Требаше да направам некаква промена.
Но, не знаев од каде да започнам. Имаше ли некој јасен пат по кој можев да тргнам? Тогаш се зачитав во статијата за земјотресот во Скопје што се случил во 1963 година. Се задлабочив по бугарските форуми каде што очевидците зборуваа за солидарноста што ја чувствуваат кон трагедијата во соседна Југославија. Нешто ме натера да верувам дека има некаква искреност во тоа; оваа солидарност успеа навистина да ме допре и не ми создаваше никакви илузии. На 26 јули, околу пет и седумнаесет часот наутро, земјата се затресла. Разрушувањето предизвикало смрт на над 1 000 жртви. Градот по тоа е одново проектиран. Еден сосема нов град, нешто како град на солидарност. Остана ли нешто од него сега? Нешто длабоко во историјата на оваа трагедија ме допре и решив дека морам да отидам таму. Никогаш порано не сум слушнал за овој земјотрес.
Колку бев неук за туѓата трагедија?
Следното утро отидов во продавницата каде што им објаснив на благајникот и на помошниците дека ќе отсуствувам повеќе од една недела. Па така, ако има нешто невообичаено, може да ми се јават по телефон, но јас претпочитам да не го прават тоа бидејќи одам на одмор. Не кажав каде. Само реков дека ќе одговорам на мојот телефон ако е потребно. Потоа отидов на автобуската станица и купив билет за следното утро. Автобусот тргнуваше во 9 часот и 30 минути, а во Скопје требаше да пристигне рано попладне. Немав намера да возам. Вечерта ја наполнив патничката торба со сѐ што ми требаше, испив едно пиво и заспав задоволен од желбата да ја напуштам Софија.
Следното утро веќе дремев во полупразниот автобус.
Дојдов овде не толку поради мојот несвојствен страв од промени и не толку за да не се оддалечам од Софија. Отпатував во странство затоа што приказната за оваа трагедија е еден од ретките примери што се надалеку познати, но незаслужено заборавени; сѐ што прочитав зборуваше за тоа. Сепак, тоа беше знак дека странските трагедии се важни и за другите. Понекогаш. Сакав да верувам во тоа. По земјотресот во Скопје пристигнаа екипи и помош од 87 земји, меѓу кои и Бугарија. Дури и зградата на бугарскиот циркус, која се наоѓаше спроти мене – на Солниот пазар (а изгоре многу подоцна), одигра огромна улога. Универзална сала што се наоѓа на булеварот „Партизански одреди“ е изградена по проект што е целосно идентичен со оној на софискиот циркус, кој за жал изгоре. Проектот бил подарок од бугарска страна за кутрото Скопје. Читав различни верзии на овие приказни и сите тие успеаја да ја разбудат во мене желбата за да се задлабочам во оваа приказна. Барем така се тврди, а и јас сакам да верувам во нив затоа што во тоа барем најдов некаква смисла. Така што мислам дека не се залажував. Мислам дека не погрешив во заклучоците. Додека седев пред зградата, се чувствував така како што се чувствував со татко ми пред куќата што немаше. Со една единствена разлика, овој пат имаше куќа. Имаше нешто што беше зачувано, макар и да исчезнало од некое друго место. Ги гледав алуминиумската конструкција, куполата, прозорците и се обидов да ја замислам оваа зграда на место каде што подоцна ќе се појават деловни згради спроти моите прозорци на улицата „Позитано“. Најдов симболично значење во седењето пред оваа зграда токму овде и сега. На некој начин ми даваше сигурност дека може да се надевам на безбедноста. Ако не на животот, тогаш барем на болката. Додека во мојот живот сè повеќе станував сведок на уништување, овде парадоксално видов зачувување. Немав план, но двете места што прво ги посетив беа старата железничка станица со запрениот часовник и Универзалната сала; потоа си ја оставив торбата во хотел „Скопје“, кој беше далеку од тоа да се нарече првокласен, но за цената што ја нудеше воопшто не ме загрижуваше. Отидов до чаршијата и минувајќи покрај Камениот мост погледнав кон Калето. Последен пат бев овде пред повеќе од петнаесет години и се чувствував така, како да се враќам кај еден одамна заборавен пријател. Чудно како тогаш не слушнав ништо за земјотресот. Никој не ми кажа? Никој не кажа ни збор? Градот пријателски ме поздрави со Камениот мост, со минарињата на џамиите во далечината и албанските семејства што одеа кон чаршијата. Воздухот беше исполнет со арома на свежо пржени компири. Чувствував пријатно скокоткање во стомакот, но не од глад, туку како среќата да се враќа во мене и јас можев да се чувствувам апсолутно спокојно.
