СВОЕВИДЕН ON THE ROAD РОМАН
Тешко е да се размислува за Миодраг Мајиќ исклучиво како за писател, апстрахирајќи го сето друго што го вивна во возбудливи и вртоглави височини, во кои престојуваат познати и значајни луѓе. Но, бидејќу тука зборуваме само за книгата, ќе се трудам да се насочам само на таа област, иако таа, се разбира, е неразделна од животното и професионалното искуство на Мајиќ, како судија и борец за правда, во повисока и во посеопфатна смисла од правдата што ја носи судот.
Во оваа книга, на вешт и литерарно дискретен начин се вплеткани судбините на двајца јунаци, многу различни во сè, но споени од сенката на несреќата и губитништвото, сенка што навидум неизлечиво ги следи и ги прогонува. Дали може да се избега од таа судбина, се прашуваме цело време додека читаме? И дали тоа бегство воопшто би било автентично? Ова е книга низ која уметничката призма осветлува многу делови од нашата сегашност, но сведочи и за големи трагедии од нашето блиско и малку подамнешно минато. Речиси како никогаш да не сме ни имале шанса да се оддалечиме од таа вечна трагедија што ја обележува секоја страница на книгата, во која моментите на вистинска среќа се сведени на инцидент. Тагата и немоќта се константа, среќата е само миг и зад неа неминовно следува казна. Знаејќи го тоа, читателот навистина се прашува дали за јунаците на таквата мизансцена е возможен каков било расплет кој исто така нема да биде пат во друга, натамошна трагедија. Одговорите на овие прашања нема да ги најдете во книгата, во нејзината брилијантна и вешта завршница, која суверено докажува дека Миодраг Мајиќ се впиша во нашите најзначајни современи автори. Во исто време, оваа книга претставува и исчекор од жанровската литература, преку која го запознавме Миодраг Мајиќ, па така овој роман само во навестувања содржи крими-елементи, според кои беше препознатлив авторот, а многу повеќе, со драматиката и со психолошкото профилирање на јунаците, својата книга ја смести во таканаречениот книжевен мејнстрим.
Тоа ќе биде уште една книга на Мајиќ што ќе се чита и за која ќе се зборува, а преку која читателите ќе ги препознаваат сите ранети и изнемоштени делчиња од нашата стварност и од нашите животи. Неговите мрачни и депресивни јунаци што патуваат, а и самите да не знаат каде, во овој своевиден on the road роман ја слика токму таа стварност од која бегаме во читањето книги. А потоа ја отвораме книгата и таму таа стварност повторно нè среќава. Зашто тоа се некои вистини од кои не може да се избега никаде.
Јелена Ленголд
ПЛИВАЧ КОНТРА ТЕЧЕНИЕТО НА РЕКАТА
Кога господинот Миодраг Мајиќ се појави на српската книжевна сцена, тој беше само еден во долгата низа на нашите и светските јуристи што успешно пишуваат песни, романи, драми, кратки раскази… Можеби само лекарскиот еснаф е позначаен и поуспешен во тоа. Можеби?
Со новиот роман Под туѓо сонце Мајиќ престанува да биде судија што пишува и дефинитивно и неотповикливо станува писател што суди.
Урбаната легенда вели дека една вечер во Клубот на писателите, додека тој сè уште беше клуб и навистина им припаѓаше на писателите, околу иста маса седеле бардовите на српската книжевност со неколку литерарни младенчиња.
Некој од помладите писатели имал проблем со новата книга и бил повикан во Партијашијата на „рибање“.
Тогаш, еден од постарите писатели, божем, рекол: „Одбегнете го тоа, Булатовиќу. Зошто би се натегале со тие пробисвети. Ставете им на своите јунаци чалма на главата, вратете ги тристотини години наназад и раскажете ја истата приказна. Тоа е полесно и побезболно. Иако ни тоа не гарантира стопроцентен успех.“
Се разбира дека тој писател бил во право. Во делот во кој не греши. Но, што ќе правиме со обврската на уметноста, особено на книжевноста, да биде сведок за своето време, да остава белези и меѓи, според кои тоа време и ќе се препознава, што ќе правиме со авторската, политичката, интелектуалната и човечката храброст за отпечатоците на сопствените стапки да се остават во правта и во пепелот на родната грутка, целосно припаѓајќи на своето време и простор… Полесно е со временската дистанца. Полесно, побезболно, поедноставно…
Брзаците, вировите и вителите на времето во кое се живее и за кое се сведочи им припаѓаат на храбрите, надарените, на тие што пливаат контра реката, на кои другиот брег, без разлика колку е далечен, им изгледа достижен и вреден за ризик. Па, потоа, времето, низ своето мајсторско решето, ќе го просее тоа што е добро и што вреди, и тие дела, тие романи, тие филмови, тие драми и претстави подобро ќе сведочат за гордите паѓања на своето време отколку сите архивирани ТВ-дневници и целиот режимски печат заедно.
