ВПИЈ МЕ
Кога те вдишував, мирисаше на вечност
и мислев дека сме посилни од заборавот
а не како река што тече и ја губи својата трага
некаде во понорот на ровката почва…
Ќе испливаме некогаш на површина,
така прават сите подземни води…
но ќе ни треба многу време за повторно
да се слееме заедно, а неизвесно е дали некогаш
ќе станеме океанот што замислувавме дека ќе бидеме
(ОД ХЕРОЈСКА / ЕРОТСКА КНИГА)
ПРИЈДИ МИ
Песните не ми се доволни
да можам да се капам со нив
кога те нема да ми ја матиш водата
Треперам пред исчекот на секој нов стих
како нежно хартивче пред пламен
Чекањето ми ја возбудува секоја клетка
која ја менува днк структурата
од помислата дека ќе ни се сретнат телата
Копнежот по допири трае премногу долго
за овој кус живот во кој не знаеме
каде ќе нè стемни и дали ќе нè раздени
Не одложувај ги нашите воздишки
за некои идни животи
во кои можеби ти ќе си плима а јас – осека
Пријди и дозволи ми да те потопам како Атлантида
за само јас да знам каде секогаш одново да те најдам
Пријди и дозволи ми да се вкотвам во твоите заливи
А ти, мое немирно море – севезден ќе ме лулаш…
(ОД ХЕРОЈСКА / ЕРОТСКА КНИГА)