Кон „Договорот“ од Јордан Коцевски

Договорот на Коцевски е повеќеслоен. Веднаш штом ја прочитав, му се јавив и не можев да се сопрам да зборувам, како е тоа негово најдобро дело, колку е видливо дека исклучително се вложил во него и колку е убаво да се чита во еден здив, но и бавно, со вечерното какао, секој како милува.

Претставувањето на најновото дело на Јордан Коцевски „Договорот“, издание на „Антолог“, ќе го започнам со неколку наизглед едноставни прашање: „Колку често потпишувате договори? Кој бил најважниот договор кој сте го потпишале? Ви се случило ли да не испочитувате договор? Ви се случило ли некој да не го испочитува договорот кој сте го потпишале заедно? Верувате ли во договори?“
Договорот на Коцевски е повеќеслоен. Веднаш штом ја прочитав, му се јавив и не можев да се сопрам да зборувам, како е тоа негово најдобро дело, колку е видливо дека исклучително се вложил во него и колку е убаво да се чита во еден здив, но и бавно, со вечерното какао, секој како милува. Читајќи, особено првиот дел, како да читав еден друг Михаил Булгаков, кој слично на него се зафаќа со темата на душата и прашањата колку е таа само наша и колку со неа може да се тргува. Само што во случајот на Јордан Коцевски, отсуствува Ѓаволот, и на сцена стапува Александар. Коректор на научените концепти за рајот, пеколот и чистилиштето, креатор на метафизички простор во кој мир наоѓаат и душите на самоубијците. Со јазикот на теоријата на книжевноста, Јордан креира и меѓу книжевен простор, кој постои на над-ниво во релација со она основното во кое се случува дејствието, како две полиња кои постојат едно во друго. Мета простор кој и книжевно постои во рамките на еден друг. Фасцинира фенеоменолошкиот пристап на нараторот кон дејствието. Така читаме: „Борче се насмевна. „Те сакам“, ѝ рече. „И јас тебе“, му прати бакнеж и го прекинаа разговорот. Секоја молекула од телото на Борче се наелектризира. Импулсот струеше насекаде. Отчукувањето на срцето ја следеше брзината на импулсот. Отсечното дишење низ носот не ја попречи устата да му се растегне од едниот до другиот крај. Ја стави дланката на градите. Беше заљубен. Можеше да стане целосно финансиски независен. Слободен. Како птица. Леташе. Леташе!“ Главниот лик, Борче, е човек чиј живот, на прв поглед монотон и предвидлив, се претвора во внатрешен и морален амбис. Неговата желба за љубов, припадност и разбирање, го носи во виртуелниот свет каде што се запознава со Тања, девојка која во себе го содржи и сонот и кошмарот на денешниот миг. Коцевски ја развива оваа релација со перспектива на психолог и со сензибилитет на книжевник. Почетната возбуда на „онлајн запознавањето“ постепено преминува во зависност, а зависноста во целосна манипулација, која ќе го доведе ликот до пропаст, финансиска, но пред сè духовна.
Темата на романот се надминува себеси, ова не е само приказна за измама, туку за верување, за довербата како една од човечковите вредности.
Јазикот на романот е чист, функционален, без непотребни метафори, длабоко емотивен. Авторот мајсторски ја контролира нарацијата, создавајќи незивесност, што расте паралелно со градењето на ликот.
Коцевски вешто ја користи синтаксата како ритмичен пулс на ликот, речениците понекогаш се кратки и пресечени, како здив на страв, а понекогаш се долги, опсесивни, како внатрешен монолог на човек кој сака да го разбере сопстевното допирање на дното.
Во таа смисла, стилот наликува на најдобрите примери на реалистичко-психолошка проза, со дискретни одблесоци на модернистички и постмодернистички елементи.
Слично како кај „Процес“ на Кафка, и кај Коцевски „виновникот“ е невидлив, апстрактен, или како во „Записи од подземејто“ на Достоевски, ликот не е грешник, туку страдалник; неговата вина е во тоа што сака да верува. „Договорот“ е истовремено и интелектуално и емотивно искуство Ова е роман за времето во кое живееме – време во кое се преиспитува човечноста и што значи да се биде човек. Роман кој не суди.
Коцевски има доблест преку овој роман да ја разгледа темата на самоубиство, контроверзно, со доблест, со очи широко отворени и срце полно разбирање.
Ги разгледува и темите на ветување, пријателство, соголувње пред оние на кои им веруваме…
Создава простор/систем за Борче и сличните на него: „Кога ги отвори очите, рожницата му се соочи со силна светлина. Не знаејќи каде се наоѓа, Борче се штрекна. Отсечно почна да ја движи главата околу него. Беше надвор. Во некој парк, на сонце. Се движеше, а не одеше. Како? Седеше на нешто меко, со рацете во скут.“
Место заклучок би ја завршила оваа рецензија со стиховите на Wish you were here на Pink Floyd: Па, па мислиш ли дека можеш да разликуваш / Рај од Пекол, сино небо од болка? / Можеш ли да разликуваш зелено поле од ладна челична шина? / Насмевка од превез? / Мислиш ли дека можеш да разликуваш?

Тагови од објавата
More from Мерсиха Исмајлоска
Анти-бајките на Прокопиев
Кон „Човечулец“ од Александар Прокопиев
Повеќе
0 replies on “Кон „Договорот“ од Јордан Коцевски”