Да се влезе во туѓа кожа

Ако нѐ води мислата на Жан Пол Сартр дека „Зборовите се наполнет пиштол“, тогаш приказните што ги раскажува Бајлозова-Барламова, се пиштол што може да ти ја разнесе и мислата и душата. „Ако си осамен кога си сам, тогаш си во лошо друштво.“, вели Сартр. А во какво друштво се ликовите од збирката „Облогот“?

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Првата книга беше потпишана само како Станка Бајлозова и носеше наслов „Студентски портрет“. И по тој повод напишав и една рецензија која ја наслови како „И автопортрет и галерија портрети на книжевни ликови“. И тогаш истакнав дека оваа книга колку што е портрет за самата авторка, некогашна студентка на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, а потоа дипломиран професор по книжевност, толку е и галерија портрети на сите оние книжевни ликови кои ја провоцирале, но и дружба со големи авторски имиња на кои им се воодушевувала кога со страст и стравопочит седнувала да ги чита. Текстовите вдомени во ова нејзино книжевно првенче дишат со искреност, блага наивност и силна емотивност, при што го откриваат и нејзиното љубопитство за сите жанрови.
Се сеќавам колку се радуваше на тоа свое првенче. Но, како од денешен аспект ти изгледаат тие текстови? Би се занимавала ли и понатаму со есеистика и критика?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Дефинитивно не. Многу повеќе се пронаоѓам во белетристиката и најверојатно ќе продолжам да работам во таа насока. А како гледам на тие мои први текстови? Гледам на нив како што жена од својата зрела перспектива и со своето стекнато искуство во животот гледа на своите први љубови. Гледам на тие текстови како кон нешто незрело и нешто недоволно оформено и нешто кон кое што дефинитивно не би се навраќала повторно.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Уште при првиот прочит на „Силуети“ (Скопје: Антолог, 2012) од Станка Бајлозова-Барламова ја наслутив скриената желба на авторката овие нејзини раскази да се читаат како еден вид „пораки во шише“. Зашто, таа е како оној човек кој „рамнодушно и смирено ги пушташе предметите во вода и остануваше на брегот гледајќи ги како запливуваат по езерската шир“ (2021: 67-68), а нејзините приказни како оние мали стаклени шишенца што „се бореа со езерските бранови сакајќи да запливаат по бистрите води“ (2021: 68). Taa во таа своја прва збирка раскази не пишува премногу, не обременува со премногу приказни, не ги намножува своите ликови и тие свои ликови не ги става во премногу ситуации. Зашто пораката треба да биде кратка и јасна, а, особено пораката во шише, треба да стигне до секого и насекаде!
Како се чувствуваш сега кога ги читаш овие свои први раскази? Би ги напишала ли поинаку сега од тогаш?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Секој човек низ текот на животот поминува низ различни фази. Според мене поважни се следниве три. Фазата на школството, кога човек учи исклучиво теорија и знае дека во блиска иднина ќе треба да ја примени таа теорија во пракса. Втората поважна фаза јас уште ја нарекувам и фаза на огнено крштевање. Тоа е период кога почнуваш да осознаваш дека теоријата за која што си учел со години и не е така лесно применлива во реалноста, па почнуваш да смислуваш стратегии како да ја менуваш, трансформираш и преобликуваш истата таа теорија за да не остане неполезен детаљ, туку апликативно средство со кое ќе придонесуваш во општеството. Третата пак ја нарекувам фаза на отрезнување бидејќи колку и да е на моменти разочарувачка, тоа е фазата кога почнуваш да ја прифаќаш реалноста онаква каква што е и почнуваш да изнаоѓаш начини за сплотување со истата. „Силуети“ како книга е пишувана во некоја меѓуфаза и затоа во оваа книга се чувствува голема доза на песимизам преку која го перципирам светот, а во тие моменти каков што сум го перципирала, таков и сум го пренесувала на хартија. А за тоа дали би ја напишала поинаку книгата од денешна перспектива, ќе кажам не, само затоа што сум некој што сака да гледа кон иднината, а не да се врти кон работите кои веќе поминале.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: „Не ја искривувајте, не ја разредувајте, не обидувајте се да ја направите логична. Немојте да ја менувате вашата душа според трендовите. Наместо тоа безмилосно следете ги вашите најинтензивни опсесии.“, вели Франц Кафка. Затоа ти дозволуваш твоите ликови целосно да ја отворат својата душа, да не ги прикриваат своите размисли, да ги испишуваат и споделуваат своите опсесии. Лесно ли беше за да им дозволиш на своите ликови да ги чувствуваат твоите раскази како еден нивен своевиден бележник? Зашто овие раскази се и ситуации кои ги разголуваат твоите ликови, кои им даваат можност да си кажат скоро сѐ што им лежи на душа.
