Криво рало

Книга на месец ноември

Кога го извадив ножот од куферот полн со алишта, обвиткан во старо платно, валкано, со темни дамки и врзано во јазол на средината, бев на седумгодишна возраст. Сестра ми, Белонисија, која се наоѓаше покрај мене, беше една година помала. Пред тој настан, двете игравме во тереирото од старата куќа, со кукли направени од кочани од пченка собрани претходната недела. Ја користевме пожолтената пченкарна свила како алишта за облекување на кочаните. Велевме дека куклите ни се деца, ќерките на Бибијана и Белонисија. Кога видовме дека баба ми се оддалечува од куќата одејќи крај едната страна од тереирото, се погледнавме, тоа беше знак дека теренот е слободен и дека дошло време да откриеме што крие Доњана во кожениот куфер, помеѓу ветвите алишта со мирис на всалена маст. Доњана забележуваше дека растеме и стануваме љубопитни и дека затоа влегуваме во нејзината соба за да поставиме прашања за разговорите што сме ги слушнале и за работите што не ни беа познати, исто како предметите во нејзиниот куфер. Родителите постојано нè прекоруваа. А особено баба ми, доволен беше нејзиниот строг поглед за да почувствуваме морници или жарење на кожата како да сме се доближиле до запалена клада.
Поради тоа, кога ја видов дека тргнала низ дворот, ја погледнав Белонисија. Решена да ги претресам нејзините работи, не се двоумев да тргнам, одејќи на врвот на прстите, кон нејзината соба за да го отворам стариот кожен куфер, дамкосан и со дебел слој прашина врз него. Куферот, откако знаевме за себе, секогаш се наоѓал таму, под креветот. Но прво отидов до вратата што излегуваше во дворот за да ја шпионирам и ја гледав баба ми Доњана како оди речиси влечејќи ги нозете кон шумата, која се наоѓаше зад бавчата и зад кокошарникот со стари седела. Во тоа време често ја гледавме како зборува сама, како бара чудни работи како на пример, некој – што не го гледавме – да стои подалеку од Кармелита, тетката што никогаш не ја запознавме. Од истото сениште бараше да стои подалеку од девојчињата. Тоа беа безброј неповрзани реченици. Зборуваше за луѓе што не ги гледавме – духови – или за луѓе за кои речиси никогаш не сме слушнале, пријателки и далечни роднини. Се навикнавме да ја слушаме Доњана како зборува низ дома, пред влезната врата, на пат кон полињата, во бавчата, како разговара со кокошките или со сувите дрвја. Белонисија и јас се гледавме, се смеевме тивко, и ѝ се доближувавме без да нè забележи. Се преправавме дека играме нешто близу до неа само за да ја слушаме а потоа, на куклите, на животните и на растенијата, им го повторувавме тоа што го кажуваше Доњана како да е нешто сериозно. Го повторувавме тоа што мајка ми тивко му го велеше на татко ми во кујната. „Денеска зборуваше многу, од ден на ден сè почесто зборува сама.“ Татко ми одбиваше да признае дека баба ми покажува знаци на деменција, велеше дека мајка му цел живот зборувала сама со себе, дека цел живот ги кажувала истите молитви и магии не обрнувајќи внимание на околината исто како кога ќе се замислела за нешто.
