МАНАКИ 44: Да се нурне во прекрасното непознато

Минатиот месец Битола пулсираше во ритамот на Манаки! Со богата официјална и офф-програма распределена низ една седмица, интернационалниот фестивал на филмската камера кој ги слави првите кинематографери на Балканот, го одбележа своето 44-то издание.
Овогодишен лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус беше оскаровецот Питер Бижу (Мисисипи гори, Пинк Флојд: Sидот, Друга земја, Во името на таткото, Животот на Брајан), а кинематограферот Шејмус МекГарви (Покајание, Ана Каренина, Ноќни животни, Треба да разговараме за Кевин, Часови) е лауреат на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ ѝ ја додели на актерката Лабина Митевска која, меѓудругото, шест години беше директорка на ИФФК „Браќа Манаки“. Филмаџиите и вљубениците во седмата уметност имаа неповторлива можност да ги проследат мастеркласовите одржани од Бижу и МекГарви, на кои тие двајца зборуваа за своите почетоци и работата во филмскиот свет. Вториот фестивалски ден присутните можеа да го слушнат разговорот „Гласови што даваат сила“ на осум кинематограферки и барем малку да се запознаат со предизвиците што ги имаат жените во оваа професија, а последниот ден Жан Мари Дружу одржа работилница каде зборуваше за снимањето на Нотр Дам гори.
Во текот на седумте фестивалски денови беа прикажани дваесеттина краткометражни и документарни филмови, а во главната конкуренција публиката можеше да проследи точно 12 филмови, и тоа: Домаќинство за почетници, Club Zero, Nostalgia, Past Lives, About Dry Grasses, Asteroid City, Perfect Days, Only the River Flows, La Chimera, Fallen Leaves, Anatomy of a Fall, Лена и Владимир. Сите филмови ги поврзува една главна нишка, интересот за човечките судбини.
Наградата „Златна камера 300“ им припадна на кинематограферите Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот За сувите треви на режисерот Нури Билге Џејлан, наградата „Сребрена камера 300“ на Ченгма Жијуан за филмот Само реката си тече, а со Бронзена камера 300 беше награден Паоло Карнера за работата на филмот Носталгија. На Наум Доксевски му беше доделено посебно признание за филмот Домаќинство за почетници.

Клуб нула (Club Zero, 2023)
режија: Џесика Хауснер
кинематографија: Мартин Г’шлахт

Приклучувајќи се кон тимот на едно приватно интернационално училиште, госпоѓица Новак, нутриционист, основач и предавач во клубот Нула, започнува да шири опасни идеи. Секој од петмината средношколци има различни причини за да го „оправда“ своето учество на предавањата – од борба против конзумеризмот и спас на планетата, сè до кредитите што ги носи курсот. Хедонизмот е истисната, дистописка идеја. Во време кога трендот на броење калории е надминат, концепот на т.н. свесно јадење и хранење со светлина започнува опасно да заведува. Преку манипулативните техники на Новак (и сатира), филмот на Хауснер ги испитува нарушувањата и односот кон храната, телото и телесното.

Носталгија (Nostalgia, 2022)
режија: Марио Мартоне
кинематографија: Паоло Карнера (Бронзена Камера 300)

Неизбежното, долгоочекувано враќање дома, за Феличе ќе биде обележано од соочувањето со товарот на минатото и урантините кои ги напуштил. Проблемите на југот од Италија остануваат исти, и покрај неговото неколкудецениско отсуство. Неапол, за него, не е само спомен на потеклото и детството, туку и одредница за вината од која човек не може да побегне. На средина помеѓу искупувањето и припаѓањето стои носталгијата што ги обликува спомените, и личниот и културниот идентитет.

Минати животи (Past Lives, 2023)
режија: Селин Сонг
кинематографија: Шабир Киршнер

Замислен преку три клучни збогувања, дебитантскиот филм на Сонг сведочи за пријателството и искрената љубов помеѓу Нора (во чиј лик се наѕира одразот на режисерката) и Хае Сунг, трансформацијата и созревањето на нивниот однос, фазите низ кои тој природно минува. Раздвоени од корејските ученички клупи во детските години, по долгогодишен распон, тие повторно се среќаваат, овојпат како возрасни во хаотичниот Њујорк. Времето не успева да ги избрише емоциите и верноста кон блиските, а навлегувањето на недовршеното минато ќе донесе преиспитување и/ли помирување со сопствените избори.

