Луиза е тинејџерка, најдобриот вид човек. Доказот за ова е мошне едноставен: малите деца сметаат дека тинејџерите се најдобрите луѓе и тинејџерите сметаат дека тинејџерите се најдобрите луѓе. Единствените што не мислат така се возрасните. А тоа е, очигледно, затоа што возрасните се најлошиот вид луѓе.
Еден од последните денови пред Велигден е. Многу набрзо Луиза ќе биде избркана од една аукција на уметнички дела поради вандализирање скапа слика. Стари госпоѓи ќе врескаат и ќе дојде полиција, а тоа воопшто не беше планирано. Не дека се фали, но Луиза имаше совршен план, не беше планот виновен што таа не се придржуваше до него. Зашто некогаш Луиза е генијалец, но некогаш не е, а проблемот е што и генијалецот и негенијалецот делат ист мозок. Но планот? Совршен.
Аукцијата е од оние каде што одат исклучително богати луѓе за да купуваат апсурдно скапа уметност, па тинејџери не се добредојдени таму, особено не тинејџери со ранци полни со спрејови. Богатите возрасни имаат видено премногу вести за „активисти“ што влегуваат и вандализираат познати слики, па затоа влезот го штитат чувари со тежина од сто и триесет килограми и нула грама смисла за хумор. Тоа се оние чувари со толку многу мускули што имаат и мускули што немаат латинско име, зашто во времето кога се зборувал латинскиот, уште не постоеле толку огромни кретени. Но тоа не требаше да биде проблем, затоа што планот беше Луиза да влезе без чуварите воопшто да ја забележат. Единствениот проблем со планот беше тоа што Луиза беше таа што требаше да го спроведе. Но, мора да се признае, почна добро, затоа што зградата каде што се одржува аукцијата е стара црква. Го знаеме тоа зашто сите богати луѓе на аукцијата постојано си велат: „Знаеше ли дека ова е стара црква?“ Затоа што богатите обожаваат да се потсетуваат меѓу себе колку се неверојатно богати, толку богати, што можат да купуваат работи дури и од Бога.
По неколку дена, на почетокот на Велигден, сосема очекувано, никој во просторијата нема ни да се сети на Бог, зашто тогаш Бог веќе нема да има ништо интересно да им продаде. Но она што е неверојатно кај Бог е што Бог ги разбира човековите потреби, па секогаш има тоалети во црквите, и така Луиза влезе преку еден од прозорците во тоалетот, баш како што планираше. Нејзината пријателка Фиш ја научи како се прави тоа. Фиш е најдобра во сè. На пример, најдобра во губење работи, и најдобра во кршење работи, но најдобра од сè е во провалување. А Луиза? Таа е лоша речиси во сè, но ја бива за лутење. Не дека се фали, но навистина е светска класа во тоа. А особено е лута што богатите луѓе купуваат уметност, затоа што богатите се најлошиот вид возрасни, а најлош начин да вандализирате уметност е да ѝ ставите проклета етикета со цена. Затоа богатите возрасни ја мразат уметноста што Луиза ја чкрта по ѕидовите на зградите, не затоа што си ги сакаат ѕидовите, туку затоа што ја мразат самата помисла дека постојат убави работи што се бесплатни.
Значи, Луиза влезе низ прозорецот со ранец полн спрејови и совршен план. Кога се стркала на подот во тоалетот, застана за момент и на ѕидот нацрта мошне реалистичен портрет од чуварите. Некој поповршен уметник можеби ќе ги прикажеше како бикови, со оглед на тоа што вратовите им беа толку дебели што човек не можеше да каже каде им завршува главата. Но Луиза никогаш не би го направила тоа. Зашто таа умее да ги погледне луѓето во душата, па затоа ги наслика како медузи. Зашто медузите, исто како чуварите, немаат ни ’рбет ни мозок.
Потоа облече бела кошула и се провлече во толпата.
Треба да се истакне дека Луиза мрази многу работи кај себе, но најмногу, својата висина и својата тежина. Во текот на целото детство посакувала многу нешта, но можеби ништо толку силно како да биде поситна. Не си го сака телото затоа што има премногу од него, не си го сака гласот затоа што ѝ е предлабок, не си го сака мозокот затоа што секогаш ѝ вели да зборува кога е нервозна. А најмногу од сè, не си го сака срцето затоа што секогаш ѝ е вознемирено. Глупаво, глупаво срце.
