Спој помеѓу факти и фикција во „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова

Ова дело претставува еклатантен пример за историографски роман, кој содржи историски и фиктивни елементи совршено сплотени преку умешното перо на авторката Петрова. Покрај тоа што романот обработува историографски тематики, тој исто говори и положбата на жените во XIX македонски книжевен век. 

Излегувањето од сенка претставува значајно современо македонско дело кое говори за продолжувањето на македонската писменост во XIX век и за дејствувањето на браќата Миладиновци. Оваа книга е особено занимлива, поради тоа што главната улога ја носи  засенетата историска личност, сопругата на Димитар, Митра Миладинова, и уште помалку познатата Султана Миладинова, нејзината свекрва. Фабулата е сместена во средината на XIX век, каде се говори за учителствувањето на Димитар Миладинов, собирањето народни творби за зборникот, разните препреки и мачења низ кои браќата Миладиновци поминуваат до нивното заточеништво и смрт во Цариград, и посмртното издавање на зборникот од страна на двете јунакињи. Ова дело претставува еклатантен пример за историографски роман, кој содржи историски и фиктивни елементи совршено сплотени преку умешното перо на авторката Петрова. Покрај тоа што романот обработува историографски тематики, тој исто говори и положбата на жените во XIX македонски книжевен век. 
Следствено, при анализа на овој текст ќе се потпереме на број теории и научни статии од тематските полиња. За историографскиот аспект ќе се послужиме со студијата на Марија Ѓорѓиева-Димова, на научните статии на авторката (Дијана Петрова)  за македонските писателки во XIX век, како и на книжевниот историчар Славко Ковилоски, чии многубројни статии, претставувале непресушен извор на инспирации за авторката при пишување на овој роман. Покрај тоа, од феминистичкиот аспект, ќе се потпереме на лексиконот Феминизам и род, напишан од книжевните теоретичарки Маја Бојаџиевска, Славица Србиновска и Рајна Кошка-Хот. 

Излегувањето од сенка може да се анализира и како плод на современата книжевност, поради нејзините тематики (историски и феминистички), и жанровска специфичност (женско писмо, историографска метафикција, интертекстуалност). Согледано низ призмата на ликовите, Митра и Султана Миладинова, нивните слугинки и останатите жени, овој роман претставува женско четиво, кое говори за македонската книжевна жена, која била потисната и занемарена, но сепак творела тивко и напорно во средината на XIX век. Може да се воочи дека овој роман е поетски (прозен) приказ на научноистражувачката дејност на авторката, каде таа врши спој помеѓу различни, но клучни историски настани во периодот на македонската книжевност. 1) Собирачката и запишувачката дејност на Браќата Миладиновци со помош на Митра Миладинова (како информатор покрај друтите жени) и 2) Тајните женски училиште, како што било тајното женско друштво/училиште ,,Ученољубие”.

