Убавата песна на Пепи Стамков

Збирката е една пригушена воздишка и издишка. Дали сѐ повеќе мириса на иднина изградена од собраните остатоци на светот? Дали тие собрани остатоци од светот е она што истовремено и го вознемируваат и го инспирираат Пепи Стамков?

Еве го ракописот „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков како книга. Збирката излегува во едно зовриено време кога светот има повеќе невралгични точки (општествени, воени, климатски), во време кога земјината топка трепери, се тресе онака како што трепереше, како што се тресеше во експресионистичките стихови на Крлежа и Рацин создадени во 20те и 30те години на минатиот век. Збирката се промовира кога по онаа воена состојба во појасот Газа, сега летаат воени проектили меѓу Израел и Иран. И веќе како да заборавивме на војната во Украина. Сепак, збирката не е крик! Збирката е една пригушена воздишка и издишка. Дали сѐ повеќе мириса на иднина изградена од собраните остатоци на светот? Дали тие собрани остатоци од светот е она што истовремено и го вознемируваат и го инспирираат Пепи Стамков? Прашања што нѐ притискаат додека ги читаме неговите стихови. А, тој ракопис на минатогодишниот конкурс за „Антево перо“ ја доби наградата „Антев златник“ и тоа во конкуренција на над седумдесет необјавени стихозбирки. Сигурно било возбуда за Пепи Стамков да избие на самиот врв? Како се чувствуваше кога дозна за ова?

СТАМКОВ: Мора да нагласам нешто во врска со Меѓународната поетско-култура манифестација „Анте Поповски – Антево перо“: од година во година на овој конкурс пристигнуваат сè повеќе и повеќе поетски ракописи и навистина се чудам како жири-комисијата успева да ги прочита истите. Ме радува фактот што има толку многу луѓе што пишуваат и особено што го сакаат Анте Поповски, односно неговото дело. 
Кога дознав за наградата, бев на работа, уредував ракопис. Најчесто, овој тип новости (објави за награди и сл.) се споделуваат на социјалните мрежи. Мене ми се јави еден колега од факултет да ме извести за наградата, чијшто ракопис исто така беше награден во 2024 година. Неговиот ракопис ја доби наградата „Антев часовник“. Во тој момент бев изненаден, па и збунет за наградата што ја доби мојот поетски ракопис. Да се добие награда што го носи името на Анте Поповски е важна работа, почестен сум!

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Впрочем и во самото образложение на Комисијата која ги исчитуваше сите пристигнати поетски ракописи за наградата „Антево перо“ пред сè се истакна неговиот поетски егзистенцијализам и тоа граден низ три циклуси: „Потрага“, „Крстопат“ и „Отаде“ како три етапи од опстојувањето и барањето на значењето на животот во една Сартртовска смисла. Како едно божјо тројство. Така, Стамков пее ненаметливо и за војната и за мирот, онаа надвор, во светот, но и за онаа во неговата душа, за животот и за смртта, околу него и во него, за сонот и јавето, ставајќи ги притоа во необична спрега различните книжевни (културолошки) форми како во она свое пеење насловено со „Усно предание за животот во форма на бајалка“ или пак со „Бездомна приказна“.
Како успеа усното предание да го вкрстиш со бајалката? Кому баеше? Кому сакаше да му баеш?
Или како поетот може да штрајкува со молк?
Имам впечаток како да сакаш твојот јазик да отиде од онаа страна на разбирливото, јасното, како да сакаш да создадеш некој свој немушт јазик…
Или како песната која пее за приказната останата без својот дом станува, според мене, и еден вид нова тажаленка? А, модерни тажаленки испеа големиот Петре М. Андреевски. Од каде таа потреба кај тебе да си поигруваш, да жонглираш со старите (народните) форми и да ги преоблекуваш во ново руво?

СТАМКОВ: Југоистокот на Македонија, па и целото македонско поднебје воопшто е богато со легенди, преданија, кажувања од различен вид. Позната е легендата за настанувањето на Дојранското езеро, или пак, она познато предание (кое не е од југоистокот), запишано од Цепенков, за тоа како настанале ѕвездите… Јас, на еден или на друг начин, бев дел од „тој свет“, се трудев колку што можам повеќе да истражувам за преданијата, митовите, кажувањата, магиските обреди и бајачките, тоа е предмет на мој интимен интерес, зашто станува збор за магијата на зборот, на бајалките кажувани од повозрасните, за да се постигне одреден ефект. Тоа е широко поле, преполно со народни обичаи и верувања, што ме поттикна да размислувам како да го доловам тој мој интерес во моите песни, да се „оживеат“ магичните зборови во моите стихови. Тоа остана во мене, сè до оној момент кога го прочитав романот „Кратката пролет на Моно Самоников“, од големиот Димитар Солев, кој, на почетокот од својот роман ни претставува една необична сцена: ликот на неговиот јунак, Моно, се гледа во огледало, очигледно вознемирен од сонот што го сонувал. Моно во тој момент се прашува: Далтебарам? Останува едно отворено прашање: дали се бара себеси, дали го бара својот одраз, го бара ли она што може да го постигне со зборот…? Таа моќ на зборот ме фасцинира, таа беше доволен поттик да почнам подетално да го обработувам мојот интерес за народните верувања, и да ги преточам во стихови.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Пепи Стамков создава нови квалитети на изразот со кои македонскиот јазик се преиспитува до каде може да оди во однос на експресивноста. Тој обид се чувствува не само на полето на самиот јазик, туку и на полето на поетската слика како кога игличката гребе на грамофонот во исчекување да се појави звук, мелодија, збор… како кога се очекува да се чуе оној другиот од другата страна на телефонот, или како кога исцртуваш нечие тело, тогаш „тој цртеж станува песна / и ја чува душата по смртта “. И сето ова во името на убавата песна. А не е лесно да се дојде до неа! Не е лесно да се создаде! Таа убава песна за него е истовремено и „подмолна работа“ зашто и „Ја зема стрелата на Амор / и ти го боцка срцето.“, и „Со пердув од паун / ти ги скокотка очните капаци“,  но е и „…знак на младост / сонце нацртано со молив / во ќошот од белината“.
Или како што се кажа и во образложението за наградата „Антев златник“, Стамков ги испитува границите на можностите на експресивноста на употребените сложени фигури од логичкиот код, па пее: „Над нив бдее заумен клима-уред / и им ја лади маглата / завеана пред буквите“. Или: „Неповикано ја напрашуваат / празната чистинка сред собата / каде што ненаспаниот куќен совет / одлучува за судбините / на поскапениот самрак“.
Во исклучително збиениот израз, на моменти и силно надреалистички, авторот тргнува во потрага по остатоците од денот, но и од идеалите, животните предизвици, љубовта … Исправен пред личните крстопати, се прашува дали треба да живее, дали треба да живееме со полни гради, до крај, или е доволно да се задоволиме со остатоците кои најчесто не се наши.
Па се дума: Станува ли живеењето со собраните остатоци од светот нов стил на дишење, пишување, творење? Навистина, станува ли?

