Секој човек има своја приказна, a секоја приказна е приказна за себе. Кога ни ја раскажуваат, ние го живееме животот на главниот лик, се радуваме и тагуваме заедно со него, се будиме и заспиваме, живееме и сонуваме. Раскажувачот можеби и не го гледаме, но од неговиот жар и умешност да ни го долови туѓиот свет пред нашите очи, зависи колку таа ќе го задржи нашето внимание. Велат дека документарниот филм е токму тоа – убаво раскажана реална приказна за еден човек, за една жена, дете, за еден народ, за цел еден свет. Затоа тој е непроценливо важен. Бидејќи преку него ја дознаваме вистината на малиот човек, но и на целиот универзум.
Приказната на Атиџе Муратовска, жената која одгледува диви пчели во зафрленото напуштено овчеполско село Бекирлија, станала предизвик за режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Тие три години го живееле и документирале нејзиниот живот, за на крајот да го прикажат и да го освојат светот со магичните зборови на Атиџе – „половинa земи, половина остави“, но и со сликите од недопрената македонска природа која успеале да ја регистрираат камерите на Фејми Даут и Самир Љума.
Со Атиџе се запознаваме уште на почетокот на документарецот. Средовечна жена оди по карпеста патека која само таа ја знае, до место кое само неа ѝ е познато. Растргнува неколку камења во карпата опкружена со грмушки и тревки, и вади богатство – мед, чуван од армија мали лути воини, диви пчели, кои како да ја познаваат жената и без никаков проблем ѝ даваат од нивното жолто злато. Така започнува приказната. Атиџе живее во напуштеното село со нејзината стара мајка, во стара разурната куќа, без струја и вода. Таа останала да се грижи за неа, да ја храни, облекува, да биде работникот во куќата. А работата, изворот на приходи се пчелите, медот кој Атиџе го продава на пазарите во Скопје. Би рекле дека и кај двете жени постои одреден страв од помислата што може да донесе следниот ден. Старата мајка, легната во креветот до прозорецот, речиси неподвижна, не знае дали надвор е ден или ноќ, се обвинува дека уште е жива, па ќе рече: „Никако да умрам, си го правам животот пекол…“. А Атиџе како да не ја слуша. Старицата сепак е нејзин родител и не ѝ е тешко за неа да направи сé.
Единствена радост за Атиџе се пчелите. Со нив зборува како со деца, секако на нејзиниот мајчин јазик, турскиот. „Маат, маат, кут мат, кут мат“, што во превод би било нешто како: „Дојди чедо, дојди“. Така ја вика матицата, а по матицата доаѓаат и сите пчели од улиштето кое Атиџе од дивината го пренесува во близина на нејзината куќа, за да ѝ биде на дофат, па да се грижи за нив, од нив да зема, но и да им дава. Процес кој жената сигурно го научила од нејзините стари и го практикува како проверен рецепт кој ѝ овозможува скромна егзистенција.
Животот на Атиџе се менува кога во селото доаѓа семејството на Љутвие и Хусеин, со приколка и еден куп деца, да не можеш да ги доброиш. Скришно гледајќи ги од зад високата камена ограда, Атиџе како да се обидува да сфати што всушност тие бараат во Бекирлија. Имаат стадо крави, садат пченка, сакаат брзо да заработат, зашто „требаат пари за толку деца, за училиште, за леб…“ Дружбата со новите соседи во прво време е интересна за Атиџе. Разговорите и игрите со децата ѝ причинуваат задоволство, но за кратко време. Гледајќи дека пчелниот мед може да биде исплатлив бизнис, Хусеин решава да започне да се занимава со пчеларство, а Атиџе му кажува како треба, не заборавајќи да му го каже најважното- половина мед земи, половина остави. Но, не мисли тој како неа. Желен за брзи пари, без многу труд и жртви (ако не ги земаме во предвид каснувањата од пчелите кои и не се така малку), Хусеин почнува да им го зема целиот мед на пчелите. Трговецот бара 200 килограми, па посегнува и по улиштата на Атиџе. Разочарана од тоа што се случува, со еден од синовите на Хусеин, момче кое има доволно храброст да се спротистави на татко му и неговото однесување, ги преместува пчелите на друга локација. ,,Зошто не си одиш од местово?“, ќе ја праша седејќи во ноќта краj огнот. „Да имав син како тебе, сé ќе беше поинаку. Ама немам…“, е краткиот одговор на Атиџе.
