Ни затворски ќелии, ни темни зандани, ни синџири не можат да ги сопрат срцето и душата да се преточат вo зборови. Ослободувањето – свето. Писмото е и храна и вода и топлина и спасение.
Во име на писателите во затвор. Минати, сегашни и идни борци за слобода.
Не толку одамна, професорка по книжевност, ни беше раскажала една случка од западно-европска земја. Имено, група професори ги носат на посета во казнено-поправен дом и го имаат неповторливото искуство да видат со свои очи затворска ќелија од таван до под со испишани ѕидови од човекот кој престојувал во неа. Голите ѕидови му станале издишка, спас во лудилото од затворениот простор.
“Дали не изненадува тоа што затворите личат на фабрики, училишта, бараки, болници, кои пак личат на затвори?” вели Мишел Фуко во делото “Дисциплина и Казна”. Оттаму, не е ли човекот индоктриниран да живее од еден до друг затвор, меѓу училиштето, работата, грижата за здравјето? Постојано притиснат, натоварен со нешта непотребни, загрижен, осамен, а неразбран. Затворен како однадвор, така и одвнатре. Од самиот себеси.
Вирџинија Вулф ќе рече “Комуникацијата е здравје; Комуникацијата е вистина; комуникацијата е среќа. Да делиме е наша обврска; да се спуштиме храбро и да ги изведеме на виделина оние скриени мисли кои се најзаразни; да не скриеме ништо; да не се претвораме во ништо; ако сме неуки да кажеме така; ако си ги сакаме пријателите за да им го кажеме ова.” Споделувањето, макар лошо, макар добро, исто како пишувањето. Давањето дел од себе. Затоа ни е дадено словото, како дар кој ослободува.
“Зашто Бог гледа… за да ги чуе воздишките на затворените, за да ги ослободи осудените на смрт,” напишано е во Книгата на Псалмите.
Некои од најзначајните дела во историјата на литературата биле создадени во затворска ќелија. Првиот модерен европски роман “Дон Кихот” од Сервантес, напишан e во затвор во Шпанија во 17-от век.
Марко Поло, откако го пропатувал светот, завршил в затвор во Џенова, каде на својот другар од ќелијата Рустикело да Пиза, лично му ги раскажува своите патешествија, од што ќе произлезе епското дело “Патувањата на Марко Поло”.
Хенри Дејвид Тороу, кој само за една ноќ помината в затвор добил инспирација да го напише есејот за граѓанската непослушност.
Мартин Лутер Кинг во затвор ја составил “Писмо од Бирмингамскиот затвор” за расната сегрегација во Америка.
Оскар Вајлд “Де Профундус”, апологетска хроника напишана во затвoр каде преседел две години.
Делото “Разговори со себеси”, од Нелсон Мендела, исповед дополнета со писма за 27-те години поминати во затвор.
Камингс, Џек Абот, Достоевски кој служеше казна во Сибир се само малкумина од плевата писатели кои го искусиле затворот.
Несомнено, пишувањето е терапија. Модерните општества ја увиделе користа од наоѓањето оддишка на хартија и голем дел од затворите и казнено-поправните институции се насочени кон активни работилници за креативно пишување. Алтернтивно решение за проблемите, некој би рекол!? Можеби. Whatever works. Пишаниот збор oткако ќе го ставиш на хартија, повеќе не е твој. Ослободител е самиот писател, еден вид канал низ кое поминува словото.
Писмото несомнено претставува коректив, толку потребен за целото човештво.
Злоупотребата на слободата на изразување денес го има својот најголем замав. Електронското следење му се заканува на секој еден човек и доаѓа од повисоките инстанци на раководство. Оние за кои сме свесни, но остануваат невидливи за обичниот смртник. Она што Џорџ Орвел го нарекува “Големиот Брат”, непознатиот Сезнајко, кој заплашува од длабочините на непознатото. Тој-Голем Брат не има на еден клик. На дофат сме му со два телефонски разговори. За него не сме она што сме – луѓе од крв и месо, емоции, мисли и идеи. Од нив сме ние пресоздадени во еден куп од податоци-информации, како холограм, од кој Тој не се наситува никогаш. Податоци. Сакате лични, семејни, за омилените-омразените нешта, податоците од здравствена природа, за каде сте биле и каде одите, што правите и што ќе правите, со кого, за непотребните, безобразните, непримерните, противречните, неморалните, неправичните податоци. Се’ има Тој. Се’ што може да се искористи за и против Вас.
И сите го знаеме тоа, а креваме раменици, како “Па нема што да се прави”. А компјутерот кој го храни? Па човекот се разбира. А целта е што поголем профит на големите индустрии.
Едно решение би било слобода на ограничување, себерегулирање при употребата на интернетот.
Другата е битка против корпорациите.
Давид против Голијат.