Уметноста отсекогаш, тогаш кога навистина е уметност, била подобар, почесен и посигурен сведок од медиумските и политичките проститутки, толку удобно сместени во режимските синекури и во секој вид егзистенцијална безгрижност. Впрочем, постојат многу сликовити примери од релативно блиското минато, кое веќе станало историја, а кои непобитно сведочат за тоа, но и од аспсолутно скорешната сегашност.
Оттаму, Мајиќ пишува за своето, сè уште пресно време, сега и тука и малку појужно. И тоа го прави без никаков страв и компромис, свесен за опасностите и за ризиците на кои се изложува, но и подготвен со сите тие опасности да се соочи и да заплива кон далечниот друг брег. На писателот на овој поговор му изгледа дека до брегот и ќе стигне.
Не постои голема уметност, книжевност особено, која не е антивоена. Таканаречените херојски времиња меѓу народите со големи морални падови, кои изискуваа и таканаречена херојска литература, зад себе не оставија ремек-дела. Миодраг Мајиќ пред читателот става високофреквентен антивоен крик, од кој страдаат ушните тапанчиња, пукаат кристални чаши и излозите од стакло… И кога војната ќе заврши, кога вие ќе излезете од неа, без разлика дали како победник или како поразен, мршата не излегува од вас. Удобно сместена некаде во утробата, ја кине, без намера да ја напушти, сè додека не го изеде и последниот залак од џигерот и срцето. Војната ќе ве набоде на своите рогови, ќе ви го искине гркланот со острата челуст или, ако не успее во тоа, барем ќе ве удри со задните нозе или ќе ве заплеска со крвавиот и гомнест опаш.
Токму тоа им се случува на јунаците на Мајиќ, Марија и мајорот Коста Рашиќ, на кои, за разлика од некои други, војната не им беше сестра, ни жирант во банка, ниту кум, ниту, пак, им овозможи целосно да се бестијализираат, да се збогатат, да станат зли, да станат ѕверови… Кога големиот мајстор, случајот, ги спојува, така оштетени и ранети и толку потребни еден на друг, не само поради тоа што таа ќе го одвезе мајорот на далечниот југ, туку и поради многу други работи што се во врска со незалечените рани, грбавите красти и лузните што двајцата ги носат и однадвор и однатре, авторот покажува исклучителна дарба да ги формира во нивните биографски, но и биолошки факти.
Тешко дека во внатрешноста на нечија енциклопедиска биографија писателот ќе најде доволно цврсто упориште за да изгради уверлив и веродостоен карактер за своето дело. Често, некоја незаслужена шлаканица од татко пред школска другарка е поважен литературен податок од фактот кога се докторирало или кога се влегло на Академијата, поважно е некое вчерашно пијанство и тешкиот утрински мамурлак од денот на нечие дипломирање, зашто без таа утринска главоболка, можеби не би се извадил нож против сообраќаец…
Нечија физичка мана како што е куцањето или кратковидоста може целосно да го промени односот на околината кон тој човек, и тоа е таа дистинкција помеѓу биографијата и биологијата на ликот. Тешко дека во енциклопедиите се наоѓаат податоци за нечија импотенција, диоптријата што ја носел, склоностите кон разните видови пороци, цирозата на црниот дроб што некому му го омеѓила животот со една ужасна немилосрдност и со развиена свест за тоа дека повеќе никогаш во животот нема да јаде цреши. Мајиќ искажува повеќе од забележлив талент – мајсторство, би се осмелил да кажам – кога ги гради своите ликови, тие се живи, формирани, јасни, мотивирани со прецизни и развиени мотиви и постапки што ќе формираат еден цел мотивациски и конфликтен систем. Дури и кога изгледа дека се безначајно мали и неважни минувачи, како Наташа Варга, сопругата на загинатиот колега на Рашиќ, која само преку неколку постапки и неколку реченици ќе биде целосно јасна и скапоцена. Да се прими нечие куче на умирање е доволно јасен податок за некој што знае да чита, а тоа дека Наташа веќе следната година ќе биде без покрив над главата е уште појасно. Немилосрдниот брутален макро, кој ниеднаш нема да се појави in vivo, и кој до моментот додека не го сретне мајорот Рашиќ одлучува за секој момент од животот на Марија, е целосно обликуван и јасен. Пробисвет, некаде при врвот на партијата на власт, но не од првиот ешалон, еден од тие задолжените за валканите работи, бескрајно немилосрден и брутален, кому, затоа што рацете му се во кал и во крв, ќе му се овозможи непречено да се занимава со дрога и подведување. А кога карактерите или dramatis personаe се такви, тогаш и приказната е богата, логична, интересна и разиграна.
