БУДНОСТА НА ПЕТРОВА

Скоро сигурно, и тоа најмногу заради иновативноста на ова ново/младо писмо, романот „Бдеењето над себе“ на Дијана Петрова го прочитав како потресен дневник на една субјективна душа.
    … за да се согледа невидливото…
    … за да се наслушне нечуеното…

Промоцијата на „Бдеењето над себе“ од Дијана Петрова се случи на два-три дена пред почетокот на летото, на 19-тиот ден во 6-от месец во 19-тата година на 21-ов век. Само неколку дена од деноноќието кога денот е најдолг, а ноќта најкратка. Летото е инспиративно и за писателите, па така тоа е атмосфера во кусиот расказ „Почетокот на мошне убав летен ден“ на Данил Хармс или во расказите „Летување“ на Митко Маџунков и „Какво лето“ на Оливера Николова. И каква врска има сега овој вовед кога летото не е темата на книгата што се промовираше, на книгата и радоста за неа што ја споделивме таа вечер, освен што бевме на два-три дена од почетокот на летото. Сепак, има. Имено, првите записи од „Бдеењето над себе“ почнав да ги добивам минатото лето по една средба во Охрид, во времето на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Се сретнавме додека јас чекорев по охридските калдрми кон Св. Софија, а таа стоеше на влезот од една галерија каде работеше тогаш во тоа исто време со времето на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но и каде продолжи да работи во текот на целото лето 2018-то. И од таа наша средба очи в очи продолживме да се среќаваме преку вибер. Така првите записи од „Бдеењето над себе“ ги добив како вибер пораки во необични и неочекувани времиња, среде жега или омарнина, на преминот од едниот во другиот ден, на преминот од ноќта во денот, некогаш и на пладне кога точката на топење и вриење под вжареното сонце не може да ги поднесе телото. Јас бев од оваа страна на екранот на мобилниот, Дијана Петрова беше на другата страна. Меѓу нас беа бдеењата… И така во еден период од интинзивни неколку месеци, при што и летото мораше да си оди и без многу поговор мораше да ѝ го отстапи местото на есента, се нижеа „виберските бдеења“ … таа интензивно пишуваше, ја отвораше својата душа, лебдеше меѓу сонот и јавето како што се лебди во жешките, лепливи летни ноќи. Јас уште поинтензивно ја читав и ја коментирав… И еве од тогаш изминаа околу 10 месеци. Есента и зимата беа годишните времиња на личното преиспитување, зашто Дијана Петрова во неколку наврати се прашуваше што после ставањето точка на виберските пораки и дали тие пораки-бдеења може да бидат интересни за читање? Навистина дали? А потоа дојде пролетта во која се случи и одлуката и страста да се објават… Како и да е еве го пред нас првенчето на Дијана Петрова „Бдеењето над себе“ (Битола: Нов Вавилон, 2019, 106)
И што сега после „Бдеењето над себе“? Што после неговото исчитување? Дали неговото/нејзиното бдеење ќе го разбуди моето бдеење… или можеби твоето, вашето!? Што по испиеното кафе бакивдиј?
Протрчаа ли некои пеперутки и во мојот стомак?
(Ќе) Протрчаа(т) ли и во вашите?
