Велат, човек се препознава по она во што се внесува. А кога човек се внесува во музика, тогаш се создаваат нови светови.
Замисли, седиш дома, на работа, додека возиш или пак пробуваш да најдеш инспирација и при рака ги имаш сите информации од хип хоп културата на едно место. Тие ритмички пулсираат околу тебе, што се чувствуваш како да разговараш со пријатели. Тоа е динамиката на Pandamonium Radio Show, водечкиот македонски поткаст посветен на хип хоп културата.
Дарко и Трајче, водителите на поткастот, уште од првото слушање ве угостуваат со толкава информираност што немате друг избор освен да си пуштите уште една епизода. Со својата долгогодишна посветеност кон културата, своите познавања и навлезеност во настаните ги искажуваат со таков порив што буквално имате чувство дека со секоја секунда учите нешто ново. Дури и кога ечи во слушалките, или во вашата глава. Неретко имаат и гости, како домашни, така и странски оддавајќи им можност на најразлични луѓе од музичкиот свет да се поврзаат со слушателите.
Што се слуша? Се зборува за актуелни новости од хип хоп светот, има дискусии за она што се случува на глобалната и домашната сцена, се претставуаат нови проекти, нови музички изведувачи, лични доживувања за музички настани, дојави во живо, се споделуваат и препорачуваат плејлисти и албуми и се дава безрезервна поддршка на македонската сцена – односно претставени се дружби и разговори со македонски артисти.
Како проект кој доживеал повеќе трансформации за да дојде до својата сегашна форма, Pandamonium како појава има создадено едно заедништво на луѓе кои имаат најразлични секојдневија, но создаваат еден значаен дел од македонското културно милје – посветено на музика и култура која можеби и не е најпопуларна кај нас. Независно дали сте македонски артист кој сака да сподели повеќе за своите идеи и занает, професионалец кој објаснува како функционира музичкиот свет или едноставно, љубител на рап музиката кој сака понекогаш сака да го сподели своето миселње… Pandamonium прави место за секој кој сака да биде дел – или љубопитно да ѕирне. Дарко и Трајче кои несебично внесуваат сѐ свое во ова – создаваат ефект на бран, проследен со добра музика – особено за култура што на моменти е перцепирана како груба или сурова- а отсекогаш се базирала на заедништво. И тука да го доживеете и моментот на трансформација: кога нешто интернационално станува домашно и се раскажува за тоа на мајчин јазик.
Топла препорака да преслушате некоја епизода.