Штотуку од Сењак се преселив кај Галиќеви, во „Пролетерских бригада“ (некогашна и сегашна „Крунска“), на четвртиот кат во долгата и широка зграда точно наспроти музејот на Тесла Во тоа време свирев во „Бубамари“, со група мои врсници, но веќе опитни во владеењето инструменти. После пробите што ги држевме во станот на гитаристот Гордан, ќе се спуштев до блиската книжарница на „Народна књига“ во Цетињска 6 или ќе стрчав до факултетот. Од свирка спонтано минував во светот на книгите; бендот и литературата не си пречеа еден на друг. И кога свирев во „Топчидерска ноќ“ до доцна по полноќ, следното утро бодро чекорев по „Таковска“ кон факултетот. Испитите на прва година на компаративна ги давав лесно, сѐ на сѐ, имав доволно желба, но и време да настапувам со „Бубамари“, а често во станот во „Пролетерских“, на задоволство на домаќините, во дневната соба да музицирам на нивниот стар, добро сочуван клавир. Во тие мои необврзни импровизации најмногу се внесуваше синот на Галиќеви, Влада, кој по часовите во гимназијата, доаѓаше дома со свои другари од класот кои ќе се надобереа околу клавирот и често му се придружуваа на пијанистот со гласно пеење. Еден од најдобрите другари на Влада, неговиот имењак Дивљан, се издвојуваше по својата музикалност и веќе добро свиреше гитара, беше убаво, разговорливо момче, единец како и јас, и се почесто се наоѓавме во „Пролетерских бригада“ или кај него дома за да музициравме. Мајка му Мирјана, грижлива, топла жена и татко му Стеван, молчалив, но добронамерен (беше родем ма 29-ти фебруари, па се шегуваше дека е помлад од својот син) – граѓанска двојка по потекло Херцеговци, докажани во своите професии.
Така почна една долготрајна музичко-другарска авантура. Веќе во јануари 73-та формиравме група што ја нарековме „Мерлин“. Влада Галиќ на голем пакпапир ја наслика плакатата на бендот со главата на волшебникот како најава за нашиот прв настап во просториите на една дорчолска месна заедница. Маалскиот другар на Влада, Зденко Колар, свиреше бас, две-три години подоцна, мојот маалски другар од „Пролетерских бригада“, Никола Поповиќ, ги презема тапаните. Наскоро ја смисливме и првата рок-песничка што гласеше некако вака:
Јануара седамдесет треќе
Неко мени гласно рече
Постоји један Влада мали,
Кад он свира, он зна да пали.
То је он! Сад хвата тон! То је он, он, он! Сад хвата тон!
Упознах тада Владу
И његову гитару.
Рече ако хоќеш дасу,
Узми онда Зденка на басу.
То је он! Сад хвата тон! То је он, он, он! Сад хвата тон!
Секојдневно вежбавме по подруми и гаражи, свиревме по месни заедници, ресторани и гимназиски фискултурни сали, на „бувљакот“ во Земун продававме стрипови со Загор, Југотон сингл плочи, парчиња облека и фармерки, за да присобереме нешто динари за појачало. Така дојдовме до првиот (користен) Фендер.
Јас продолжив да настапувам на едно издржливо електрично пијано што ми го позајми еден од нашите први подржувачи, инаку момче од богато белградско семејство, каде понекогаш имав шанса да посвирам на големите Фарфиса оргуљи со бас педали.
Во репертоарот имавме се повеќе наши песни. Почнавме да експериментираме со поинакви звуци, на пример, на балалајка, со повеќегласни рефренски созвучја, со пооткачени текстови.
Влада заврши гимназија, како одличен ученик, и запиша факултет. Што се однесува до мене, ги проретчив предавањата на компаратива и од примерен студент се престорував во бунтовник. Дури пркосно се втурнав во инцидент со еден препотентен асистент и за малку ќе бев избркан од факултетот.
Но од друга, многу важна страна, почнав да објавувам текстови по белградските и скопски книжевни весници и списанија, се вклучив во создавањето на „Знак“, едно навистина авангардно списание на студентите на Филолошкиот факултет, што и ден денес има добро реноме.
И, се заљубив.
За жал, веќе не живеев кај Галиќеви (мојата згодна потстанарска соба со право је зема синот Владо, и тој веќе студент). Се селев од едно место во друго, додека не се скрасив во Грачаничка 7, при преселбите, двајцата Владовци секогаш ми помагаа да ги пренесам електричното пијано (се подразбира), полиците и куферите полни со книги. Со секоја селидба, книгите се намножуваа, Влада ќе извлечеше од купчето по некој Маркес, Црњански или Пекиќ и ќе го земеше на читање.
