Звукот доаѓаше оддолу, од дневната соба. Необични човечки гласови. За момент бев сигурна дека сонувам, затоа што не разбрав ниту еден збор од она што се говореше. Потоа, ја слушнав баба ми како тивко ’рчи покрај мене. Така узнав дека се будам. Станав, се шмугнав покрај нејзиното ситничко тело, се проврткав по собата, па легнав на подот ѕиркајќи надолу по скалите. Низ тутунскиот чад што ја исполнуваше дневната соба, видов еден постар маж како седи на каучот, а покрај него – неговата млада сопруга. Мажот беше облечен во кафеаво палто и сина кравата; жената носеше зелена наметка, а под неа – светла кошула со тантела околу вратот. Стариот Магнус седеше на столчето спроти нив, додека Гудлоуг стоеше до него со ѓезве в рака, сипувајќи кафе во шолјата. Тато седеше на столчето под прозорецот, а мама, свртена кон него стоеше понастрана од чадот и од мажовиот монолог, кој заврши така што младата жена со тантела рече нешто и покажа на својата шолја кафе. Се чинеше како да ѝ се обраќаше на мама, која со насмевка кимаше. Но, тоа не беше онаа насмевка што ми беше позната; па дури мајка ми ми се виде малку и чудна, и згрбавена, додека седеше таму до ѕидот од дневната соба. Но, потоа малку се подисправи, кога тато кажа неколку збора, за кои знаев дека се одговор на прашањата на таа жената од странство. Во тој момент, посетителите станаа за да си тргнат, а Магнус и тато ги испратија надвор. Тогаш ја разгледав подобро облеката на жената, бујната здолница, стегната околу нејзиниот тесен струк, се протегаше на сите страни, при секој нејзин чекор замавтуваше по подот на дневната соба. Отползив назад полека, одново се испентарив преку баба; и се преправав дека спијам, кога мама ме погали по образот. Таа нежно ме допре по носот со показалецот. Видела дека бев будна.
Следното утро никој не ја спомeна оваа вечерна посета, а ни јас ништо не прашав. Всушност, не требаше ништо да знам. Доволно ми беше сеќавањето на тој непознат мирис, на ликовите на луѓето и на начинот, како тие некако ја беа прошириле нашата малечка соба од таа вечер. И не е дека постојано мислев на тие блескави гости, всушност, речиси и да заборавив на таа посета, сѐ до летото кога ѝ помагав на мајка ми во чистењето и кога видов една малечка шарена слика што лежеше над купот хартија на работната маса на татко ми. Лежеше врз неотворените пликови. Поштенска разгледница. Ја ставив крпата настрана и со двете раце ја зедов и држев пред себе:
Некаде во некој голем град се сноќуваше, но светлоста зрачеше од тлото што беше прекриено со снег, како и од необично големите снегулки што паѓаа на него. Едно девојченце ја влечкаше мајка си кон излогот за да ѝ покаже дека таму има голем ирвас. Еден маж со црн цилиндар и црн капут со крзнена јака, во едната рака нозеше пакет, а со другата ја водеше својата сопруга. Близу до нив еден млад човек влечеше божиќна елка, додека, пак, од другата страна на улицата една група момчиња фрлаа снежни топки кон сјајната црна колесница влечена од еден коњ и што поминуваше покрај нив. Сите нешто правеа, но како да беа замрзнати за миг. Сите освен една млада жена во десниот агол на сликата. Се чинеше како да стоеше неподвижно, пред да настапи моментот, и никако не можеше да се осознае дали се упатила кон другата страна на улицата или дали сака да продолжи по неа. Носеше темно сино палто, на главата имаше убава црвена шапка, а рацете беа во кожен муф притиснат силно на стомакот. Лицето ѝ беше многу појасно од останатите на разгледницата; изгледаше збунето.