Скоро сигурно, и тоа најмногу заради иновативноста на ова ново/младо писмо, романот „Бдеењето над себе“ на Дијана Петрова го прочитав како потресен дневник на една субјективна душа. Со „Бдеењето над себе“ Петрова како да сака да ја објави својата победа над објективниот роман:
„Тоа беше чудно чувство, чувство, кое како да не доаѓаше од овде, од овој свет. Туку, како да имаше постаро потекло, чувство кое и јас самиот, иако се нарекував писател, не знаев да го објаснам и да го ставам на хартија, за да можам и на другите, барем донекаде, да им ги покажам таквите чудни (прет)чувства со кои живеев веќе долго време. Чувства кои веќе ме изморија.“
Затоа овој крајно лирски роман не ми дозволува да зборувам за некаква фабула како и во случајот на лирскиот роман „Дневникот за Чарноевиќ“ на големиот Милош Црњански. „Бдеењето над себе“ е сплет од разни размислувања на главниот лик, или поточно на лирскиот субјект, на оној што за себе вели „јас“ без разлика дали употребува машка или женска форма на изразување, сплет од размислувања врзани со многу моменти, мотиви од животот, но и со самиот живот:
„Мојата искреност беше кутијата кибрит, таа беше огнот, а јас чкорчето кибрит. Мојата искреност го запали огнот, но тој беше толку силен, што наеднаш го изгоре чкорчето до крај и сега немаше повеќе што да гори.“
И така Дијана Петрова му се препушта на сонот. Му дозволува да ја завладее, го остава спонтано да проговори како своевидна животна драма, како свет, како литература. Дијана Петрова преку своето литературно бдеење нуди едно своевидно поместување на границата меѓу сонот и јавето. Пишуваниот сон како литература или уметност воопшто се разликува од обичниот сонуван сон по својата внатрешна кохерентност. Имено, обичниот сон не знае за ред и мерка, туку кошмарот е тој којшто господари со неговото царство. Затоа и не е едноставно еден таков хаотичен процес, каков што е сонот, книжевно да се обликува и стилизира, но и покрај тоа, Дијана Петрова многу вешто се справува со запишувањето на сонот, со прераскажувањето на сонуваното. Оттука и мислењето кое го застапува Данило Коцевски дека бележењето на соновите е исто како и да се има работа со – ѓаволот е инспирација за Петрова. Зарем таа нема работа со самиот ѓавол додека ни го раскажува сонот, првиот, вториот, третиот… сè таму до последниот…?
Многумина сметаат дека според содржината сонот претставува мит во мало и дека и митот и сонот говорат со ист јазик. „Митот е исечок од детскиот живот на душата на народот, а сонот е мит на поединецот“, вели Ото Ранк. Во тој контекст и овие Дијанини сонови се нејзини мали митови. Веќе по однос на самиот раскажувач на сонот се јавува колебање кое мошне успешно го изразил Бранимир Донат во насловот на еден свој есеј, кој гласи: „Кој го раскажува сонот, кој ја сонува приказната?“. Имено приказната во оваа книжевно бдеење најчесто се одвива во прво лице. Тоа „јас“ опфаќа две личности, кои, сепак, не се различни, туку идентични, како што тоа „јас“ на Петрова во најголем дел од своето „бдеење“ пишува во машки род, за на крај да се огласи и во женски род. Се работи за едно исто „јас“ сместено во две различни искуствени сфери: во сферата на јавето (раскажувачот) и во сферата на сонот (сонувачот).
Концепцијата на една нова поетика што во историјата на европската модерна лирика ја заговараше уште Артур Рембо се заснова на идејата да се согледа невидливото и да се наслушне нечуеното, а тоа е возможно единствено преку една состојба на постојана будност на писателот. Рембоовскиот поим будење е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед. Така, тоа Рембоово будење се доживува како состојба која не треба да се ограничи на краткиот момент на спиењето, туку на сосотојба која има способност бесконечно да продолжува и продолжува и продолжува, како што впрочем продолжува или поточно трае и трае во овие дневнички записи на Петрова. Таа состојба на продолжено, постојано будење, што Рембо ја нарече бдеење е состојба која е примарно иинспиративна и за Дијана Петрова. А нејзините 15+1 (от)сонувани соништа не се ништо друго туку преточување на нејзиното сфаќање на писателот/пишувачот како видовит.
Ова бдеење над себе е една можна анализа околу тоа како функционираат заедно моќта и еротиката. 15-те прераскажани сонови се читаат и како своевидна провокација со што Петрова се обидува да ги (раз)урне распространетите морални вредности. Во некои свои слики, кои прозвучуваат крајно поетски, се чувствува еден далечен одглас на Маркиз де Сад зашто тие поддржуваат една филозофија на екстремен индивидуализам. Нејзиниот лирски дневник-роман на моменти или слободно речено многу често нè запрепастува со шок-слики или шок-сцени кои не држат кој знае колку до некоја пристојност, манири и табуа. Таа како да има некој силен мерак за скандали и скандалозни, запрепастувачки доживувања зачинети со лути солзи и благи отрови. Нејзините бдеења се читаат од аспектот на темната драма на чистото, како што пишуваше Јасна Котеска во својата книга „Санитарна енигма“. Опсесијата по чистото (како темна енигма) многу често оди заедно со желбата за ред. Всушност во натамошниот човеков развој културата преку своите институции работи на наметнување грижа на совест во врска со самото нечисто. Кај Јулија Кристева нечистото е еден од четирите чинители (заедно со табуто, храната и гревот) низ кои се пројавува категоријата што таа ја именува како абјект. А предмет кој во најфундаментална смисла ја подрива стабилноста на субјектот е токму абјектот. Затоа на културата ѝ е страотно потребно да ги скрие, дури и да ги прикрие абјектните појави. „Културата го гони, го крие и го истиснува опскурното зазорно, затоа што се плаши од неговата моќ врз субјектот.“, вели Котеска. „Абјектното може да биде само она што, налик на повраќаницата, содржи во себе потекло од субјектот. Постојат низа такви абјектни материи: плунка, повраќаница, крв, менструална крв, мочка, пот, фекалии, сперма… Нашата култура е конституирана како напор за санкционирање на тие материи.“, поентира Котеска.
