивно на тоа, постојат утра кои заличуваат на затемнети денови, на измешани зајдисонца, на часови кои долго се мачат да го осветлат светот. Уште поверојатно е дека постојат и такви луѓе, кои за жал, се разбира, се наоѓаат на погрешна фреквенција.
Четириесет минути после осум часот, се будам со надеж дека е десет часот.
Почнувам да сфаќам дека доволно сум наспан и дека е време да започне уште една недела. Неделите ми се убави за неиспланирана прошетка, за ново писмо испратено до нова адреса, а понекогаш и за кафе-муабет со некој пријател.
Би било непристојно од моја страна, ако не спомнам барем дека имам две нови пенкала и доста сочувани зборови кои притискаат и го бараат својот правец.
Оваа недела треба да испратам нова порака, одлучно, си ветив дека ќе другарувам со пенкалото и тишината. Ова писмо реката треба да го однесе до една карпа кај далечната клисура. Тоа има адреса на пристигнување, но не сум сигурен дали ќе успее да го прочита барем една од тамошните птици, кои се секако пожелни во приказната.
Неколку години наназад верувам во моќта на цвеќињата. Кога бев дете верував дека се посебни и убави, и само толку. Но, како минуваа годините, љубовта кон нив која обично генетски се наследува, ми откриваше сè повеќе тајни и необични нешта за животот и смислата на цвеќињата. Прво што сакам да нагласам е дека не постои неубаво цвеќе. Постои цвеќе коешто се поврзува со твоето срце, ти ја гали душата, ти разбудува убави чувства, сеќавања. Но, постои и цвеќе кое едноставно не буди ништо во тебе, или пак, твојата претерано и залудно потрошена енергија нема капацитет да ја разбере неговата појава. Се разбира дека сите луѓе имаат посебен, сопствен вкус и сензибилитет, па така и не е добро да се зборува за вкусот, бојата, аромата или било што друго.
Цвеќињата се чиста, неодолива и бесконечна енергија. Секој цвет засебно е вечен. Многу жени во историјата на човештвото биле заведени и побарани, но и испратени, благодарение на некое цвеќе. Интересно нели?
Веќе подолго време пишувам за цвеќињата, па некои жени во мојот живот ги споредувам со нив. Уживам да го правам тоа. Исто така, подолго време ги садам, ги негувам и живеам со нивната убавина.
Тоа оди заемно, причинува многу посебен шмек во животот. После десетици испратени писма, многу внимателно се одлучувам да го испратам и ова малечко писменце, кое го пишувам со сиот свој почит до една група цветови кои човек претешко успева да ги види и запознае.
Дивите цветови. Оние, над високата бела карпа. Цветовите на вечната тишина, цветовите на вечната борба и издржливост.
„Ве сакам. Неописливо и магично. Уште кога бев дете ве споредував со најхрабрите војници, таквите сили несомнено се испратени толку високо и толку далеку од останатиот свет. Вашиот живот е навидум вечно тивок, исполнет со спокојство и бескрајна чистота, но постојат нешта кои не се така лесни.
Успеавме да се сретнеме само неколку пати и после една стара средба испраќам писмо од моето срце до Вас;
Тешки денови минував во животот, секогаш се трудев да се прилагодам на некои нешта, но многу пати одеше многу тешко. Луѓето се неискрени и користољубиви суштества. Умеат сè што е нежно, убаво и посебно да го уништат или прилагодат на својата сопствена бедотија. Вие тоа одлично го знаете, затоа и сте многу далеку од нив. Оние кои се исклучоци од редот, тие или се на вашата фрекфенција или се некаде сами и по Божја волја заштитени. Вие имате голем дар да живеете сами, да се множите сами или делумно со помош на ветрот. Ние луѓето сме тотално исклучени од тоа. Но, затоа имате исклучиво тешка задача, а тоа е да не откривате за вечноста, за животот на кралските птици, за бурите и невремињата кои први ги гледате и доживувате. Вашиот живот е толку посебен. Колку е тоа убаво да се наоѓаш над огромна бела карпа, со своите најблиски, прв да го почувствуваш допирот на сонцето, прв да се искапеш со ситните дождовни капки, прв да излезеш од килимот на снеговите, да го набљудуваш громот со неговите молњи, да го видиш раѓањето на малите орли, да бидеш вечност, најпосле. Морам да Ви кажам дека имате прекрасен живот. Но, во деновите пак, кога сонцето неприкосновено ја загрева земјата, доаѓа Вашата борба. Тревата се претвора во долга и жолта бесконечнот, но Вие сè уште сте тука. Чудесно сте тука, меѓу пукнатините на белата карпа. Барате вода, се држите силно и непобедливо истрајувате. Чудесни мои диви битија, секоја чест за вашата издржливост.
Таа е толку ретка меѓу нас луѓето. Благодарение на Вашиот пример, понекогаш расплакан ги стегнувам тупаниците и се вбројувам меѓу Вашите групи. Морам да Ви кажам дека ова писмо го испраќам за да побарам малку од Вашата утеха, но и да почувствувам колку свежина и радост има во Вашиот живот. Сакам да Ви ветам дека само неколку луѓе ќе се обидам да ги споредам со Вас во мојот живот. Тоа е многу тежок момент и бара особена аналитика и претчувствителност. Во краен случај тоа е привилегија од прв размер. Диви, истрајни и прекрасни личности се тоа. А, такви се Вашите квалитети. Толку едноставни, а толку моќни.
Со многу почит, до наредно видување.“
Мај, 2019

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
ВЕТУВАЊЕ
Тогаш, тајно ќе те одведам оттаму повторно до срцево
Повеќе
0 replies on “Писмо за дивите цвеќиња”