Книга сочинета од сто „мали роман-реки“, секој од по една страница, опишана од самиот автор како „една обемна и духовита библиотека“, „Центурија“ претставува сложен предмет, кој виси меѓу раскажувачкиот експеримент и пародијата. За да ја проследиме генезата на „Центурија“, еден од најкарактеристичните производи од металитературните размислувања на Манганели, корисно е, пред сè, да се навратиме на историјата на насловот, во кој се вплетени повеќе референци .
Кон латинското значење на „основна единица на римските легии, сочинета од сто луѓе“, може да се додадат и други културни референци: помислете на загадочните предвидувања во четиристишија собрани од Мишел де Нотр-Дам (Нострадамус) во „Астролошки центурии“ (од 1555, 1557 и 1568 год.), основен текст на ренесансната езотерија, или на „Вести од Парнас“ од Трајано Бокалини (структурирани во две Центурии, од 1612-тата и 1613-тата година). Бокалини, меѓу другото, е старо четиво на Манганели, кој му посветува една глава во неговата дипломска работа по Политички науки: „Критички осврт на проучувањето на политичките доктрини во Италија во седумнаесеттиот век“.
Покрај тоа, симболичниот број неминовно нè навраќа на „Декамерон“ (Centonovelle беше всушност името под кое во Европа беше познато ремек-делото на Бокачо, како имитација на кое во Франција, меѓу 1464 и 1467 година, беа собрани Cent nouvelles nouvelles или „Сто нови новели“) и, уште порано, на „Новелино“ (Novellino), анонимниот текст од тринаесеттиот век*, кој во 1975-тата (четири години пред објавувањето на „Центурија“) издавачката куќа „Рицоли“ одлучи повторно да го отпечати во економично издание во популарната серија BUR, доделувајќи му ја токму на Манганели задачата да го напише предговорот. Не е неверојатно „Новелино“ да му ја предложила на авторот структурата на некои од „роман-реките“ од „Центурија“.
*Терминот, кој го означувал делото (збирка од сто елементи, од латинкиот збор centum и италијанскиот cento што значи „сто“), подоцна се користел за поединечните „романи“ од „Центурија“ ¬– вулгаризација одобрена и од самиот Манганели.
*(Заб. на прев.) Збирка сочинета од сто тоскански раскази со различна тематика: историска, митолошка, љубовни приказни итн.
Сто книги во еден роман
Имајќи наум дека идејата за сто книги збиени во еден единствен роман нема претходници во италијанската литература, можеби две издавачки случувања придонеле за дефинирањето на проектот.
Во ноември 1978-мата – само неколку месеци пред издавањето на „Центурија“ – Манганели бил дел од жирито на конкурсот „Сто книги за да научите да читате“, објавен од неделникот „Еспресо“ по пример на сличното истражување на германскиот неделник „Де Цајт“. Прашан за значењето на операцијата, тој провокативно одговорил: „Самата идеја е безумна и би била смешна да не беше ужасно искрена и чесна … Проектот со стоте книги претставува една „супер-школа“ и, доколку знае што прави, предлагачот би требало да ги предложи стоте кратки содржини и стоте главни црти на кратките содржини … Произведувајте, произведувајте култура: тоа е вашиот занает и, над сè, е спротивност на литературата“. Истиот неделник, објавувајќи предпремиерно – во бројот од 11 март 1979 – неколку од стоте „романи“, препознава во книгата еден вид на одговор на авторот кон критикуваниот конкурс.
Покрај тоа, во 1960-тата, Манганели и Чезаре Гарболи соработувале во иницијативата „Сто книги во секоја куќа“ на дневниот весник „Џорно“, кој сакал да им понуди на читателите панорама на литературата од последните два века преку сто одбрани и каталогизирани книги. Можеби оваа уредничка задача со време допринела во Манганели да се роди идејата за стоте романи од по една страница: всушност толкав бил просторот што му бил дозволен на рецензентот за да остане во рамките зададени од весникот – простор идентичен со оној што го резервирал нараторот за крајно збиеното дејствие на стоте единици на „Центурија“.
Внатрешната приказна на „Центурија“
Но кога и како се раѓа „романот од романи“? Самиот автор ни дава одговор на ова прашање во интервјуто што му го дал на Стефано Џованарди, објавено во дневниот весник „Аванти!“ од 8 април 1979 година, некој месец по издавањето на „Центурија“ од страна на издавачката куќа „Рицоли“ :
„Сите раскази ги напишав од септември до ноември минатата година и објавени се по истиот редослед по кој се
напишани – пред сè, бидејќи верувам дека во нивната целост тие исцртуваат, ако не дејствие, тогаш секако еден ритам: ритамот на расположенијата кои следеа едноподруго сосема неспоиви меѓу себе, токму како одвреме-навреме раскажуваните претпоставки за универзумот … Случајно имав многу листови за машина за куцање што беа малку поголеми од вообичаено и дојдов во искушение да напишам наративни секвенци што во никој случај не би ја надминале големината на еден лист: малку наликува на митот за сонетот, односно за една строга и деспотска структура со која пистаелот нужно треба да си ги одмери силите. Но во тоа е и целата убавина: во еден вид на пишување кое те принудува на суштинското, те присилува да се бориш против неконтролираното распливнување. Впрочем, верувам дека да ги немав тие листови никогаш не ќе успеев да ја напишам оваа книга.“
„Четириесет реда плус два кубика воздух“
Изданието кое тука го презентираме се стреми да ја задоволи желбата изразена од Манганели – но, само делумно реализирана – по првата „Центурија“ да следи уште една . Се обидовме да навлеземе во живиот организам на лабораторијата на авторот, место на чудесни алхемии и лингвистички волшепства, за од поблиску да ја следиме генезата на еден текст кој секако е меѓу неговите подобри наративни обиди – над парадоксалната дефиниција што самиот Манганели ја дал во интервјуто на Џованарди:
„Имам впечаток дека расказчињата од „Центурија“ малку наликуваат на романи на кои им бил одземен сиот воздух. Еве: сакате моја дефиниција за романот? Четириесет реда плус два кубика воздух. Јас ги оставив само четириесетте реда: покрај сè, зафаќаат помалку простор, а вие добро знаете дека просторот секогаш е огромен проблем кога се книгите во прашање“.
*(Заб. на прев.) Книгата била издадена во Милано во јануари 1979-тата година и брзо постигнала значителен успех, за што сведочат бројните рецензии и едногласниот добар прием од критиката, според кои книгата е предодредена да му донесе на писателот широка публика. Во јули истата година „Центурија“ ја добива наградата „Виареџо“ (Viareggio).
*(Заб. на прев.) Во март 1980-тата, во изданието бр. 161 на списанието „Caffè“, биле објавени дваесет „Други центурии“: во недостиг на коментари, товарот да воспостави идеен континуитет со оние веќе издадени во „Центурија“ паѓа само на насловот, кој меѓу другото ја одобрува проширената, иако погрешна, употреба на терминот. Веројатно е дека Манганели сакал да го продолжи успешниот експеримент со уште една, нова „Центурија“.