Се прашував дали е сама таму, кога забележав дека зад мене стои мајка ми. Таа се наведна и со лицето ми се потпре на рамото за и таа да ја гледа разгледницата. Гледајќи отстрана видов како се насмевна, кога рече дека оваа божиќна честитка малку задоцнила. Потоа се исправи и продолжи да чисти. Ја свртев разгледницата. Била адресирана до Бренда Џонсон, а на горниот агол пишуваше: Њујорк, 15 декември, 1879 година. Ракописот беше нечитлив и неуреден и, секако, ништо не разбрав од она што било напишано. Но, имав чувство дека знам од каде разгледницата стигнала тука.
Подоцна истиот тој ден, по незначително наговарање, татко ми ми даде да си ја земам. Ја ставив во сандачето што го чував до нозете, за да ми биде при рака кога не ќе можев да заспијам по вечерното читање. И без оглед на тоа колку било темно таа зима, во 1880 година, секогаш ја имав таа глетка ако ја држев доволно долго пред себе. Во мракот, всушност, видов и нешто што претходно не го бев забележала: во тесната, споредна уличка, прекриена со снег, стоеја двајца мажи, елегантно облечени, еден спроти друг, и разговараа. Но, колку што гледав подолго, дотолку повеќе ми се чинеше дека нивното внимание, всушност, беше насочено спрема младата жена со црвената шапка. Ми се стори дека очајот на лицето ѝ се имал појавено затоа што била свесна дека ја гледаат; како да се обидуваше да се одлучи што да стори ако наеднаш заврши овој замрзнат миг.
Почувствував како раката ми паѓа. Разгледницата падна на ќебенцето и во тој миг младата жена со црвената шапка претрча преку улицата, низ големите украсни букви во горниот агол на сликата, СРЕЌЕН БОЖИК, а оттаму излезе од рамката. Во истиот миг и мажите се дадоа во движење, па тргнаа по истиот пат. Тие не трчаа, туку чекореа уверливо преку улицата, одлучно се пробиваа низ божикното честитање и веќе ги снема кога го слушнав крцкањето по скалите. Се сепнав и во полусон ми се беше присторило дека баба, тетаравејќи се, приоѓаше до креветот. Лежев со затворени очи, ја зграбив разгледницата и внимателно ја тутнав под ќебето. Баба се наведна, ама јас се свртив на другата страна. И пред нејзиното кркорење од градите да успее да ме задржи во тесниот свет на нашата таванска соба, јас бев вовлечена во мрачната споредна уличка и лебдев таму во својата бела ноќница над белите наноси снег, таму зад двајцата мажи и младата жена која тие ја следеа.
I
Симпозиум во Рејкјавик, март 1897 година.
Кон крајот на вечерта
„А таа имаше намера да ja купи оваа пафта за речиси петнаесет илјади американски долари. Од сопственичката, млада Исланѓанка, по име Брансон. Госпоѓица Селена Брансон.“ Гувернерот стана од столот. Се приближи до прозорецот од дневната соба и се загледа во снегулките кои лебдеа во воздухот, осветлувајќи ја мрак црната темнина на Лекјарторг: „И сега ве прашувам, драги мои пријатели, зар Сигурлина Брандсдотир не му е ќерка на Брандур Јонсон, научникот и писарот од Котум во Скјагафјордур?“
Шлаг на тортата! Но, овој заклучок ги стаписа гостите на највисокиот кралевски службеник на Исланд. Судијата свика: „Какви се овие глупости!“; Свештеникот се насмевна самодоволно: „О не!“; Магистратот извика: „Малечкана на Брандур?“; Поетот викна цинично: „Она малечкана!“; Историчарот извика: „Малечкана?“; Ризничарот се зачуди: „Петнаесет илјади долари?! Како може еден толку малечок и стар предмет да вреди толку многу пари? Зарем ова не се речиси сите пари на заштедата на исландската Национална банка?“
Но, седмиот гостин, стројниот и млад Уредник, не покажуваше никаква реакција. Седеше малку подалеку од останатите мажи, речиси до ѕидот. Се наведна нанапред со погледот вперен во една точка на килимот, ориентален и рачно ткаен, кој го покриваше подот на оваа раскошна стара соба. Тој се обиде да се потсети на лицето на девојката, но како пред себе да не гледаше ништо друго освен тенка бела туника околу ситничкото тело, набрана околу тесниот струк со украсен појас, убави гради покриени со тенки руси прамни, и правоаголно деколте со златен вез по грчки образец. Околу вратот имаше црна лента, а на главата – златна дијадема. И тогаш конечно го привика во сеќавање и лицето. Најпрво тенките усни кои се насмевнуваат под убавиот нос, малку поткренат, и ноздрите што се шират како девојката да сака да си ја задржи смеата, да си ги потисне сопствената сила и карактер. Очите ѝ се скриени зад црната маска. Но, тој сепак ги гледаше. Морско сини под тешките очни капаци. Магичен поглед што го разбеснуваше и возбудуваше, па почна да се смее и да си го шепоти името Сигурлина, а потоа ја крена главата и увиде дека сите го гледаат испитувачки: Гувернерот, Судијата, Свештеникот, Магистратот, Поетот, Историчарот, Ризничарот. Зарем очекуваа да каже нешто?