Дијана Петрова ги црпи фиктивните елементи на овој роман од нејзините истражувања за книжевниот развој и македонските писателки во XIX век, тука главно укажуваме на студиите на книжевниот историчар Славчо Ковилоски, кои се осврнувале повеќепати на Митра Миладинова како и на останатите македонски писателки во XIX век. Придонесот на Митра Миладинова е засведочен во подготвувањето на второто издание на Зборникот на Миладиновци на 3 април 1891. Таа го потпишала предговорот, каде истакнала дека ,,второто издание сега иде да ја прославува победата над своите непријатели и да се потсмева на нивната немоќ” (Ковилоски, 2018: 18). Покрај тоа, таа исто била позната по својот глас и талент, и им испеала голем број народни песни на Миладиновци и на Кузман Шапкарев, и се застапени во нивните зборници. Меѓу нив можат да се спомнат песни како ,,Две кучки јатрви” и ,,Тага за прва љубов”. Нејзиниот уметнички стил е исто засведочен во бројните писмата кои ги пишувала до познатото охридско семејство Робевци и Нако Станишев за да ги спасат браќата Миладиновци од невоља, и за материјална помош на нејзиното обесправено семејство. Писмата на Митра служат како едни од најубавите илустрации за образованието и писменоста на македонските жени и писателките во XIX век (Исто: 18-19).  
Професорот исто наведува краток историјат за вистинското женско училиште, Ученољубие, во најновата студија Жени во македонската книжевност од XIX век. За ова училиште тој наведува дека ,,мошне организирано било женското друштво ,,Ученољубие” од Неврокоп, формирано во 1870 година по иницијатива на Екатерина Дукова и нејзината братучетка Елена Дукова. Екатерина долги години била и неговата претседателка. Се залагала за што поголемо присуство во женското училиште во Неврокоп. Главната цел на друштвото било ширење на просветата, ангажирајќи и препорачувајќи квалитетни учителни практики и совети. (Ковилоски, 2024: 36, 37). Целите на женското друштво, е слично и на целите на истоименото тајно училиште во романот на Петрова. Султана и Митра Миладинова го засноваат ова тајно женско училиште, каде слугинките и градските моми се среќаваат крај реката, каде се описменуваат, и рецитираат песни кои биле пренесени/изменети од нивните мајки и баби, кои биле подоцна запишувани за Зборникот. Сето ова жените го прават со оправдување дека ,,одат покрај реката да перат”, вршат типична женска активност преку која ги прикриваат нивните дејствија.  Петрова низ активностите на ,,Ученољубие” ја имплицира и улогата која ја имале жените во пренесување и сочувување на народната традиција, слично на теоријата за женска усна историја и женското писмо.  
,,Од каде се песниве, Јанкинке?” ,,Ги знаеме од нашите мајки, тие од нивните мајки и така ни останеле в глава, кога ќе се натрупа работи да си ги запееме…Сите овие песни се пренесувани од колено на колено преку жените, преку нашите мајки и  баби. Дали си ги кажувале додека работеле на нива, или додека работеле низ дома, или додека ги чувале децата, или пак преку нив праќале клетви и благослови или, едноставно, покажувале љубуов, мајките ни, ги памтеле песните, некои од нив и самите си измислиле или измениле. Секоја песна е со своја приказна која по малку била менувана кога ќе стигнела до некој друг крај. Жените наоѓале утеха во тие стихови, искажувајќи си ја маката или желбата преку нив. (Петрова, 2022: 35). 
Од овој пасус можеме и да најдеме поврзаност со овој теориски концепт. Женската  усна историја претставува ,,спротивставување на авторитетот на партијархатот затоа што им се спротивставува на сознанијата коишто се нудат како неутрални и непристрасни при запишување на историјата…Оваа дисциплина ги разгледува начините на кои од женска перспектива се конструира приказната за одреден настан, а преку неа и идентитетот”. (Бојаџиевска, 2010: 43).  
Во продолжение, авторката исто го вметнува и моментот со жените-патрони кои собирале материјални средства за женските книжевни здруженија и училишта”. 
,,Исто така, имало жени кои сите пари што ќе ги заработеле од аргатувањето, ќе ги подареле за печатењето на некоја книга, или изградбата на некоја црква, но нивните имиња никој не ги спомнувал никаде, оти кобење било ако името на жена стои на некоја важна работа. Како чума да буделе женските имиња па никаде не ги спомнувале. Тие жени не ги сакал никој и никој не смеел да другарува со нив, но потајно нашите мајки и баби им се восхитувале и секој ден собирале храброст еден ден да бидат како нив, макар светот да се откаже и да се сврти против нив. (Петрова, 2002: 35-36). 
Петрова претходно пишувала за овие посебни жени во една од нејзините статии, истакнувајќи ги  нивните улоги во општествениот живот. Авторката спомнува дека: ,,Обезбедување средства за печатење на книгите, по примерот на останатите земји и нашите автори собирале преку претплата на односната книга. Односно, идејата за нејзино печатење се објавувала преку повик во некој весник или списание, каде се објаснувала содржината и намената на книгата, како и потребната сума на средства што треба да бидат собрани, а на претплатниците, како благодарност на истата таа книга им биле објавувани имињата. Иако се скромни списоците со македонски претплатници и помагачи во печатењето на првите македонски книги – меѓу нив се наоѓаат и имиња на жени (иако со сиромашни податоци) како сведоштво за желбата на македонските читателки да помогнат и да учествуваат во создавањето на македонската книжевност”. (Петрова, 2022: Параграф 4). 

