Записи на идниот старец

Ако се вратиш од приказните // Ќе застанеш пред него // И ќе ја прашаш светлината: Каде згреши?

Грешките
Цел живот учиме
Како можеме да бидеме подобри.
Растеме покрај гордоста
И се грееме под нејзината сенка,
Се молиме да даде уште 
Малку од тоа што го имаме.
Чудна е таа природа
На живот и ненаситност –
Не знаеме кога е доста
И дали го заслужуваме тоа.
Но кој да ни каже
Дека сме скршнале од патот
И дека ладовината полека нè исуши?
Кој да поверува во тоа?
А дојдовме дотаму –
Да погледнеме и да видиме
Дека пред себе имаме само изморен човек
Со долго минато и силна желба.
Тој поглед сите го избегнуваме,
Се плашиме да поверуваме
Дека полека се оддалечуваме
И сè поблиску сме до крајната цел
А никако да научиме од грешките.
Животот не прашува:
Тој како млад елен минал крај нас.

Лудило
Претпоставка
Ме затворија во сопствената солза
Ми го вивнаа копјето далеку од срцето
И сега немам ни поле ни широчина
За да викам за спас.
Ги навлекувам чизмите за снег
А надвор е април испрскан со цветови.
Се гледам стегнат во мала тупаница
И ги бројам болестите 
Повеќе од прстите на едната рака.
Нешто крвави, нешто вика,
А јас не можам да знам кога ќе дојде часот
За да посакам крај на виделово.
Сè околу мене е изместено
Гледам сенки убијци
И слушам крикови душевадни.
Не знам до кога ќе издржам во синилово.
Едноставно е,
Сакам да плачам, но не ми даваат…

Големото Ништо!
Не можеш да кажеш дека било едноставно.
Можеби никој не те прашал
Дали си го сакал тоа,
Но се случило – а ти си во него –
(Денес, кога размислуваш)
Дали си сакал да биде така?
Можеш да имаш многу одговори
И да не бидеш задоволен со ниеден.
Си го одел патот
И како испосник и како победник,
Без да гледаш напред – зашто си можел –
(А најверојатно си сакал)
Така да го минеш животот –
Само напред!
Но доаѓаат нови мигови,
Се листи приказната како книга од светлина.
И сега сакаш како мало дете
Да се скриеш од сопствениот лик,
(Но не знаеш како)
Не можеш да кажеш – едноставно –
Дека сè било Големо Ништо!
Ќе го тераш овој пат до кога треба,
Ќе те држи песната, кревкото тело
И законот на љубовта.
Сè додека не те симнат од крстот.
Дотогаш слави го животот!

Записи на идниот старец
Тие може да бидат празни зборови.
Обични чртки врз белината
И обид да се собере животот во една книга.
Но меморијата е неверна сила
Со неа си моќен додека не си замине.
Затоа сега (пред крајот) те потсетува на сè:
На почетокот,
На одот потаму,
На борбата,
На сите небиднати љубови,
На телото кога беше младо;
И на уште многу нешта
Кои се бркаат како ѕверови во твојот поетски храм
Барајќи пат за надвор.
Но, не било така.
Сеќавањата сепак се слатка илузија.
Денес сè појасно гледаш,
Патот е удолу
А таму некој се смее,
Те повикува полека да дојдеш,
Но претходно да платиш за стореното.
(За многу работи да бидат појасни.)
Затоа писателе
Сеќавај се додека можеш
И пишувај да не заборавиш
Како се родила песната.

Светите книги*
Ако сакаш да веруваш во нив сè е вистина
Бидејќи некој ги напишал од срце,
Со цврста рака и широко око.
Не прашувај зошто.
(Кој ги создал никогаш нема да знаеш
Ги наполнил со љубов и зборови за разум.)
Тоа не ти треба денес
Ти, како добар читач, треба да разбереш
Дека сите се исти
И имаат само една порака –
Да бидат единствени.
Нас никој не нè прашал
(Пред да се родиме)
Во која книга да веруваме повеќе од другите?
Но сепак го сакаме тоа. 
*забележано во Ватикан, 2000 година, на изложбата 2000 години христијанство

Огледало
Ако се вратиш од приказните
Ќе застанеш пред него 
И ќе ја прашаш светлината: Каде згреши?
Но никој нема да те повлече внатре
За да го видиш животот од другата страна
(Не се минува низ стакло
Без да прокрвариш.)
Ти најдобро знаеш што си направил
И каде си оставил голема белина.
Ех, да можеш (како во бајките)
Да прашаш: кој е патот до вечноста?
(Би рикал како животно предзори.)
Не за да отпатуваш таму.
Туку да ги отвориш очите
Дека не си сторил ништо.
Се смалуваш и тонеш кон земјата.

Жени од теракота*
Којзнае колку време
Биле во темнината на мајката земја.
Сè додека светлината не ги пронашла
А непознатата рака ја симнала 
Тежината од нив.
Денес ги гледаме како уметност,
Но некогаш во очите на нивниот создател
Биле жива инспирација
И творечки мотив,
Со рацете да ги создаде нивните тела.
(За да се прашуваме од кога се такви
И каков бил пристапот на авторот?)
Дали сакал од нив да создаде идоли?
Или бил немоќен
И болен од нивната убавина?
Па создал љубов од земја.
Совршено!
Денес нема такво знаење
За да направи полични од нив.
Бидејќи никој не може
Да го создаде тоа посилно
Од љубовта и вечното време. 
* Oваа временска забелешка е напишана  во мојот патувачки нотес во Рим, 2000 година.  Денес ја ослободувам од мојата поетска зандана.

Тагови од објавата
0 replies on “Записи на идниот старец”