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Во моите приказни не оперирам со ликови кои не излегуваат од својата конфорна зона. Генерално се работи за ликови кон кои што животот и не бил особено благонаклонет. Истовремено и како човек и како автор го застапувам ставот дека не можеш да судиш никому во животот бидејќи на сите нас животот ни предодредил различни почетни стартови и различни услови и околности за живеење. Приврзаник сум за тезата дека пред да посочиш кон некого со прст, обиди се да ги погледнеш работите од негова перспектива. Токму поради оваа причина им дозволувам на овие ликови со безброј аномалии и падови во сопствените персоналитети, да ги искористат овие приказни како еден вид своевиден бележник и таму да си раскажат сѐ што им лежи на душа.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Ова се приказни кои без проблем ги минуваат границите на македонскиот јазик и кои излегуваат надвор и од македонската книжевна сцена. Зошто се одлучи на ваков чекор? Кога ти светна дека треба да пишуваш за било кој еден од било која точка на земјинава топка?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: „Облогот“ како книга почна да се создава почетокот на 2023 г. И така од таа 2023, па наваму, дел од текстовите што ги пишував почнав да ги преведувам на англиски јазик и почнав да ги праќам на различни повици за списанија. Неколку приказни што ги има внатре во книгата, најпрво беа објавени на англиски јазик низ различни списанија надвор од Македонија во текот на 2023 и 2024 г. А најголемо задоволство како автор ми причини кога два мои раскази се најдоа објавени на англиски јазик во две различни антологии во Индија. Во едната антологија се најдовме објавени околу педесеттина автори од различни земји, а во втората антологија кругот беше потесен и тука бевме објавени триесет автори. Нормално сите триесет приказни беа различни и посебни на свој начин, но сите заедно нѐ обедини тематиката за патување низ времето и просторот. Во 2025 веќе имав испишано доволно приказни за да можам да направам селекција за она што сметав дека е најдобро и така септември оваа година излезе од печат „Облогот“ во издание на Три.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Ако нѐ води мислата на Жан Пол Сартр дека „Зборовите се наполнет пиштол“, тогаш приказните што ги раскажува Станка Бајлозова-Барламова, што ни ги раскажуваш ТИ, се пиштол што може да ти ја разнесе и мислата и душата. „Ако си осамен кога си сам, тогаш си во лошо друштво.“, вели Сартр. А во какво друштво се ликовите од збирката „Облогот“?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Дефинитивно не се во добро друштво. Генерално тоа се ликови на кои што физичко друштво никогаш не им фали, но често се чувствуваат осамено. На пример ликот на Ми Идн или ликот на лекарката-стоматологот, тоа се два женски лика кои од перспектива на класичен набљудувач на нештата, водат доста удобен и доста конфорен живот, меѓутоа заднината на нештата крие поинакви работи. Се работи за две жени кои што задоволството не го пронаоѓаат во материјалното, туку во потребата да се поместат општествените правила, норми и граници што им ги наметнува општеството.
Во еден од расказите пак имам лик на маж кој што страда од интерперсонален комплекс. Тој е некој кој женска дружба никогаш не му фали и често има потреба да ги менува партнерките, но и затоа многу често се чувствува осамено. Денеска психологијата и психијатријата нудат хипотетички одговори зошто еден таков лик на маж би имал потреба од честа смена на партнерките. Едната хипотеза е дека можеби се работи за персона што живеела со мајка која што водела недоличен живот или се работи за персона која што можеби била малтретирана психолошки или физички од страна на девојчиња во раните детски години, па така таа машка персона си ги задоволува фанатичките потреби со мисла дека преку сексуалниот чин го понижува женскиот род. Друг лик кој што со својата осаменост се надоврзува на овие претходниве е ликот на професорката. Тоа е лик на жена која си ја обожава работата, ги обожава децата кои што ја опкружуваат секојдневно, но сепак се чувствува осамено. А таквата осаменост кај неа доаѓа од аномалиите на општеството. Таа смета дека живее во општество кога паметните луѓе се повлекуваат чекор назад и на сцена излегуваат луѓе кај кои имаме опаѓање на умствените вредности, а пропорционално зголемување на празните амбициски апетити. Дефинитивно се работи за ликови кои често се опкружени со луѓе, меѓутоа поради икс причини исто толку често се губат во сопствената осама.