Како да ми се случила оваа приказна мене, а јас, без да сакам, сум ја заборавил. Можеше ли ова да биде вистина? Зарем не можев да му верувам на моето чувство дека, бидејќи можам да доживеам емоција блиска до вистината, тоа навистина е вистина? Секако дека не можев и многу добро го знаев тоа. Тоа беше дел од болеста на оние што копнеат за солидарност, а и биле истрауматизирани во минатото. Бев способен да измислам спомен што не постоел и да зборувам за него; но тоа немаше да биде вистина. Само замка на мојата свест. За малку и ќе го сторев тоа. Но, нешто што се случи малку подоцна ме расколеба. Ми ги урна сите илузии.
Скопје не е град што за првпат бил срушен во 60-тите години од минатиот век; век што, згора на тоа, започнал со две деструктивни војни. Овој град одамна ги знае пустошот и трагедијата од земјотресот. Еден од најстрашните и најразорни земјотреси, според историските хроники, се случил многу порано, кога постоел античкиот град Скупи. Дали ова имаше некакво значење за мене? Не бев сигурен. Но, секако имав сочувство за пустошот и болката. Ако бев способен за автосугестија, таа ќе можеше да ме смени. Барем за момент. Барем на неколку часа или денови. Промената на неколку часа можев да ја почувствувам. Пред само една недела сакав да уништам еден град, а сега ми беше драго што друг ме прифати толку љубезно и на никаков начин не се обиде да ме направи дел од неговиот свет. Овде минатото не беше мое и можев сосема мирно да расудувам, одвоен од сопствените емоции; бев далеку од мачното чувство на вина што беше залепено по мене.
Ја немаше шахтата да ме погледне со своето око.
Се шетав спокојно низ чаршијата, обидувајќи се да си замислам како живеел овој град пред повеќе од сто години. Фантазирав за трговците со злато и нивните дуќани. Замислував како патувачките трговци продаваат солени зеленчуци. Како што сигурно било на Солни пазар кај нас во Софија. Се прашував дали тогаш имало патувачки цигански музичари или мечкари. Сакав да одам да го видам Куршумли ан, а потоа да поминам низ Мустафа-пашината џамија, за која знаев дека е многу убава. Никогаш не ги доживував овие места како храмови, бев опиен од отоманската архитектура; и секогаш кога шетав низ старите бугарски градови, сакав да зјапам во такви градби, обидувајќи се да ја разберам логиката на градбата или да фантазирам како живееле луѓето тогаш. Гледав луѓе како пијат кафе по малите кафулиња наоколу. Сега немав време да пијам, иако ми дојде да скокнам до Капан ан. Сепак, повеќе сакав да пешачам. Уживав да шетам и да се мотам покрај раздвижените туристи и трговци. Немав намера да купам ништо. Тука не дојдов како homo consumens. Не чувствував ни најмал нагон да поседувам нешто само затоа што сум овде. Не мислев дека поседувањето нешто ќе ме натера да доживеам нешто ново. Исто како што не верував дека ако одевме на Азорските Острови, нешто помеѓу нас ќе се сменеше. Бев електрон што се отцепил од големиот атом на минатото и отишол во туѓа приказна. Сега минатото се среќаваше со сегашноста и јас се оддалечував од острите заби на тој залак. Се пробив низ луѓе и улици што не ги познавав. Оваа приказна овде и ова место не ми припаѓаа мене и се чувствував сè послободно да ја разгледам. Немав друг избор. Материјата што ја сочинуваше мојата приказна и сè што се случуваше пред мои очи беше една иста. Сепак, структурата беше поинаква.