Ама Дијана Петрова токму нив ги обелоденува, па слободно нè втурнува во ситуации на конзумирање и исфрлање храна, на плукање во храната, на полнење и празнење на стомакот, нè изложува на доживување на сите непријатни мириси и на раширениот смрад, на тешката реа, нè изложува на слики на тело жедно за емоции, гладно за храна, на тело кое по будењето од кошмарниот сон своите емоциите ги обликува во ликови кои почнуваат да зборуваат, размислуваат, мудруваат:
„Сакав да ѝ раскажувам за тоа како честопати себеси се нарекував измет. Производ од лоша и лошо сварена храна. Само што, некогаш излегува преку газот, а некогаш преку устата. Повраќаница. Така се нарекував кога ја играв улогата на писател. Сакав да пишувам за работи кои подоцна, додека ги читав своите раскази, ми изгледаа како да не сум ги напишал јас туку како да излегле принудно поради грчевите во желудникот, предизвикани од клишираните реченици со кои сакав да се прехранувам. Но сепак, продолжував да пишувам, оти само на тој начин можев да си го овозможам сонот за кој пораснав – да пушам цигари и да спијам со голи жени.“
Абјектот како синоним за современата уметност ја промовира и идејата за т. н. абјектна уметност. А таа уметност му отвора можност гнасното/грдото да се доживее како уметнички гест поточно да му овозможи на одвратното да предизвика ефект врз примачот (консументот), во случајот на „Бдеењето врз себе“ на читателот. Зашто тој може да превиди нешто убаво, но не може да превиди нешто одвратно. Така што и самата литература како дел од уметноста сигурно ќе го следи овој нов стилски израз доколку читателот е подготвен да го прочита, проголта текстот во кој абјектот е доминантен. Иако како и секој друг маниризам, вели Јасна Котеска, така и абјектот во уметноста е стар веројатно колку што е стар и самиот чин на пишување и воопшто на творење/создавање, сепак, дури во последните триесеттина години се создадоа вистински услови таа абјектна уметност да се препознае, да се коментира и пред сè поинтензивно да се произведува и доживува.
Во тој контекст и романот на Дијана Петрова може да се чита и како еден вид абјектен роман. Бидејќи веќе е наполно јасно дека ако абјектот е ситуиран меѓу су-бјектот и об-јектот и дека како таков е дел од семиотичкото поимање, тогаш и самата абјектна уметност е нешто пред или по објектот.
Во книгата за меланхолијата Јулија Кристева ја изнесува меѓу другите и идејата дека самиот чин на пушување произлегува од меланхолијата. Кај Дијана Петрова темата на гладта и тоа најмалку за храната, туку многу повеќе на гладта за љубовта, разговорот, вниманието, сексот е крајно меланхолична. Впрочем секој од нас е едно мало догорче од цигарата, едно мрсулче на врвот на носот, едно… Можеби, во таа смисла и ова нејзино првенче може да се чита и да се доживува во сенките на црното сонце.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
КОЈ НАВИСТИНА ЈА (ДО)ПИШУВА ПРИКАЗНАТА ЗА НАЈГОЛЕМАТА КНИЖЕВНА САГА НА XXI ВЕК?
За книгата „Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте (превод Радица Никодиновска,...
Повеќе
0 replies on “БУДНОСТА НА ПЕТРОВА”