Дента, слушавме како се оддалечува гласот на Доњана низ дворот, помеѓу кракањето на кокошките и појот на птиците. Се чинеше дека молитвите и тоа што ги кажуваше, и што најчесто немаше смисла за нас, да заминуваше некаде далеку, заедно со здивот од нашето возбудено дишење поради престапот што се подготвувавме да го направиме. Белонисија се пикна под креветот и го повлече куферот. Кожата од мошусна свиња што го покриваше нерамниот под се собра под него. Сама го отворив куферот, очите ни блескаа. Кренав неколку парчиња ветви алишта и неколку што ги задржале живите бои на светлината од ведриот ден, светлина што никогаш не успеав да ја опишам точно. И помеѓу лошо здиплените и наредени алишта се наоѓаше валкано платно што обвиткуваше предмет што ни го привлече вниманието, како да станува збор за скапоцен накит што нашата баба го чува како голема тајна. Јас го одврзав јазолот, внимавајќи на гласот на Доњана што сè уште беше далеку. Ги видов очите на Белонисија како блескаат поради тоа што го откриваме, небаре станува збор за нов дар, искован од тукушто ископан метал од земјата. Го кренав ножот, кој не беше ни голем ни мал, пред нашите очи, и сестра ми побара да го допре. Не ѝ го дадов, прво јас сакав да го видам. Го мириснав, но го немаше силниот всален мирис на работите што ги чуваше баба ми, немаше ни дамки ни гребнатини. Мојата реакција во тој кус временски период беше да ја истражам колку што можам повеќе тајната и да не ја пропуштам шансата да ја откријам употребата на предметот што сјаеше во моите раце. Го видов одразот од дел од моето лице како на огледало, и одразот од лицето на сестра ми, малку подалеку. Белонисија се обиде да ми го земе ножот од рака и јас се повлеков. „Пушти ме да го подржам малку, Бибијана.“ „Почекај.“ Во тој момент го ставив металот во устата, имав огромна желба да го вкусам, но во истиот миг ножот ми беше одземен насилно. Моите очи останаа ширум отворени, отсликани во очите на Белонисија, која исто така го ставаше металот во устата. Металниот вкус што ми остана на непцата се спои со вкусот на топла крв што се лизгаше низ работ на мојата полуотворена уста и почнуваше да ми капе од брадата. Крвта почна да го натопува со темни дамки валканото платно во кое беше обвиткан ножот.
И Белонисија го тргна ножот од устата, но ја крена раката како да сака да земе нешто со неа. Усните ѝ беа бојадисани во црвена боја, не знаев дали тоа беше од возбудата од вкусот на среброто, или, исто како и јас, се повредила, бидејќи и од нејзината уста течеше крв. Се обидов да голтам колку што можам повеќе, а сестра ми си ја триеше устата со брзи движења, со зашеметен поглед и затворајќи ги очите за да ја оттргне болката. Ги слушнав бавните чекори на баба ми викајќи ја Бибијана, викајќи ги Зезе, Домингас, Белонисија. „Бибијана, зар не гледаш дека изгореа компирите?“ Мирисаше на изгорен компир, но се чувствуваше и мирисот на металот, на крвта што ги натопуваше моите алишта и оние на Белонисија.
Кога Доњана ја крена завесата што ја одделуваше собата во која спиеше од кујната, јас веќе го имав кренато ножот од подот и го имав завиткано некако со натопеното платно, но не стигнав да го турнам кожениот куфер под креветот. Го видов зачудениот поглед на баба ми, која ја спушти крупната рака врз мојата глава и врз главата на Белонисија. Ја слушнав Доњана како прашува што правиме таму, зошто куферот не ѝ е на место и од каде е таа крв. „Зборувајте“, рече, заканувајќи ни се дека ќе ни го отсече јазикот, за кој не знаеше дека се наоѓа во рацете од едната од нас.