СТАМКОВ: Нешто прво што ми дојде на памет е насловот на стихозбирката „Слободата чекори гола“ од поетесата Марам ал-Масри (издание на ПНВ Публикации, 2021 година), во чијашто збирка станува збор не само за пишувањето, туку и за живеењето. Ако ја прочитате таа стихозбирка, ќе забележите дека зборот околу кој гравитираат чувствата е токму – гнев. Гнев предизвикан од војна. Ако ги погледнеме денешните случувања, треба да го ставиме прстот на чело и да се прашаме: што правиме ние? Не само како поединци, како вработени, како поети… Треба да размислиме што правиме за себеси, што правиме за другите, како тоа нам ни влијае, како тоа ним им влијае, како тоа влијае врз светот… Ако продолжиме да живееме ноншалантно, светот нема да стигне далеку. Како што гледаме и деновиве, светот е поитан кон амбис.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Преку честото одење отаде (светот, сонот, животот) кое како да е во дослух и со она одаде и отаде на Петре М. Андреевски, како читатели нè пренесува од руралното кон урбаното. Преку прескокнувањето на времето заглавено меѓу запците на часовникот (песочниот, ѕидниот, рачниот) и лутањето низ просторот и особено лутањето, скитањето како потрага по некој идеален простор за живеење, Пепи Стамков, сепак, ни соопштува обични универзални вистини во кои сите сме, на некој начин, колекционери од остатоците на светот, па пее: „ овде сум, / но само во другиот дел / од јавето“ или : „Заспиваме, а просторот /отстапува место на / залезот и заливот“.
Од каде тој порив кај тебе како поет да отидеш отаде светот, сонот, животот?

СТАМКОВ: Ова прашање е слоевито, опитно. Ја имав таа среќа да се вљубам во поезијата токму низ стиховите на Блаже Конески, Анте Поповски, Петре М. Андреевски… Токму кај Петре М. Андреевски се сретнав со темата за „оностраното“, поопширно обработено во неговата стихозбирка „И на небо и на земја“ (издание на „Кочо Рацин“, 1962 година), не во онаа „ониричка“ смисла, меѓутоа зборува за другата страна на светот за која што нам ни е кажувано… Што се однесува за прашањето за поривот за пишување – пред некој месец исчитав збирка есеи во ракопис, насловена „Чуму живеам“ од почитуваниот поет, есеист и препејувач Ерол Туфан, тој го начнува ова прашање, не само во еден есеј, да не речам во сите есеи од таа збирка, без разлика дали свесно го толкува тоа прашање или го објаснува меѓу редови во есеј со друга тематика. Тој исто така пишува за една средба со Петре М. Андреевски, која иако не во прв план, изобилува со поенти за самиот чин на пишувањето… Да се запише она што претставува предмет на интерес, да се остави трага, истовремено да се растајни душата. Во таа смисла, доаѓаме до раѓањето на последниот циклус во мојата стихозбирка, насловен „Отаде“: можеби не се дава директен одговор на ова прашање за пишувањето, но, таму, песните упатуваат на други песни, на текстови кои, ако малку повнимателно се чита, ќе се забележи и онаа ненаметлива нишка на интерекстуалност – еден текст да упатува кон друг текст, сето тоа упатува кон главниот порив – да се пишува.

МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА: Затоа, исто како што тогаш со радост дадов вистинска поддршка за ракописот „Собрани остатоци од светот“ да биде финансиран од Министерството за култура и туризам, сега со уште поголема радост зборувам и муабетам со Пепи Стамков за неговата прва збирка „Собрани остатоци од светот“ (Скопје: Превод ДЕ, 2025), како дел од она ново што го носи времето на новите/најмладите македонски поети. Исто така, ако до сега јас и Пепи Стамков разговаравме како професор и студент за време на неговите студии на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а потоа во неколку наврати и како колеги, еве сега разговараме како промотор и автор, но и како двајца вљубеници во поетскиот израз.
Посакувам збирката да си го најде вистинскиот пат до срцата на читателите… 

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
Каде престанува вистинскиот, а каде започнува замислениот град во „Книжевната мапа на Скопје“
Моменти врзани со нашето Скопје ми прават искрени возбуди или поетски кажано...
Повеќе
0 replies on “Убавата песна на Пепи Стамков”