Во сета таа временска турканица наоѓав време и за рекреативно играње пинг-понг, каде ако не во дорчолската месна заедница Стари Град. Таму играа (или навиваа) дечки од маалото, меѓу нив беше Бора Антиќ што живееше на истиот кат наспроти просториите на месната заедница. И, што е уште поважно, многу добро свиреше кларинет. Го прифативме за нов член на „Мерлин“ (испадна дека го владее и саксофонот) и тој не само што се вклопи во групата, туку не поттикна да ја обогатуваме нашата свирка со џез-рок елементи. Во согласност со промените во музицирањето, го променивме и името: од „Мерлин“ во „Звук улице“. Со Влада продолживме да се дружиме и разговараме вон пробите, забележав кај него една непритеснета детерминираност во однос на тоа како треба да се развива нашата музика, што треба да биде со неа. Ми беше интересен, но во главата веќе ми се вртеа други мисли.
Tempus fugit. Неповратно. Kај мене, и со обновени, по подолга пауза, студентски амбиции. Се активирав на предавањата и семинарите, запнав, како продуктивен поборник на факултетската трудољубивост, да полагам испити во рок. Дипломирав и веднаш потоа, најмногу поради објавени есеи во книжевни списанија, успеав да запишам постдипломски.
Така, додека Влада ми зборуваше за идни снимки, настапи и гостувања, јас баш не учествував во разговорот, не затоа што ми беше сеедно, туку затоа што мојот шалтер за информации веќе беше сместен во друг регион на мозокот.
Имав зошто. Во меѓувреме, добив и повик за војска.
Ме распоредија во единицата на војна полиција на Авала. Бев, во сета таа изнасилена регрутска процедура, сепак, на некој начин, задоволен. Но не за долго. Белград беше близу, ама и не баш близу. Патот од касарната на Авала до градот со автобус, па и со добронамерен автостоп, траеше предолго. Освен тоа, веднаш се почна со строга и исцрпувачка обука на родот војна полиција со постојани терени, вежби со стрелба и марширање. Еднаш не издржав, едновремено гневен и депримиран, и се протнав надвор низ жиците на касарната. Ме фатија (се подразбира, војна полиција) и добив месечна забрана за излегување.
Гледано низ таквите факти, сега ми е јасно зошто тогаш се чуствував како бутнат и затворен во една истоштувачки наредбодавна средина. Нема шанси во следните единаесет месеци, си мислев, некој да дојде да ме спаси. Ама се случи! Низ касарната се прошири веста дека ќе се формира забавен армиски ансамбл за да го разведрува расположениетто на војниците и старешините. Се пријавив за клавијатурист. И за чудо, ме примија, односно немав противкандидат. Само ми фалеше инструмент. Старото електрично пиано. Се договоривме со Влада да го „допремиме“ до касарната. Фативме автобус од Белград, преку Рипањ до Прњавор, па оттаму пешки до касарната.
Патот до касарната ни помина во постојан разговор. Тој во јакна и фармерки, јас во униформа, пианото во багажникот на автобусот. Потоа, носејќи го заеднички во раце, задишани, но не престанувајќи да разговараме, пианото до влезната порта на касарната. Беше тоа еден од оние важни разговори на секојдневни теми, за којшто отпосле, по години, не се сеќавате за што сте разговарале, но ги паметите сликите на живите гестикулации, взаемната смеа, и чувството на другарство. Се простивме кај стражарницата на влезот, се гушнавме, го преземав пианото и продолжив понатаму.
Така во следните два месеци, нашиот мешан војнички состав од народњаци и рокери (Мики Џафер, на пример, свиреше гитара и пееше придружни вокали) им го сервираше во културно-забавните мигови истиот мешан репертоар на генералите, полковниците и помладите старешини. Додека една ноќ пеачот Милидраг не побегна од касарната во непознат правец. По неколку дена го пронајдоа, но ансамблот моментално доби забрана за работа. И пак, стражарења, патроли и слично до крајот на воениот рок, а електричното пијано му го вратив на Влада за да ме сочека, во станот кај татко му и мајка му, кога ќе се симнам од униформата.
