Помеѓу мигот и вечноста
(кон романот „Пасија по Г.Х.“ на Кларис Лиспектор)
„Еден ден, кога веќе бев престанала да те барам, едни раце,
миропомазни со прашања како моите, ме погалија по вратот.
И на тие раце имаше нокти.
И така, во најмалите места на светот, ја видов твојата ситност. “
— Боже, Ана Агилар-Амат
До Жорже Амадо и Жоао Гимарес Роза во бразилската книжевност стои името на Кларис Лиспектор како една од најисклучителните авторки на дваесеттиот век. Иако често пати од страна на критиката е споредувана со Вирџинија Вулф, Франц Кафка, Џејмс Џојс и Анџела Картер, останува мислењето дека сепак таа е луцидна во своите идеи и автентична во посебноста на сопствениот израз. Нејзиниот петти роман, Пасија по Г.Х., претставува мистичен обид да се искаже неискажливото преку комплексно секцирање на животот – склупторка во простор испразнет од значење, и лебарка како ознака за другоста, стојат во мигот помеѓу ужасното и прекрасното, помеѓу световното и светото. Пасија… е очуден запис за слободата, вечниот дуалалитет на катранот наспрема светлината, телесноста и концептот на чистота низ призмата на женската искуствена реалност осудена засекогаш да ги носи белегот и меморијата на фантазмата.
Ова необично констуирано дело со цикличен наратив и кружна структура претставува роман составен единствено од почетоци и истовремено роман составен исклучиво од краеви каде метафората и метафизиката постојано се вкрстуваат. Иако оперира со прецизен и јасен стил, Пасија по Г.Х. е тежок за следење не поради отсуството на дејство на сметка на психизмите, туку поради оптовареноста од чувства. Читателот втурнат во вртлог мисли го воочува текот на свеста кај Г.Х. каде прашања по прашања се нижат до бесконечност, а зборот, мислата и раскажувањето се сфатени како алатка на терапевско искуство за себелекување. Непрекинатите интроспекции и реминисценции му даваат тегобна атмосфера на молчењето, бидејќи иако овој роман е непрестан монолог парадоксално служи за да се одолговлечи суштинскиот разговорот. Тоа што изгледа дека нема смисла е смислата.
Лесно можам да го избегнам конзистентниот хаос на другите луѓе, но како да побегнам од сопствениот? (Пре)испитувањето и (пре)осмислувањето на светот во/н себе бара втурнување до најдлабокото себство и трагање по амбисот каде лежи вистината како врховен принцип. Поделеноста на јас пред другите и јас-непознат/а за себе предлага две различни перспективи на гледиште: јас во светот и светот во мене. Постојано менуваме маска за да играме дадена улога, но што кога (докрај) ќе се претопиме во неа? Кога јас е проекција на туѓите очекувања наместо на сопствените убедувања, животот е живеен како низа репродукции на едно дело, а не како оригинал. Привилегираната позиција која ја ужива, ја лишува Г.Х. од можноста да се види себе како еднаква на другиот. Поради гледањето само на надворешната форма и неможноста да го погледне човечкото во Жанаир, средбата со човековото искуство ќе ја заплисне токму во напуштената соба. Сеќавањата на Жанаир носат блокада и парализа, а чувството исчезнува во оној момент кога ќе биде прифатено. Немоста пред сировиот мурал на ѕидот ја води до првиот контакт со туѓото и крикот кој стрпливо чека да биде ослободен.
На границата од внатре кон надвор стои една лебарка што внесува живот во мртвилото. Кога средбата со валканото јавува сензација која загушува, нечистотијата ја соочува Г.Х. со сопствената кршлива состојба. Во Пасија… постои едно кардинално јадро од каде се ослободува перцепцијата и нарацијата зема (не)сигурен тек. Во оној момент кога е нарушен поредокот на празната, скоро стерилна соба, се руши и воспоставениот ред во личниот микрокосмос. Во зазорен момент на целосна заслепеност од омраза при помислата на дамнешна епизода, во очај ја убива лебарката. Пресекувајќи ја на две, се чини дека го пресекува и својот живот на пред и потоа. На средина е само таа, сега. По антиципацијата на смртта, тргнува грижливото набљудување и бавното рефлектирање. Со фанатична посветеност, Г.Х. го деконструира сопственото постоење. Големата свесност оди во корист на расчистување на напластените слоеви стаписаност, страв и страдање. Испрепелетувајќи симболи, дава поинакво значење на замислата за човек кој учи да се ослободи и од опресијата која владее во времето на непостојаноста и од стегата на божественото.
На замислата кон Другиот како непознат во мојот простор, мора да му се признае одредена доза анимозитет поради недоверба (Бановиќ Марковска 2007) Тој е скриеното лице на мојот идентитет и она што ме одделува од него е различноста – Другиот е она што јас никогаш нема да бидам. За да се разбере треба да се направи исчекор, да се почне дијалог и без да се негира да се прифати посебноста, не како нешто надворешно, туѓо, туку како внатрешно интимно. Странецот кој се јавува со будењето на свеста за мојата разлика, вели Кристева, исчезнува кога ќе се спознаам себеси како странец.
Потврдата на постоењето е сфатена преку моќта на допирот откриен во бизарна, клучна секвенца. Во оној момент кога го вкусува мртвото тело на инсектот и преку плунката му дава меморија на себе, настанува идентификацијата. По сосединувањето, лебарката не може да биде гледана како закана и нешто далечно штом носи сеќавање на субјектот. Со признавање и прифаќање на сопственото несфаќање, додека преку искупувањето минува низ чувството на умирање, Г.Х. прогледува. Најпосле, доаѓа ослободување и настапува прочистување. Дури кога вистински ќе наѕре во сопствениот понор, човек ќе го допре божественото по кое непрестано трагал. Во можноста да се биде кршлив лежи најголемата сила. Пасија по Г.Х. е роман за (бе)значајноста на нештата и доказ дека збирот од противречности е тоа што нѐ прави човечки битија.