Набргу на дојденците во Бекирлија почнуваат да им пцовисуваат телињата, во нивните улишта не се слуша зуењето на пчелите, нема мед. Па откако направија пустош во мирното село, заминуваат… Двете жени се повторно сами. Повторно имаат време да разговараат. Старицата, како и секоја мајка, е видно загрижена за иднината на ќерката.
– Ме боли кога те гледам ваква, ќеркo…
– Како да те оставам?
– Лесно…
Следните сцени не се лесни за гледање. Зима е. Се слуша само ветрот и виењето на волците. „Толку многу зими поминаа…“ ќе рече замислено старицата, и умира токму таа зима. Низ солзи, скршена од болка Атиџе тажи за мајка ѝ, но и за својата судбина: „И јас останав овде, ама тебе не те оставив!“
Животот продолжува. Додека снегот крцка под нејзините нозе, Атиџе со кучето оди кај пчелите по истата онаа каменеста патека која само таа ја знае, до место кое само неа ѝ е познато. Растргнува неколку камења во карпата и вади малку од богатството, од медот, кој сега е храна за дивите пчели, нејзините деца. Го дели со кучето Џеки. Во светот на Атиџе животните се подобри пријатели од луѓето.
Некаде прочитав дека документарците не се филмови за протагонисти кои седат и зборуваат, туку вешто прикажани слики од реалниот живот. Токму затоа филмот „Медена земја“ ги остава гледачите без здив. Затоа што е вешто раскажана приказна за еден вистински живот, за една вистинска човечка судбина. Читајќи ги статиите на филмските критичари за документарецот по добивањето на првите награди на фестивалот „Санденс“ во САД, во време кога го немав гледано, добив впечаток дека се работи за филм во кој главната тема е екологијата, неконтролираното искористување на природните ресурси, еколошката катастрофа која ни се заканува, алармантната состојба на планетата Земја за која предупредуваат се поголем број т.н. зелени активисти. И да, така е. „Медена земја“ е филм кој навистина ги зафаќа сите овие теми. Критичарот на Њујорк тајмс“ (The New York Times), A.O. Скот вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“. (telma.com.mk/medena-zemja-so-odlichni-kritiki-vo-sad). Џастин Чанг, пак, во рецензијата за „Лос Анџелес Тајмс“ ќе напише дека „Медена земја“ поттикнува на коегзистирање, за животот во деликатна рамнотежа со природата. ,,Но, исто така станува нешто повеќе: застрашувачка слика на тоа колку брзо и лесно може да се наруши тој баланс.“ (telma.com.mk/medena-zemja-so-odlichni-kritiki-vo-sad).
Искрено, сите го видоа она што секојдневно го гледаат – безмилосното уништување на природата, на животните. Но тука, во „Медената земја“, која е таму некаде, преку седум планини, преку седум мориња и седум реки, како што обично се вели во приказните, има и некој кој ја знае тајната за опстанокот на светот. Во случајот тој некој е Атиџе, а тајните зборови се „половинa земи, половина остави“. Што ни кажува таа? Ни кажува дека треба да престанеме да бидеме себични, да престанеме да грабаме од туѓото, бидејќи како сме тргнале, за скоро ќе не снема.
