АКО НЕ ПОСТОИ НОЌТА НИКОЈ ОД НАС НЕ БИ ЗНАЕЛ КОЛКУ Е УБАВ ДЕНОТ
(за сликовницата „Луна и Темнината“ од Зорица Николовска, со илустрации на Иван Најденовски)
Мирча Елијаде во „Аспекти на митот“, под заглавјето „Вистинска приказна – Лажна приказна“, ја прави разликата помеѓу митот како вистинска приказна и сказната како лажна, едната како сакрална, наспрема другата како профана. Владимир Проп, пак, ќе ја брани теоријата дека сказната произлегува од митот, од култните егзотерични митови, наспрема онаа на Клод Леви Строс која инсистира на фактот дека митовите и сказните постојат паралелно и се развиваат како самостојни видови, при што митовите се приказни со забрана за раскажување и се посветени за малкумина, додека сказните се приказни кои им се раскажуваат на сите. Од друга страна, повеќето теоретичари ќе се обидат да покажат дека сказните настануваат од митовите. Во оваа смисла, Елијаде дообјаснува дека нема јасна граница помеѓу митот и сказната, дека често „сказната го повторува, на друг план и со други средства, поучното сценарио на иницијацијата“.
Но, детето не знае што е тоа иницијација. А и не го интересира! Можеби и самите родители не знаат за чинот на иницијацијата. Но, детето сака да расте, детето сака да порасне. И родителите сакаат да му помогнат во тој чин на растење и пораснување. Ама сите знаат дека тоа се смее кога е среќно, а плаче кога е тажно. Дека детето (треба да) е будно кога надвор е ден, а заспано кога надвор е ноќ. Но што се случува кога детето од некоја причина не е заспано, а надвор, сепак, е ноќ? Дали тогаш во неговото главче не претрчува самата ноќ, а во неговото срце не се вдомува самата темнина? Како тогаш да расте и како да порасне ако го заробува стравот?
Книгата-сликовница „Луна и Темнината“ раскажана од Зорица Николовска и нацртана од Иван Најденовски, може да се чита и како мал мит и како голема сказна зашто му ја отвора вратата на детето-слушател, но и на детето-читател кон растењето преку личното спознавање и зашто му дава некои одговори за појави и емоции кои тоа не може да си ги објасни. И тоа дете преку оваа приказна на Николовска засилена со илустрациите на Најденовски без напор може да се идентификува со Мартин. Низ самото поигрување на денот и ноќта, на светлото и темното, на будното и заспаното, на Луна и Темнината му овозможува на детето-слушател, но и на детето-читател да ги изгради и првите претстави за светот, за односите во природата и во вселената, за тоа во што верува, но и за тоа во што не верува, и, секако, за тоа што сака или од што стравува.
Затоа, ова е приказна може да започне и вака:
Некогаш и некаде си живееше еден страв и го чекаше своето вистинско време, но и вистинско место за да се насели… да завладее во нечие детско срце?
Дали овој страв сосема случајно го одбира безгрижниот Мартин?
Дали овој страв го зграпчува овој безгрижен Мартина туку-така или намерно ја одбира куќата на неговата баба која се наоѓа сосема на крајот на градот (како куќата на бабата на Црвенкапа или куќичката на седумте џуџиња длабоко во шумата)?
А овој страв онака ли ја одбира старата детска соба на неговиот татко која се наоѓа токму на горниот кат и каде на прозорецот тропаат гранките и лисјата на кајсијата од дворот?
А зошто решава да се всели во безгрижниот Мартин токму во ноќта?
Веќе и мене ми трчаат морници. Веќе и мене ми се намовнува кожата.
* * *
Затоа, ајде да ја прочитаме оваа најнова книга-сликовница и да откриеме колку ноќта е навистина страшна! Во тоа ќе ни помогнат и Луна и Темнината! Можеби ве плашат и самите нивни имиња. А не треба. Зашто, Луна е, и едно обично златокосо девојче, и месечева самовила. И најбитно од сè, Луна е подготвена да му ги покаже сите убавини на ноќта на исплашениот Мартин. А, Темнината ни сама не знае зошто сите се плашат од неа како да е чудовиште кога таа е само девојка која ѝ ја дава волшебност на ноќта.
Затоа оваа приказна во која модрината и темнината имаат една топла компонента преку илустрациите на Иван Најденовски (и очигледно има некоја магија во неговата четкичка штом успева сината и модрата како студени бои да ги затопли и осветли) не е приказна за царувањето на стравот, туку приказна за сите убавини на ноќта, на нејзините светулки, штурци, мудри бувови… Таа е приказна за убавата страна на темнината, како што сака и самата Зорица Николовска да ни каже, да ни раскаже.
Зашто: „Никој од нас не би знаел колку е убав денот ако не постои ноќта.“.
Зашто како што вели Темнината: „… јас сум толку темна што ти ја покажувам убавината на светлината…“.