Влегов сѐ понавнатре и се чувствував ослободено. Морав да свртам лево за да стигнам до Куршумли ан, но излезе дека зградата е во фаза на реставрација и немаше начин да истражувам или да видам нешто повеќе од фасадата покриена со билборди. Знаев како изгледа, сум ја видел на фотографии; но само толку. Сакав да не се враќам по истиот пат, па морав да свртам лево во многу мала уличка за да продолжам до џамијата. Немаше луѓе во неа, а јас повторно излегов на многу поширока улица, но повторно ни тука немаше никој. Знаев дека се оддалечив од туристичката маршрута бидејќи вревата стануваше сѐ потивка и подалечна. Се обидов да одам во правец на бучавата, но одеднаш еден натпис ми го привлече вниманието. На влезот во една камена куќа имаше табла на која пишуваше: Поглед во иднината. Натписот бил испишан со црни букви на бела истругана табла. Знакот се држеше со сурови метални држачи што беа ʼрѓосани. Металните профили пуштиле кафеава боја од распаѓањето. Белото исто така одамна не беше бело (во поголем дел беше сиво), а црните букви се имаа разлеано од својата боја како мали барички што течеа до земјата. Најверојатно кога заврнало, тогаш започнало да ги мие тие букви. Напред, точно пред влезот, имаше бел балдахин што го одминав. Не можев да видам ништо пред мене. Го поминав темниот праг. Немаше никој. Или така ми се чинеше.
Пипајќи продолжив напред и сфатив дека внатре има врата.
Ја допрев студената квака. Ја притиснав кваката. Внимателно ја отворив вратата и се најдов во еден двор. Сонцето беше светло како во чаршијата. Имаше чешма, наоколу се сушеа шарени теписи, кои изгледаа како тукушто да се само нацртани. Дури и влажни, можеше да се видат апстрактните форми и извиените везови што наликуваа на цветни мотиви. Исто така се сушеа и јагнешки кожи чијшто мирис беше силен, но не и непријатен. Како да е магацин на некој мал дуќан. Целиот двор беше опкружен со зелена грмушка. Можеби зеленика. Две кокошки слободно се шетаа и тие воопшто не ми обрнаа внимание. Една мачка мирно спиеше, легната во прашината. Неколку гулаби прелетаа како стрели. Те слетуваа, те полетуваа. Отспротива имаше еден полутемен влез. Таму имаше ниска врата и, дури откако се загледав повнимателно, видов дека има некој таму. Моите очи беа навикнати на ненадејниот премин од темнината во предворјето на светлото сонце. Силуетата се помрдна и видов дека тоа е жена. Направив чекор напред и таа дискретно ми одмавна. Направив мали чекори, за да го поминам краткото растојание. Жената се исправи кога наближив и ме измери со поглед. Мислам дека не го заслужив овој сомнеж. Кога сосема се приближив, видов дека е исклучително убава, беше облечена во нешто како црна наметка. Нејзината кожа не беше темна, но не беше ниту бледа. Имаше убава темникава боја. Косата ѝ беше густа, црна, а очите ѝ беа големи, во форма на бадем. Чувствував дека мирисаше на кедар.
Ѝ ја подадов раката што глупаво ми висна. Остана да виси во просторот. Почнав да ги мрдам прстите за да не изгледам смешно. Мислам дека воопшто немаше потреба од тоа. Жената немаше намера да ми подаде рака. Дури не даваше ни елементарни знаци за такво нешто. Ме погледна љубезно и ме праша:
‒ Што барате тука?
Ми се допадна нејзиниот глас. Беше длабоко, како човек што не зборува често. Тоа беше стегнат глас, како да имаше скриена страст во себе. Ретко ми се допаѓаа гласовите на луѓето. Сега, можеби поради ненадејната тишина во која се најдов, успеав да обрнам внимание на нејзиниот. За што бев таму? Дали воопшто знаев? Немав вистински одговор на ова прашање. Што правев тука? Морав да смислам нешто да кажам. Нешто кај оваа жена длабоко ме возбуди, како да почувствував еротска привлечност каква што никогаш порано не сум почувствувала. Можеби беше помлада од мене. Се загледав во нејзините очи. Во цртите на усните. Кожата беше темна, но исклучително мазна.
‒ Што барате тука? – повтори таа.
Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.
Превод од бугарски: Душко Крстевски