 

2

Родителите се вратија од својата работа во поле и ја најдоа баба ми вџасена, со нашите глави потопени во корито полно со вода и извикувајќи: „Остана без јазик, си го исече јазикот.“ Тоа го повторуваше толку пати што, во првиот момент, Зека Голема Шапка и Салустијана Николау навистина помислија дека двете ќерки биле осакатени во таинствен ритуал за кој, според нивните верувања, ќе биде потребна многу голема мечта за да се објасни. Коритото, всушност, беше црвен глинен сад, а ние, и двете, плачевме. Колку повеќе плачевме прегрнати, сакајќи да се извиниме, толку потешко беше да се открие која го загубила јазикот, која ќе мора да оди во болницата оддалечена неколку километри од хациендата Црна вода. Управителот на хациендата пристигна во еден форд рурал во бела и зелена боја за да нè одведе во болница. Тој рурал, како што го викавме, го користеа газдите кога доаѓаа во хациендата, а Сутерио за својата работа како управител, за да оди од Црна вода во град, или за да се движи низ хациендата кога не сакаше да оди на коњ.
Мајка ми ги собра покривките и чаршафите од креветите и од масата, за да се обиде да го запре крвавењето. Викаше по татко ми, кој со растреперени раце нетрпеливо собираше тревки од ливадата до куќата, покажувајќи го својот очај во гласот, што стана пописклив, и во вџасениот поглед. Тревките беа потребни за молитвите и магиите на патот до болницата. Очите на Белонисија беа црвени од толку плачење, моите не можев да ги почувствувам, а мајка ми збркана прашуваше што се случило, со што сме играле, но нашиот одговор беа долги и неразбирливи лелеци. Татко ми го држеше јазикот обвиткан во една од малкуте кошули што ги имаше. Дури и во тие моменти, се плашев јазикот да не почне да зборува сам, во неговиот скут, и да каже што сме сториле. Да каже за нашата љубопитност, нашата своеглавост, нашиот прекршок, за нашето неуважување и непочитување на Доњана и нејзините работи. Или уште полошо, за нашата неодговорност што сме го ставиле ножот во устата, знаејќи дека со ножевите се колат пленот и животните во дворот, и се убиваат луѓето.
Татко ми го покри малиот врзоп со тревките што ги собра на излегување. Од прозорецот на возилото ги видов брат ми и сестра ми околу Доњана, и дона Тоња како ја држи за рака и ја води назад дома. Многу години подоцна ме гризеше совеста поради тој ден, затоа што ја оставив баба ми збунета, во плач, чувствувајќи се неспособна да се грижи за некого. Во текот на патувањето, ја гледавме загриженоста на мајка ми во тивко кажаните молитви и во нејзините закоравени и секогаш топли раце, што во тој момент се чинеше дека излегле од сад со вода што ја минал ноќта изложен на ноќниот студ.
Во болницата се задржаа пред да нè прегледаат. Родителите седеа стуткани во еден агол покрај нас. Ги гледав извалканите панталони со земја на татко ми што немал време да ги пресоблече. Мајка ми имаше шарена шамија врзана на главата. Истата шамија што ја носеше под шапката за да се заштити од сонцето кога работеше во поле. Ни ги бришеше лицата со тоа што го носеше во врзопот алишта, често со некое ново парче со мирис на долго чувана ткаенина што не можев да го препознам. Татко ми сè уште го држеше јазикот обвиткан во кошулата. Тревките ги ставил во џебовите од панталоните, можеби од срам да не гледаат со презир кон него како кон некој што се занимава со магија во тоа место што му беше непознато. Тоа беше првото место на кое видов повеќе бели луѓе од црни. И видов како нè гледаат љубопитно, но без да ни се доближат.
Кога лекарот нè одведе во салата и татко ми му го покажа јазикот како овенат цвет во неговите раце, го видов како одмавнува со главата. Ја слушнав и неговата воздишка кога ни ги отвори устите речиси истовремено. Таа ќе мора да остане тука. Ќе има проблеми со говорот и со голтањето. Нема шанси да се направи имплантација. Сега знам дека тоа се вика така, но во тоа време немав поим што значи тоа, а ни татко ми ни мајка ми. Во тој момент Белонисија речиси не ме гледаше, но сè уште се држевме заедно.
Ни ги сошија раните и нè задржаа таму уште два дена. Заминавме со цел товар антибиотици и аналгетици во рацете. Требаше да се вратиме за две недели за да ни ги извадат конците. Требаше да јадеме каши и пире, мека храна. Мајка ми престана да работи во поле следните недели за да се грижи за нас. Само на едната ќерка ѝ беа оштетени говорот и голтањето. Но молчењето ќе стане нашата главна состојба по тој настан.
Никогаш немавме излезено од хациендата. Никогаш немавме видено толку долг пат со возила што се движат покрај нас, што одат до најоддалечените места на Земјината топка. Така рече Сутерио. На одење бевме многу загрижени, поради мирисот на крвта што се згрутчуваше, поради молитвите на татко ми и на мајка ми кои беа вџасени. Управителот на хациендата се смееше и велеше дека децата биле како мачките, дека често исчезнувале, во еден момент биле ваму, а кусо потоа онаму, подготвени секогаш за задавање некоја главоболка на родителите. Тој имал деца и многу добро знаел што значи тоа. На враќање имавме болки, едната повеќе од другата, двете бевме еднакво исцрпени, и покрај тоа што повредите ни беа различни. На едната јазикот ѝ беше отсечен, а другата имаше длабока исеченица но не го загубила.
Никогаш се немавме качено во фордот рурал на хациендата или во некој друг автомобил. Колку се разликуваше светот надвор од Црна вода! Колку се разликуваше градот со куќи прилепени едни до други, одделени само со еден ѕид. Улиците со калдрма. Подот во нашите куќи и патиштата во хациендата беа од земја. Од земја, што ни служеше за готвење на јадењето за нашите кукли од кочани од пченка, и од која произлегуваше речиси сè што јадевме. Во која ги закопувавме остатоците од породувањата и папокот на новороденчињата. Во која ги закопувавме останките од нашите тела. Во која ќе завршиме сите еден ден. Никој не избегал од тоа. Сето тоа можевме да го видиме дури при враќање, седнати на страните од возилото, со мајка ми на средината, потоната во мисли предизвикани од нашето страдање.
Кога пристигнавме дома, таму беа само Зезе и Домингас, во друштво на дона Тоња. Го видов татко ми како прашува за Доњана додека мајка ми нè фаќаше за рака пред вратата. Пред неколку часа отиде до реката, му одговори дона Тоња. Сама? Прашаа двајцата. Да. Замина носејќи еден врзоп со себе.

 

Делото е објавено со поддршка од Специјалниот секретаријат за култура при Министерството за туризам на Бразил/Фондацијата Национална библиотека и од Министерството за надворешни работи.

Превод од шпански јазик: Виолета Јагев

Тагови од објавата
0 replies on “Криво рало”