Беше есен. Не знам дали беше студена, бидејќи јас бев претворена во суштество со камена кожа, железно срце и низ мојот метален нервен систем протекуваше црвено обоена вода. Врз лицето имав префрлено секогаш еден ист скаменет израз, за кој и не бев свесна. Егоистично штедев на своите зборови; тие најчесто се претвораа во искршено ехо, кое се одбива од ѕидовите на мојата потсвест. Кој би рекол дека една ваква конструкција може да поседува харизма?
Се испостави дека поседувам нешто што виенските дождови не го допираа, не го бришеа, не го ’рѓосуваа. Нешто што привлече неколку прекрасно налудничави луѓе, кои се хранеа од моето студенило, ја почитуваа мојата рамнодушност и се вљубуваа во мојата меланхолија.
Во тоа време на сурово студенило често наоѓав прибежиште во околната шума, каде во сончевите денови виенските кучиња ја живееја својата слобода. Веројатно и јас ја живеев мојата. Бидејќи бев во потрага по своина, открив една осамена клупа и ја нареков своја. Чувствував потреба да откријам некоја таинствена енергија, која ќе ми го олесни или разјасни времепостоењето.
Клупата ми отвори нова надворешна и внатрешна перспектива на перцепција, преку која животот можеше да апсорбира една поинаква енергија, која иако можеше да се опише како деструктивна, сепак беше неодолива. Зрачеше од дрвјата што ме опкружуваа: гордо исправени, со раскошни крошни, дозволуваа мојот онесвестен копнеж да се појави за момент, заборавениот збор „љубов“ повторно да го пронајдам во својот вокабулар, нападната самотија да добие смисла.
Тоа траеше сѐ до моментот кога забележав дека тие разгранети творби не се совршени: дрвјата се обидуваа да се ослободат од своите тукушто зачнати гранки. Насилно им го ускратуваа биолошкиот развој на своите чеда и ги оставаа да закржлават, го кастреа нивниот раст и ги осакатуваа. Дури и нивната форма наликуваше на човечки фетус. Како одново да го открив вечниот процес на мајката природа… Твори и осакатува, креира и уништува.
Не знаев, а сакав да знам дали истото го забележа и човекот, кој исто така имаше најдено своина овде. Секогаш седеше на стол на расклопување, секогаш поставен на истото место, секогаш од скутот надолу покриен со карирано ќебе. Долго пишуваше, а одвреме-навреме ѝ фрлаше топче на својата мила и здодевна пудлица, која постојано трчкаше палаво до топчето и се враќаше оставајќи го во скутот на човекот. Веројатно беше писател и ја живееше својата инспирација токму на тоа место. Кога го немаше ми недостигаше, бидејќи и тој стана неодвоив дел од мојата одново стекната слобода во шумата. Никогаш не го поздравив, но молчаливо и длабоко го почитував.
Кога конечно решив да проговорам со некого, сакав да проговорам со него. Сакав да го прашам дали смета дека е декадентно тоа што дури и дрвјата абортираат гранки. Но човекот не дојде повеќе. Веројатно бидејќи веќе беше дојдена зимата.
Неа некако ја преживеав, постојано натпреварувајќи се со неа во степенот на студенило.
Кога сонцето ги фрли на улица првите издолжени сенки од покривите, повторно мислев на мојата клупа, на дрвјата што абортираат гранки, на човекот.
Со искра радост, која беше новина во овој период од животот, се одвезов со трамвај до крајот на градот. Шетав по мократа земја и листовите што се распаѓаа. Уште од далеку видов дека мојата клупа е зафатена. Една жена во црно читаше некаква скрипта и одвреме-навреме го креваше погледот кон дрвјата. Почувствував мешавина од лутина, гнев и тага. Љубезно ја замолив да ми одобри да седнам на (мојата!) клупа. Одеднаш вниманието ми го привлече милата здодевна пудлица, која палаво трчкаше со топчето во муцето. Се огледав наоколу и со возбуда очекував да се појави и човекот. Тукушто сакав да станам да го погалам слаткото бело палаво суштество, тоа се упати кон клупата и го спушти топчето во скутот на жената. Тогаш за првпат по долго време почувствував вистински студ.
Жената ја остави скриптата на клупата, го фрли повторно топчето и долго гледаше во дрвјата. За тоа време успеав да ги прочитам следниве редови од ракописот: „Вечниот процес на мајката природа: таа раѓа и абортира, твори и осакатува, креира и уништува. Таа е семоќна. Девојката го знаеше тоа, затоа не се гордееше со својата женственост. Преживувањето е, сепак, нешто со кое можеме да се гордееме.“
Почувствував остар бодеж во утробата, студени морници ми поминаа низ цело тело. Брзо и збунето ја поздравив вдовицата и заминав. Чувствував топлина во нејзиниот поглед, кој почиваше на мојот грб, но не се вратив. Никогаш повеќе. Уште преживувам.
(1995 година)
Од збирката раскази „Систем на сетилности“, во издание на „Антолог“.