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Најголемиот број ликови од најновата збирка раскази на Станка Бајлозова-Барламова се ликови кои се прашуват: На што сѐ се обложуваме во животот? Стануваме ли модерни ѓубреџии, луѓе кои непотребно го складираат материјалното во огромни купишта, кои се затрупуваат и задушуваат во тие купишта ѓубре? Стануваме ли сѐ повеќе невротични, анксиозни, заробени со гневот и омразата кон сопственото тело? Нѐ притиска ли слабодушноста, срамежливоста, повлеченоста кон своето ЈАС? Дали сѐ повеќе сме оној кој „Ужасно се плаши од умирање бидејќи сè уште не живеел.“, како што вели Кафка. Во мојата рецензија за оваа твоја книга, ТИ, како и Елиф Шафак ја поврзуваш книжевноста со емпатијата и можноста да се влезе во туѓа кожа. Така, ТИ успеваш многу успешно да влезеш во безброј кожи и во онаа на професорката, докторката, невротикот, депресивецот, манипулаторот, демначот, силувачот, осаменикот, жртвата…
Како ти беше како писателка да го оставиш својот убав живот во симпатичното Валандово и да се скриеш во својата творечка работилница, да се осамиш во своето катче на домот, и да преобликуваш во сите тие твои ликови, да се преоблекуваш, да ја менуваш кожата како камелеон и да им го позајмиш својот глас на сите тие ликови? Зашто час раскажуваш за машки час за женски лик… Ти си како еден вид нивен медијатор? Во право ли сум?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Потребата од колекционерство на безброј важни и неважни предмети, во денешно време особено е видлива преку социјалните мрежи. И денеска една од најпримамливите професии (ако може така да се нарече) за младите, е да се биде инфлуенсер. Сите знаеме што значи во превод од англиски на македонски зборот „инфлуенсер“. Значи да се биде влијателен човек. А како денеска се станува влијателен човек на социјалните мрежи? Можеш во тој свет да бидеш влијателен доколку презентираш егзотични и луксузни места за патување, скапа и брендирана облека и брендирани козметички продукти за нега на физичкиот изглед. За жал бидејќи светот полуде по ваквиот тренд на живот, сите бараат брза и лесна заработка. А бидејќи брзата и лесната заработка никогаш не може да биде чесна заработка, луѓето во голема мера почнаа да се губат себе. И затоа ќе се согласам со вас дека најмногу се плаши од умирање оној што не живеел. А дефинитивно не живаат вистински, луѓе кои се претставуваат себе си во светла кои што не се кореспондирачки со нивната фактичка животна состојба. Инаку не би се согласила со вас дека сум нешто посебно емпатички настроена кон ликовите што ги создавам во книгата. Напротив, мислам дека изразувам многу повеќе критички став кон нив. Единствената моја емпатија што можам да ја видам во овој случај, е што на некој начин „им дозволувам“ на сите тие ликови да се произнесат себе во приказните, доколку претпоставиме дека за нив постои вистински корелат во реалноста.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Во меѓувреме Станка Бајлозова-Барламова ферментираше како автор. Ферментираше и нејзиниот стил. Се разви нејзината приказна. И нејзе (и на авторката и на приказната) ѝ / им стана тесно во сокачето на македонската книжевна сцена, иако од неа учи како да им даде глас на семантички полните имиња, како на Посебољуб Инаетовски, или Огнен Воденов, или Игла Остроумовска, иако од неа ја наследува и магичната атмосфера што ја носат расказите на Петре М. Андреевски и Живко Чинго.
