Денот на мрмотот
Одбери ден и место
и почекај ме-
поседи малку подолго
да го видиме истото изгрејсонце
двапати
без да треба да се привикнеме
на новиот агол на станувањето;
само уште едно утро
исто како вчерашното
да си речеме барем еднаш сигурно
-тие сме
Нека почека дождот
што ги одмива познатите нишки
и секојдневно ја игра истата сурова игра:
-ми го поттрга неосетно
столчето пред да седнам
и некако ме затекнува
секогаш неспремна;
Одбери време и место
да бидеме нешто веќе познато-
само уште едно исто изгрејсонце,
да ги доброиме облаците
за кои не сме имале
доволно време
На истото место
Ветив дека нема да се вратам
како ѕвездочитец што ја знае
природата на своите пророштва:
има нешто гревовно во нивниот шепот
и сепак често бидуваат точни
тешко ми е да видам
колку се туѓи реките на мојот дом
и колку бргу тој заминува на друго
непознато место
па ги испраќам бродовите
со црни и бели едра
да им кажат на ѕвездите
дали сум се’ уште жива
во мигот на нивното пристигање
Умор
Прости ми за мојата неукост
не знам како да се движам
без притоа да поткачам некој крајпатен знак
и не знам како да внимавам
на ситните точки
од кои ‘ртат тешките прашања
и честопати се уморувам
од нејасностите на утрата
и му велам на едното око да спие
додека другото ја заработува привидната будност;
Прости ми што сум неука
и љубам да молчам.
Нешто во мене често заспива
како дете што ја остава играта
до следното утре.
Празно место
Нешто останува да зјае
кога некој си заминува
било сакајќи
било затоа што чудниот гајтан на времето
го повлекува некаде, којзае каде
и во тоа отворено место
како срцевина на разболен заб што моли да биде излечен
сепак останува нешто-
кисела прегратка
или горчливи интерпункции-
дали воопшто имаше нешто
пред да замине тоа што било некогаш
некако
поинаку.
Средба
Годините ги оставиле
трагите на своето брзање
на твоето лице
со кое ме оставаш
во подножјето на високите згради
со чии ѕинѕурки на балконите
ветрот го довршува нашиот разговор
и неговата јагма
нотно се скротува во пријатна кутија
полна со ситните секојдневија
што ни се слеваат низ браздите на насмевките
што остануваат во едно друго годишно време
што треба да настапи по зимата,
но некаде пред пролетта-
а тоа само чека да се сетиме
на новото име на времето
што му го дадовме заедно тогаш
пред сенките да ни ја повлечат
првата рецка под очите.