What if this is a past life as well, and we are already something else to each other in our next life?

За сувите треви (About Dry Grasses, 2023)
режија: Нури Билге Џејлан
кинематографија: Џевахир Шахин и Куршат Уресин (Златна камера 300)

Додека го исчекува преместувањето во Истанбул, Самет, наставник по ликовно образование, заглавен е во неподносилвата, а толку сигурна сегашност од која не може да направи исчекор. Мирната атмосфера на зафрленото анадолиско село е нарушена откако тој ќе биде обвинет за недолично однесување и несоодветно зближување со Севим, негова ученичка. Отцепеноста од светот, материјалната сиромаштија и духот на касабата ќе го турнат во внатрешен конфикт и егистенцијална криза (обмислена преку исклучителната камера на Шахин и Уресин, играта со сенки и неверојатните пејсажи). Човековите состојби, поединецот во(н) колективот, желбата за (не)припаѓање, минатото и иднината се чести преокупации во филмографијата на Билге Џејлан, неговото најново филмско остварување „За сувите треви“ не претставува исклучок. Самет (о)станува човек кој длабоката несигурност ја крие зад цинизам и вијагра. Нурај, можеби сепак ќе промени нешто во него.

Совршени денови (Perfect Days, 2023)
режија: Вим Вендерс
кинематографија: Франц Лустиг

Пред почетокот на проекцијата, кинематограферот Лустиг изјави дека овогодинешниот слоган на фестивалот – „Прекрасното непознато“ го потсетува токму на протагонистот Хирајама. „Совршени денови“ е поетичен филм за малите ритуали на хигиеничарот Хирајама, филм што го следи неговиот богат внатрешен живот наспроти едноставноста на секојдневието. Тој сонува и фотографира во црно-бело, а зракот сонце меѓу гранките на дрвјата го следи и во сонот и во реалноста. Неговиот осаменички живот го „нарушува“ еден бакнеж, ненајавена посета и случајна средба. Самракот на Токио, меланхолијата на градот, молчаливата трпеливост, книгите на Аја Кода, Фокнер и Патриша Хајсмит – животот е збир на секојдневни, совршени моменти.

Само реката си тече (Only the River Flows, 2023)
режија: Шуџун Веи
кинематографија: Ченгма Жијуан (Сребрена камера 300)

Серија мистериозни убиства ќе ја покренат тмурната атмосфера во овој нео-ноар, сместен во 90-тите години на рурална Кина. Ма Же е полициски инспекстор кој ќе биде ставен пред професионален, но и животен предизвик. Правдата е неизвесна во ова загадочно место, а реалноста е дисторзирана од есенската магла, стравот и сонот.

Химера (La Chimera, 2023)
режија: Аличе Рорвахер
кинематографија: Елен Лувар

По излегувањето од затвор поради кражба на историски артефакти, започнува артуровото трагање низ лавиринтот на тагата и мртвите. Дали ќе успее да ги одгатне шепотот и мистеријата на етрурските гробови? „Химера“ е автентично современо портретирање на човековите состојби преку сонливиот надреализам и митското искуство. Препознатливата шармантна режија на Рорвахер (Happy as Lazzaro, Le pupille) го прави ова филмско патување магично!

Анатомија на едно паѓање (Anatomy of a Fall, 2023)
режија: Жистин Трие
кинематографија: Симон Бофис

Никој не знае дали се работи за самоубиствен пад или за убиство во моменот кога Даниел го наоѓа мртвото тело на Самуел. Набрзо, колебањето во исказот, полицијата ќе го протолкува како заштита и прикривање и од тој момент за Сандра започнува кошмарот во кој е обвинета за убиството на својот партнер. Втурната во вртлог обвинувања, неа не ѝ преостанува ништо друго освен да се брани со сопствената вистина. Судењето насилно ја изложува интимноста на семејството со цел да го прикаже раздорот меѓу сопружниците и да ја потврди нејзината вина. „Анатомија на едно паѓање“ силно отскокнува од дефиницијата за жанрот на судска драма. Внимателно дисекцирајќи го и откривајќи го односот на партнерите и нивната позадина, односот меѓу мајката и синот, се навраќа на мнението и вистината за кршливите меѓучовечки релации кои никако не се црно-бела материја.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Животот е фатиморгана, кој фати, фати!
Животот воопшто не е тежок, тој е само еден меур од сапуница...
Повеќе
0 replies on “МАНАКИ 44: Да се нурне во прекрасното непознато”