Но, кога низ секакви перипетии успеав да завршам со војската, цивилството ми се чинеше некако сменето од она предходното. Фигурите на вечерните шетачи по Калемегдан, под бледата светлина на полукружната месечина, како да ме отпраќаа од една завршена етапа во мојот живот. Бев оженет, ги привршував постдипломските, заедно со уште двајцата подстанари во „Грачаничка“ се подготвував за селидба, но каде, кога, сеуште не знаев, иако знаев дека ќе се случи.
За тоа време, Влада и момците од „Звук улице“ упорно вежбаа и настапуваа. Повремено им се придружував, но се поретко. Некаде кон почетокот на 1979., на концертот во „Дадов“, седев во публиката додека членовите на “Звук улице“ најавија една моја композиција. Станав да им отпоздравам, но беше јасно дека веќе не сум во бендот.
Продолжив со мојата литература, а Влада, со обновен состав, заедно со неговиот, полн со идеи, сокласнички другар од VIII-та белградска гимназија Срѓан Шапер, се наметна како еден од фронтмените на извонредните „Идоли“.
Годините се раздвижија, но и се полнеа со секакви искуства. Со Влада, за разлика од другите членови на некогашната група, продолживме да се среќаваме низ просторите што станаа ex-ју, навистина се поретко и поретко, не навјасаа и нагризуваа политичките, социјални и приватни премрежија, си испраќавме поздрави преку други (така преку Кирил Џајковски од Австралија). Во градината на животот каде патеките се двојат и множат повторно и повторно, децениите, без да сме свесни, минуваа трчајќи.
Пред некој месец, седев во маалското кафуле кога намина Џина Папас Џокси. Ми се придружи и во кафе муабет ми кажа дека има фотографија со Влада и мене, кога тој за последен пат, веќе сериозно начнат од болеста, беше во Скопје, да прими годишна награда на радио Буба Мара (на некој проточен начин се совпадна со името на мојата прва белградска група!), за „долгогодишно влијание во балканската музика“ или така нешто. Се сетив дека во Универзалната, каде имаше проба, тој од бината ми ја отсвири „Збогум младост моја“, песна од времето на бунтовните седумдесетти, што иако ја сакавме, не успеавме да ја снимиме. Тогаш текстот го „адаптирав“ според првите стихови од песната на Витман „Збогум машто моја“, како еден од моите обиди да ја спојам неначнатата, без оглед на факултетските пропусти, љубов кон литературата со рокенролот (па така, се обидов еден типичен блуз да го „облагородам“ со Ille mi par esse deo videtur на Катул).
На таа наша последна средба, иако болеста го мачеше, а можеби и поради тоа, останавме долго во хотелското бифе, а потоа излеговме во ѕвездената ноќ и шетавме низ малиот парк, скутрен меѓу високите небодери.
Неполна година подоцна, Влада замина кон ноќното небо.
По средбата со Џокси, додека се враќав од кафулето накај дома, почнав да си ја потпевнувам песната, така чекорејќи ја препеав на македонски, а потоа веднаш седнав на пианото, добро наштимувано, и… мелодијата потече како вчера да сум ја свирел. И што понатаму? Да ја снимам песната? Но како, веќе со децении не бев присутен на музичката сцена, не знаев што да правам понатаму. Додека не ми помогна (повторно) г-инот Случај: таа вечер ме посети другар ми Дејан кој откако ја слушна песната и приказната за неа, веднаш му телефонира на својот другар Гоце Јованоски, басистот на „Фолтин“, на кого му се допадна. На мојот стар мобилен Sony ја снимив, со прилично засипнат глас, и таква му ја пративме на Гоце во Битола. Потоа се одеше брзо и со некој убав ксмет. „Збогум младост моја“ во аранжман на Гоце и со возбудливиот глас на Бранко се спакува во успешна студијска снимка.
Решивме да ја промовираме во салонот 19,19 на Културно Информативниот Центар. Салата беше исполнета, со млади, мои врсници и луѓе постари од мене. Додека композицијата течеше, свирев на пијаното (класично) со возбуда и некоја заразна страст под придушеното светло на бината. После изведбата, пред зградата на КИЦ публиката се измеша во ноќта, некои со цигари, некои со пластични чаши со кафе и сок во рацете. Не можев да им ги видам лицата на сите, но така барем ми се чинеше, меѓу нив како сеуште да струјат акордите на мелодијата, стара половина век:
Збогум, младост моја
Збогум верен друже
О љубов моја
Јас одам којзнае каде
Која прокоба ли ќе ме следи
И кој Кербер назабен
Таму ќе ме дочека
Збогум младост моја
Збогум лудост моја