„Не им земај се на пчелите!“, му вели Атиџе на Хусеи, предупредувајќи го дека ќе заминат, дека ќе исчезнат ако останат без мед во кошницата. Всушност му кажува дека човекот мора да почитува природата, да ја сака земјата, животните. Нешто слично му напишал и поглавицата на племето Сиетл на претседателот на САД Абрахам Линколн во 1854 година, кога „белите луѓе“ сакале да ја купат нивната земја и да ги преместат во резерват. „Белиот човек мора да се однесува кон животните на оваа земја како кон свои браќа.“, рекол тој, и дообјаснил: „Што е човекот без животните? Кога би исчезнале животните човекот би умрел од осаменоста на духот. Она што ќе им се случи на животните, набргу ќе му се случи и на човекот. Сите работи се меѓусебно поврзани. Што и да ја снајде земјата, ќе ги снајде и синовите на земјата“. (https://www.animamundi.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=324:2011-12-07-16-55-51&catid=96:2011-12-07-01-17-38&Itemid=372) За некого е можеби чудно, но луѓето од кои не очекуваме да слушнеме длабоки вистини, обично се помудри од најголемите моќници во светот.
Без сомнение „Медена земја“ со проблемот кој го обработува ги освои срцата на сите. За тоа придонесуваат и сцените во кои гледаме предели, непознати и неоткриени и за повеќето од нас, македонците, а да не зборуваме за странците кои се воодушевени од негибнатата природа која излегува пред нивните очи. Но, нема да згрешам ако речам дека има и еден друг момент кој сигурно придонесе за да се освојат симпатиите на публиката, а тоа е грижата на Атиџе за нејзината мајка. Грижата за старите, за родителите. Тоа е вредност која полека се губи, а можеби и исчезнала во некои делови од светот. Можеби токму љубовта и почитта на Атиџе кон старицата е моментот, покрај пчелите, што предизвикуваше восхит, воодушевување и солзи во кино салите ширум светот.
Наградите и признанијата кои филмот „Медена земја“ ги собра на бројните фестивалите беа доволен знак дека тој треба да биде македонски кандидат за филмската награда „Оскар“. И, за прв пат во историјата на оскарите се случи еден документарен филм, токму тој, да добие две номинации – за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Голема работа за мала земја како Македонија. Пред големиот настан, водени од мислата на Атиџе дека сé треба да делиме, не изостанаа изјавите на екипата на филмот дека еден „Оскар“ ќе ни биде доволен, а другиот нека го земе некој друг. Статуетката не ја добивме. Можеби и подобро така. Се плашам дека ако ја добиевме, дека дури тогаш „Медена земја“ ќе станеше обична филмска приказна, нешто нестварно, а не документарец.
Велат дека документарниот филм се повеќе го зазема местото на популарниот филм. Кажуваат дека публиката сака да гледа вистински, а не измислени херои, не само на нашето, туку и на времето што поминало, и на времето што иде. Реалноста што ја гледаме во документарните филмови најчесто е сурова, но да не заборавиме дека животот е таков, но знае да биде и возбудлив, а некогаш и духовит. Некогаш ги затвораме очите и не сакаме да ја гледаме вистинската слика за нештата, но не можеме вечно да бидеме само неми сведоци на случувањата околу нас. Времето на немиот филм одамна е завршено. Режисерите Котевска и Сефанов решиле да бидат гласот, го погодиле моментот, се нашле на вистинското место во вистинско време, ја насетиле приказната на Атиџе и одлучиле дека за нејзината „Медена земја“ треба и ние да дознаеме. Им благодариме за сторијата која стана дел од нашето и светското филмско наследство.
Без сомнение „Медена земја“ со проблемот кој го обработува ги освои срцата на сите. За тоа придонесуваат и сцените во кои гледаме предели, непознати и неоткриени и за повеќето од нас, македонците, а да не зборуваме за странците кои се воодушевени од негибнатата природа која излегува пред нивните очи.
Тагови од објавата
Број 133-134
More from Сара Груеска
Битовите елементи во драмите ,,Македонска крвава свадба‘‘ од Војдан Поп Георгиев-Чернодрински и ,,Црне војвода‘‘ од Марко Цепенков
Уште од самите почетоци драмата имала задача да прави приказни кои се...
Повеќе