Зошто инсистираш на тоа тие твои ликови токму така да се викаат?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Македонската книжевност е нешто што јас секогаш си го носам со себе и нешто кон кое што секогаш се свртувам и се потпирам. И како човек и како автор растев со делата на најзначајните македонски писатели, учев од тие писатели и нормално дека сега наученото се трудам да го применам во пракса. Имињата на Посебољуб Инаетовски, Огнен Воденов и Игла Остроумовска се имиња кои што и вие ги спомнувате во вашата рецензија за книгата и дел од таа рецензија си стои на задната корица од книгата. Кога читателот за прв пат ќе ја земе в раце и кога на задната корица ќе ги прочита овие неколку имиња, можеби на прв поглед (особено машкиве имиња) ќе го асоцираат на ликови кои што излегле од некој американски бестселер. Меѓутоа уште веднаш морам да ја демантирам фразава и да кажам дека тоа воопшто не е така. Напротив станува збор за ликови кои што се контрадикторни со себе. На пример ликот на Огнен Воденов: тој е лик кој што со својот профил во јавноста настапува како нешто специјално огнен и посебен, меѓутоа тоа воопшто не е така. Напротив, станува збор за машки идентитет чија суштина е тенка како мраз и уште во истиот миг се топи како вода. Или пак ликот на Посебољуб Инаетовски: повторно станува збор за машки лик кој што со својот профил во јавноста настапува како нешто специјално посебен, меѓутоа постојат доста аномалии во неговата личност што му го потиснуваат рациото и го прават траги-комичен лик. Слична е ситуацијата и со ликот на Игла Остроумовска. Самото презиме зборува за семантиката на личноста и дефинитивно станува збор за доста остроумна и интелигентна жена, меѓутоа постојат други аномалии во личноста кои многу повеќе доаѓаат до израз за разлика од нејзините позитивни особини.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Овие раскази на Бајлозова-Барламова набобрија, нараснаа како квасец… А преку фикцијата и приказните, коишто често забораваме дека се приказни, ние ги уриваме предрасудите, го трансцедираме сопствениот идентитет, и учиме како да се поврземе над границите, вели Елиф Шафак. На ова како да се надоврзуваат сите оние кратки приказни, кои функционираат како мали медаљони, преку некоја бурна ситуација или впечатлив детаљ, или долги приказни кои внимателно, чекор по чекор, како да се придвижуваат кон еден друг жанр, кон романот…
Дали чувствуваш дека веќе си подготвена да седнеш и да пишуваш роман? Или, можеби, веќе работиш на него?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: После две објавени книги раскази, дефинитивно е време да почнам со работа врз роман. Во оваа прилика ќе навестам за што се работи. Темата ќе биде исцрпена од валандовско, меѓутоа верувам дека ќе биде прифатена на широко. Станува збор за еден од десетте највредни артефакти кои што се најдени на археолошкиот локалитет „Исар“, Марвинци. Се работи за артефакт кој што е ископан во 1997г. и можам да забележам дека кај истражувачите поттикнува голема заинтересираност. Веќе сум во контакт со дел од луѓето кои што работеа на ископувањето и дел од материјалите ги имам кај себе, па веќе почнувам да истражувам и да барам што е можно повеќе информации. Станува збор за тема која што ќе не врати дури во железно време, во осми век пред нашата ера.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: „Постојат книги кои што сами по себе инсистираат да ви го променат животот.“, запишува старицата во својата тетратка по прочитаниот роман што утрото ѝ го подарува мајсторот во еден од расказите на оваа збирка. Можеби токму „Облогот“ е една таква книга. А што велите? Да се обложеме дека е така? Ама затоа треба најпрвин да се прочита „Облогот“ на Станка Бајлозова-Барламова!
Дали оваа твоја книга може да (ни) го промени самиот живот?
БАЈЛОЗОВА-БАРЛАМОВА: Може. Тврдам дека може. Во која смисла? Очекувам дека читателите нема да ја доживеат како книга што ќе ја прочитаат во еден здив, туку дека тоа ќе биде книга на која ќе и се навратат барем неколку пати. А сите ние имаме такви книги. Еве јас во мигов можам да издвојам барем три такви. Едната е „Злосторство и казна“ на Достоевски. Оваа книга поставува вонсериски прашања за тоа колку човечкото суштество е спремно на сопствената совест да си ги носи сите грешки и гревови што ги прави во текот на сопствениот живот. Бидејќи човечката природа е склона постојано да греши. Друга таква книга би била „Добра земја“ на Перл Бак. Оваа книга не поттикнува суштински да размислуваме за егзистенцијалните прашања. Еден од ликовите внатре вели: „Ќе дојдат такви времиња кога ќе ги штедиме и ливчињата чај што ги ставаме во топлата вода“. А бидејќи сум некој што нашироко ги гледа и ги анализира работите мислам дека не сме многу далеку од таквите времиња. Третата би била „Крпен живот“ на Страле Попов. Тука авторот отвора суштински прашања за тоа дали во животот исто како и во шахот, дури и откако сме ги направиле сите можни потези и сме си ја исцртале шемата по која ќе се движиме во животот, дали сепак постои надеж за смена на работите, особено ако шемата што сме ја исцртале во даден момент се покаже како погрешна. На такви начини очекувам да ме доживеат читателите. Извлекувајќи суштински одговори поради кои што ќе и се навраќаат на книгата.

 

Текстот е настанат од промоцијата-разговор меѓу Весна Мојсова-Чепишевска и Станка Бајлозова-Барламова за нејзината збирка раскази „Облогот“ (Скопје: Три, 2025) што се случи во Домот на културата во Валандово на 1 декември 2025 со почеток во 19 часот.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ
За книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните...
Повеќе
0 replies on “Да се влезе во туѓа кожа”