Самата фабула е богата со пресврти, неочекувани, но и очекувани ситуации, каде што се случува тоа што читателот со право го очекува – редовната љубопитност е во прашање не за тоа што ќе се случи, туку како ќе се одигра случката, колку и да е логична и очекувана. Мајиќ раскажува со леснотија, интересно и богато, сместувајќи го и читателот на задното седиште од такси-возилото со кое Марија треба да го одвезе мајорот Рашиќ, заедно со сите негови демони, на далечниот Крф, за таму, во Сината гробница, засекогаш да заспие во скутот на својот прадедо. Компаративната предност што ја пружа романот во однос на драмата, Мајиќ ја користи максимално, водејќи јасна уметничка и креативна мисла, соочувајќи и запознавајќи нè со тежината на мајоровите спомени, тешки мисли, оштетеното гризење на совеста и комплексот на вина, со кои перманентно се соочува: дали и колку е виновен за смртта на некои сè уште нељубени момчиња на кои им командувал, сосем свесен дека со неговиот крај засекогаш ќе исчезнат и идеалите на кои е растен, и тој и целата генерација на која ѝ припаѓал, дека засекогаш исчезнуваат идеите за правдата, патриотизмот, слободата, дека Дучиќ, Ракиќ и Шантиќ, како последни пробисвети ќе бидат набркани од училишната лектира, дека повеќе никој никогаш нема да ја рецитира прочуената мисла на Цицерон дека вистинското прашање не е што може Рим да стори за тебе, туку што можеш ти да сториш за Рим. Новото време ќе му ја припише таа реченица на Кенеди, но ова не е ни место ни момент за да се занимаваме со тоа.
И кога ќе помисли дека смртта е тој скапоцен излез, ќе се појави Марија за на крајот на таа реченица сепак да стави прашалник. За жал, како и во секое добро четиво, предоцна. И кога, веројатно насмевнат, ќе го најде прадедо му на дното од Сината гробница, животот, како вистински шегобиец, ќе се погрижи за некој нов Рашиќ, удобно сместен во утробата на Марија, да ја побара среќата уште појужно, под туѓо сонце, далеку од татковата обесчестена татковина. Или можеби ќе се врати за да се обиде да ја направи подобра. Таа одлука, господинот Миодраг Мајиќ великодушно ви ја остава вам.
Почитуван читателу, пред вас е добар, добар, храбар роман, а дали ќе се пронајдете и себе помеѓу редовите зависи од вашата храброст, искреност и спремност за соочување. Или да ги испокршиме сите огледала.
P.S. Препорака за режисерите и продуцентите. Ах, колку добар road movie може да се направи од овој роман. Малку подобар од американските, колку за една-две нијанси од социјалните примеси и малку тага на крајот.
Синиша Ковачевиќ
РОМАН НА НАШИТЕ ДЕНОВИ
Говорејќи за важните прашања на историјата која штотуку е во тек, Миодраг Мајиќ во романот Под туѓо сонце вкрсти неколку впечатливи судбини што се кршат во „пореметените времиња“, но и покрај сè, остануваат верни на својата слика за светот.
Пред читателот се појавуваат пензионирани борци без земја и почитување, добитници на транзицијата без чест и заслуги, проститутки што се жртви на околностите, а не на својот избор, одвратните олигарси и недостојните владејачи. Луѓето запаѓаат во понижување, во покорност и во прифаќање дека не се достојни на своите предци, ниту на нивната борба за земјата која сега, пред нивните очи, се распаѓа потонувајќи во очај, сиромаштија и неправда. Поразеното општество е исполнето со губитници, кои се мнозинство, и со предаторско малцинство, што владее.
Силна и возбудлива приказна, со елементи на филмска нарација во најдоброто значење на зборот, се преплетува со лирска експресивност, која особено доаѓа до израз кога се преиспитуваат животните ломови на јунакот на романот, како и со уверливата психологија на јунаците и нивните одлуки и постапки.
Под туѓо сонце е трилер што станува општествен роман и слика на општеството која се претвора во застрашувачка претстава на препознатливата стварност.
Романот на Мајиќ го слика светот што го познаваме, нè прикажува такви какви што сме.
Без воздржување и без поштеда, писателот говори јасно и уверливо, потресно и како хроничар кому не му е сеедно.
Роман на нашите денови.
Гојко Божовиќ