Од сѐ срце ѝ благодарам на комисијата: Јана [Михајловска], Владимир [Јанковски], Зорица [Николовска], многу ви благодарам за довербата што ја имате во моето пишување, трогната сум. Се разбира, и не е сега лесно да се каже нешто многу паметно.
Им благодарам на моите издавачи. Јас сум овде вторпат. Минатата година „Артконект“ и оваа година „Антолог“. Им благодарам што ги кандидираа моите книги за оваа награда, и на тој начин покажаа дека веруваат во мојата преведувачка работа, и ме исправија овде, на испитот, овие квалитетни, меродавни луѓе да судат за мојот превод.
Многу ми е драго што ја добивам наградата „Драги“, и сега тој збор – драг – ќе се повтори неколку пати и со големо задоволство ќе го повторуваме, нели? Затоа ја установивме, на некој начин, наградата, да се потсетуваме на нашиот колега кој од една страна, имаше така импозантен однос – да го преведеш Шекспир сосе сонетите и драмите, толку страшно вака ми звучи кога ќе си помислам, а од друга страна, тоа го правеше со таква скромност и таква леснотија, и не дозволуваше да гледаме во него како во некоја икона. И тој не би сакал денеска да зборуваме за него како за икона. Би сакал да го споменеме Драги како колега, кого овде, во ходниците си го среќававме многу често, и ќе продолжи да биде со нас во овие сали, во овие ходници, еве, и преку оваа награда, од кого лично имам неколку многу важни спомени. Не ми бил професор, но, ми бил колега, кого сум му се обратила неколку пати за совет. Советите што ми ги дал и оценките што ми ги дал за моите први преводи љубоморно ќе си ги сочувам за себе, многу ми се скапоцени за да ги споделам со поширока публика, навистина биле корисни и ме поттикнаа, ако можам така да кажам, да не се откажувам од овој трнлив пат. Тој знаеше дека е патот трнлив, но дека е возможен. Постојано велеше: „Барај го, барај го, барај го, ќе го најдеш. Копај по зборот, колку и да е тешко, некаде ќе излезе“. И, навистина е така, како во случајот на Бенјамин, преведувањето е истражувачка работа, морате да консултирате многу пријатели, да им досадувате дома на домашните, постојано да ги прашувате за разни варијанти, на роднините, на сите стручњаци од разни области што ги познавате во градов или во странство.
Првите преводи ги направив без интернет. Почнав да преведувам во раните 1990-ти години, е тоа беше навистина истражувачка работа, по енциклопедии и по стручни книги. Денеска, морам да кажам дека, во дигиталното доба, интернетот многу помага, заведува понекогаш, бара проверка, но многу помага.
Пресреќна сум, Екатерина [Бабамова], Елисавета [Поповска], Ѓоко [Здравески], Ирена [Јурчева], ќе бидам тука да сведочам, на возвраќање на оваа награда што ви ја посакувам што побрзо и сигурна сум дека ќе ја добиете. Ама, да се биде во вакво убаво друштво, напишав и во интервјуто, дека е секогаш забавно, од вашата лабораторија на преведувањето да дознаам нешто, па да си размениме, некоја тајна, иако не секогаш си ги кажуваме. Некои, како што кажав, и љубоморно си ги чуваат.
Како што кажав, драго ми е што е „Драги“, ама ми е драго и што е Николо Аманити, бидејќи имам преведено повеќе автори, ама на Аманити сум му верна, бидејќи го преведов првиот роман што се појави на македонски, 2004 година, култниот „Не ми е страв“, романот, по кој што потоа Габриеле Салваторес го сними филмот, и стана планетарно познат, и, ете, со мојот издавач, Жарко [Кујунџиски], ја споделуваме оваа љубов и страст за Аманити, па тој кога разбра дека има нов роман, веднаш ми се јави и побара да се преведе оваа година.
Инаку, Аманити беше веќе на „Букстар“. Во пандемиската година направивме онлајн интервју, и се надевам дека и сега ќе му биде кажано дека повторно е присутен на „Букстар“ и, можеби ќе го натераме да дојде некоја година, бидејќи одамна го каниме. Аманити е многу различен во оваа книга од претходните. „Ана“ беше наградена минатиот пат, во време на пандемијата, бидејќи тој ја имаше, таа профетска мисла, да напише роман за пандемија и за вирус, и не беше можно да не се награди Аманити во време на пандемијата на ковид-19, така што се надевам дека овој разговор ќе го продолжиме во некоја друга прилика и во негово присуство.
Што да кажам на крај: ете, како што нѐ научија нашите колеги и учители, колку и да е невозможно и да е тешко и макотрпно, не се откажуваме од преведувањето. Верувам дека книжевниот превод е сепак, можен. Тој изгледа невозможно, ама на крајот е единствениот начин на којшто народите, земјите, културите, си разговараат меѓу себе, се дружат. И, што знам, преведувачите го овозможуваат тоа. Во чест на преведувачите сакам да ја завршам оваа куса реч. Би рекла дека на сите преведувачи, тие, „скромни и тивки книжевни херои во сенка“ како што ги нарече Пол Остер, коишто ни ја овозможуваат оваа радост на читањето странски дела, прават од нас, како што убаво рече Румена [Бужаровска], од еден мал јазик, да си комуницираме со најголемите култури во светот, ни го овозможуваат тоа, и прават да изгледаат позначајни и поважни притоа, прават нашиот јазик да се шири, да се преиспитува, да си ги поместува границите, да се кове, еве, да го споменам и Конески: „јазикот се кове во ковачницата на преведувањето“. И, така, на сите тие преведувачи, без некаква разлика, им ја посветувам оваа награда.
Ви благодарам.