Имајќи го сето ова на ум, можеби ќе помислите дека некој, се разбира, морало да ја забележи Луиза кога влегла во старата црква, но прво треба да сфатите дека богатите возрасни речиси никогаш не забележуваат ништо. Освен огледала. На сите ѕидови висат скапоцени слики, едно ремек-дело по друго, секое пограндиозно од претходното, но просторијата е полна со луѓе што фанатично се обидуваат да си ги видат фризурите во одразот од своите чаши со шампањ. Една група весели жени прават фотографии, не од уметноста, туку едни на други. Група сериозни мажи разговараат за своите омилени слики, не како уметнички дела, туку како инвестиции, небаре се врамени банкноти. Потоа мажите почнуваат да прават муабет за голф, а жените се смеат гласно на нешто фантастично, за што сè во нивните животи е најдобро, сите се преубави, и зар не е неверојатно што оваа зграда е стара црква? Очигледно никој од нив не се осмелува, всушност, да зборува за сликите на ѕидовите, премногу ги плаши помислата дека можеби ќе помислат нешто погрешно. Некој друг треба прв да каже нешто, за тие да знаат што им е дозволено да сакаат. Една од жените се враќа од тоалетот и изгледа згрозено, некој насликал графити по ѕидовите таму, бојата мирисала силно и сега жената има мигрена.
„Графити? Ужас! Вандализам!“ извикува една од жените, но друга шепоти:
„Но… што ако графитите се дел од изложбата? Мислите ли дека се… уметност?“
Паника се шири низ групата како урина во шатор. Оти што ако грешат? Жените трчаат до мажите што зборуваат за голф за да ги прашаат дали е уметност. Еден од мажите прашува:
„Има ли етикета со цена?“
Жените одмавнуваат со главите и се смеат. Нема цена, нема уметност, ах, какво олеснување!
Мажите повторно покажуваат кон ѕидовите и зборуваат за инвестиции. Кога зборуваат за најдобрата инвестиција во целата црква, посочуваат кон една од сликите и велат: „Слика од море“, небаре е само тоа: сина и скапа.
—
Зошто е лута? На Луиза не ѝ е јасно како би можела да се чувствува како и да е поинаку.
Околу мажите и жените се движат келнери во бели кошули и ги послужуваат со канапеи, затоа што богатите луѓе обожаваат минијатурна храна. Сè друго треба да е огромно, освен даноците и сендвичите. Никој не ги гледа келнерите во очи, вработените се толку небитни за богатите возрасни што не ни забележуваат дека една од нив носи ранец.
Луиза внимателно движи низ толпата, ако отсекогаш сте се чувствувале премногу крупни, учите прилично добро да не им пречите на другите, па така никој не ја забележува сè додека не го здогледа платното поради кое е дојдена, и тогаш одеднаш ја фаќа паника. Бидејќи ја прави толку среќна, што ѝ се чини дека сите таму можат да слушнат како глупавото, глупаво срце ѝ чука во градите. Но никој не реагира. Што, се разбира, и не е толку чудно, затоа што ако сте возрасен, одамна имате заборавено како звучи тоа.
Слика од море е слика на светски познатиот уметник „К. Јат“. Тоа е најскапата слика на целата аукција, па сите ја посакуваат, не заради тоа што е, туку заради приказната. Се вели дека тоа е првата слика што К. Јат ја насликал, на четиринаесет години, чудо од дете. Така му почнала кариерата. Но мажите што зборуваат за голф не се грижат за тоа и одушевено им раскажуваат на жените со шампањ дека сликата, пред сè, е „ебено добра инвестиција“, но од сосема друг муабет. Весниците пишуваат дека уметникот е наркоман, дека е во толку лоша состојба што веќе не излегува од дома, па ако купувачот има вистинска среќа, можеби ќе умре! Замислете колку ќе вреди сликата тогаш!
Сите се смеат. Луиза ги стега тупаниците.
Превод: Диана Николовска
