Кон „Координати на болката“, на патот кон самиот себе

Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.

Ние сме нашите сеќавања, тој химеричен музеј на променливи облици, тој куп искршени огледала.

Хорхе Луис Борхес

Уште од самото појавување на писателската сцена, Александра Спасеска се карактеризира со една препознатлива поетика, низ која се преплетуваат гласовите на минатото, модерниот израз на сегашноста и личното, како каменот-темелник врз којшто ги гради своите принципи, ставови и однос кон надворешниот свет. Сепак, она што најмногу остава впечаток е дека Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.
Патот кон себеси започнува со „Прости песни“ и продолжува со „Координати на болката“. „Координати на болката“ започнува со Ars Poetica, своевидна химна на книгата, на поезијата, каде што поетот е медиум на болката, на човечкото, кое се преточува во песна и така патува кон сите дестинации на срцето:

да знаев да премолчувам и да викам гласно
од љубов, од мака, од жолч,
да знаев кога треба држење за рака,
а кога држење страв, да знаев да зборувам,
јас
немаше да пишувам поезија.

Веќе имам напишано дека најдалечниот пат е оној до самиот себе. Во „Координати на болката“ тоа само се потврдува. Александра почнува од раното детство или од „времето на невиноста“, како што го нарекол Вилијам Блејк, и од домот како точка на оддалечување и разделување од детството. Ако треба да се лоцира првата координата на болката, таа сигурно би била детството и младоста, кога се раѓаат првите моменти на сеќавање на самите себе среде животот којшто се живее, и со тоа покрај убавината на детството, доаѓаат и сеќавањата на траумите. Загубата на близок и загубата на домот, чувството во кое се изгравирани минатото, сегашноста и иднината, имаат свој ритам проследен со мелодичноста и топлината на архаичниот јазик на авторката: Раните уште/отворени му ранат/очи-јами суви зјаат/раце празни, души траат. Тука почнуваат и силните слики од младоста и првите мигови на искуството врз кое се исцртуваат трајните сеќавања, каде што растеме далеку од очекувањата на другите, секој со свој чекор кон големото непознато: татко ми вели/за инает родена сум/а јас преродена/во твојот кревет/мачка истегната/гребам… Тука некаде координатите на болката започнуваат да прават лавиринт низ кој се среќаваат младоста, љубовта, загубата, копнеењето, свесноста за себе, свесноста за светот и пробисветот, поривот за слобода…

Спасеска низ песните ги вади на виделина сеќавањата за она што го прави човекот, сите нешта кои го сочинуваат материјалот од којшто е направен човекот. Низ песните во сите четири дела се чувствува сигурното чекорење назад во сеќавањата, тие точки расфрлени по бесконечната линија на времето во кои тлее жарот на минатото. Младоста, слободата, љубовта го одредуваат растот и промената кои Спасеска искрено и храбро ги разоткрива пред читателот. Дали е олеснувачки? Дали се надева дека во изложеноста на искуството кое доаѓа со детството и младоста, сите сме еднакво ранливи? Каков и да е одговорот, „Координати на болката“ нè носи на познато место. Особено кога доаѓаме до песните за љубовта, кои го сочинуваат јадрото на книгата, и неретко изворот на болката од која растеме. Се наметнува прашањето како да љубиме, а да останеме верни на себе? Ги накалемувам на себе/твоите болки/твоите стравови…ги преоблекувам/ во моите копнежи/и моите стрвови. Но она што е силно изразено за љубовта е храброста да се признае сопствената кршливост кога се љуби, а сепак да се продолжи да љуби: само помислувам на тебе триста пати на ден/и се распаѓам на триста светови, триста пати/те проколнувам, и не сум луда. И сето тоа во тишина, која често е точката на чекање на пат кон некоја следна дестинација, и во себе го носи сиот чемер на копнеењето, кој најсилно пулсира во тишина каде се раѓа крикот во кој е собрана сета надеж за ослободување, за бегство. Вљубувањето е прагот што го пречекоруваме за да нè однесе во свет за двајца, каде што нема ни сенки од светот кој сме го оставиле зад себе пред да љубиме.

Времето за авторката е и учител и мачител; го дава знаењето и искуството, и како одминува, ја заробува слободата на духот и телото. Оттука желбата да се остане засекогаш дете, во времето на невиност и бестрашност, каде што суровоста на она што го носи времето е невидлива, непостоечка: очите ни се црвени/од блицот на времето/стоиме небаре врамени/во вртоглав круг/време во пранги/време во лет/-Пушти ме да се свртам само уште еднаш!

Низ целата книга доминира и темата на рацете, таа врска на авторката со реалното и тактилното, рацете како симбол на реалноста на постоењето и на слученото, па дури и врската со детството, кога сè што буди интерес треба да се допре за да се потврди неговото постоење. Допирот е битен дел за Спасеска, тој ja пренесува топлината кога љубиме, кога живееме, го пренесува студот кога се разделуваме, и со живите и со мртвите; рацете имаат своја меморија, врз која времето го испишува својот тек: ги гледам/закоравени груби/ги гледам… неба прошарани/ вени набрекнати/…им бројам години/им калемам долгови.

Најпосле, домот низ песните: што е домот кога некој посакува слобода? Кој е домот дури? Се чини секогаш го бараме тоа место каде што смееме да се вратиме и да сме она што отсекогаш сме биле, без осуда од кого и да е, без студ, без осаменост во која лесно се губиме, па затоа авторката токму тогаш, најмногу инсистира да се најде патот до дома. Градот е една од координатите на патот кон домот: добро те најдов, граду врел и ладен/граду љубен и страден/граду мој, од воздишки/и сништа големи граден. Домот е онаму каде што е слободата, градот е слобода, оттаму, градот е домот каде што авторката слободно сонува, се губи, се бара, се наоѓа. Во делот посветен на градот, влегуваме во калеидоскопот на животот, каде што жената во себе го носи товарот на секојдневието, сите повреди на телото и духот од кои е создадена, ама слободна. Жената која стои исправено во песните одбива да биде припитомена, затворена во кафез и дресирана. Таа едноставно сака да биде. Точка.

Читајќи ја книгата се добива впечаток дека шетаме низ музеј од спомени низ кој ечи минатото, низ него авторката нè води тивко и нежно, шири светлина со едни, ве држи за рака во темнината на други песни. И знаеме веќе, и на влезот и на излезот од тој музеј, стои песна, оти тоа е начинот што Спасеска го бира за да отвора нови врати во самата себе, тоа е уште една од координатите која ја носи дома, кон самата себе:

Знам. Стои пред вратава.
Неканетата.
Пушката откочена.
Водата неистечена.
Крвта стајана.
Таа е, песната.

*

Враќање дома

Добро те најдов, граду врел и ладен,
граду љубен и страден,
граду мој, од воздишки
и сништа големи граден.

 

Скопска

Често итаме така
со сведната глава
низ улици полни
и погледи празни
и сакаме
за миг
да кажеме:
– Пријателе,
еве ти топла една рака,
но ладот се свива
низ модрите усни,
па подголтнуваш
се сведнуваш
издивнуваш:
„Можеби подобро е вака“

 

Дома

Поблиску
до сонцето, до земјата,
татковиот стисок, мајчиниот здив.

Прекутрупа
за арно, за живите,
задушница, засекогаш.

Молк.

Одиме
во матицата, во зеницата,
во огништето или во огнот?

Тагови од објавата
0 replies on “Кон „Координати на болката“, на патот кон самиот себе”