Младичот се потпре со грбот, на дебелиот каменест ѕид на оваа ниска дневна соба, на овој поранешен затвор, шупа, како што некои ја нарекуваат оваа официјална резиденција. Тој се потпре наназад и речиси исчезна зад кревкото тропско растение што стоеше до ѕидот веднаш до белата рамка на вратата што водеше кон излезот од просторијата. А таму, зад вратата, стоеше слугинката. Прислушкуваше. Тоа беше една висока и крупничка жена, со уво залепено на вратата. Во едната рака држеше празен кристален бокал, додека другата си имаше ставено пред уста. Но, откако никој од гостите на гувернерот, се чини, не реагираше на неговото прашање, ниту на она што го беше рекол, жената внимателно, но и решително се оддалечи од вратата. Потоа таа брзо и сталожено појде по ходникот, а оттаму се упати кон кујната. Кристалниот бокал го стави на маса, па си ја одврза престилката и си ја симна шапката. Кај задната врата, таа си го облече палтото, го закопча, па околу вратот си стави шал. Ја отвора вратата. Снежниот нанос обликувал ѕид кај влезот, што ѝ досегнува до бедрата, но не обрнуваше внимание, бидејќи иташе и пробиваше пат со толкава сила што околу себе го развејуваше новопаднатиот снег. Чекореше во насока на ѕидот од кршен камен што ја опкружува куќата и вешто се префрлуваше околу него.
Жената одеше со високи, кратки чекори по улицата Банкастраети, но кога дојде до Аустурстраети, поминувајќи покрај куќата на Ризничарот, за малку ќе ја изгубеше рамнотежата, поради што испушти крик – тој беше тивок, ама во мраз студената тишина на Рејкјавик, тој беше доволно гласен за да ja престраши младата девојка, па и да се боцне со иглата за шиење, додека седеше на својот најубав стол пред прозорецот на дневната соба и ги шиеше златните нитки во зелените утрински обувки. Млада жена стана од столот и ја принесе малата газиена ламба до первазот на прозорецот. Се потпре со бледото лице до стаклото, и додека си го лижеше раскрвавениот прст изусти: „Што ќе е ова итање?“ Во тој миг заитаната гувернерова слугинка веќе исчезна од нејзиниот видокруг во насока на запад. И продолжи одлучно, постепено забрзувајќи си го чекорот, сè додека не стигна до аголот на улицата Адалстраети. Таму налета на два разулавени, забивтани коња, па падна со лице надолу и нурна во наносот снег. Една старица што носеше вода, која стоеше мирно на снегот пред хотелот Исланд, произусти некакви остри и несмасни зборови во воздухот, но потоа се придвижи кон жената, па ѝ ја поддаде својата натечена и модра рака. Слугинката одмавна и сама се крена на нозе. Го истресе снегот од себе па продолжи по својот пат. Сега одеше со уште поголеми чекори од претходно, речиси трча, на крајот дури и ползи по снегот. Беше повеќе од јасно дека не сакаше да си го губи времето. Мора да стигне навреме до Брандуровата куќа, додека во главата сè уште ѝ беше јасна приказната за госпоѓицата Брансон, за малечката Лина, со сите свои дигресии, различности, со сите свои чуда.
Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.
Превод од исландски: Мери Кицовска