Авторката претходно има пишувано за положбата и придонесот на жените во македонскиот книжевен XIX век на феминистичката платформа Медуза, oд чии текстови може да се примети претходно истражување на статиите на Славчо Ковилоски, како и понатамошни аналогии со феминистичката критичка теорија, и воспоставување паралели со библиотеката на Вирџинија Вулф . Низ авторското перо на Дијана Петрова, заборавените ликови на Митра, Султана Миладинова, и останатите безимени писателки од 19 век, се спасени од забот на времето и добиваат свој глас. Оттука, зборовите кои ги изговараат, се позначајни од нивната првобитна смисла, земајќи го предвид нивниот статус (општествен и родов), како и средината во која живеат и творат. (Бојаџиевска, 2010: 32-33). Низ ликовите на Митра и Султана Миладинова, самата авторка говори, и ги реплицира нејзините тези до кои дошла од научноистражувачката дејност. Последователно, тука можеме да заклучиме дека под ,,глас” се мисли на ликовите како автономни субјекти, но и како инструменти низ кои авторката говори и ги пласира тезите за македонското женско писмо во тој временски период  (Исто: 32). Иван Антоновски наведува (2024) дека ,,со овој роман, Митра Миладинова, сопругата на Димитар Миладинов, повторно, достоинствено се враќа во македонскиот културен, книжевен простор, откако претходно, преку научноистражувачките потфати на  Славчо Ковилоски се врати во македонскиот научноистражувачки простор.” Меѓутоа, Дијана Петрова не ја враќа Митра на сцената ,,само како сопруга на Димитар, туку како интелектуалка, и како пример на македонската женска пожртвуваност во тоа столетие што е втемелена во македонскиот код и бит.” (99).  

Оваа книга исто може да се протолкува како метафиктивна творба, благодарение на ,,скоковите” од минатото  во сегашноста кои се присутни во романот, како и на писмата на Митра, кои авторката ги вметнува во романот. Прологот и епилогот на ова дело претставува класичен пример на јазот кој авторката го прави помеѓу сегашноста и минатото, фикцијата и историјата. Ова е овозможено благодарение на премините од минатото во сегашноста, каде авторката и книгоиздателот дебатираат за стварноста на ова дело, давајќи му современа и комплексна димензија. Писмата напишани од Миладинова кои ги има помеѓу некои од поглавјата, и ја претставуваат улогата на интертекстуалноста во романот. Улогата на интертекстуалните маркери го ,,опрадвуваат и редефинираат на овој начин односот историја-фикција. Тие се посредници на (интер)текстуалната природата на историјата како и на книжевност, и така реферираат на текстовите од минатото и за минатото”. (Ѓорѓиева-Димова, 2012: 217). Исто така, историографската метафикција ги испитува границите меѓу историјата и книжевноста, ,,романите од овој жанр ги преиспитуваат прашањата за природата на историското пишување како наративизација на минатото и за природата на архивата како комплекс текстуализирани остатоци од минатото” (Исто: 215). 
На крајот од романот авторката наведува дека не измислила сè за фабулата, за вистинитоста зад  овие настани и ликови, обликувајќи го делото во духот на современото доба и му дава посебен шарм. Затоа делово може да се смета и за метафиктивно бидејќи говори и за авторскиот чин на пишување. Изадавачот, на почетокот од романот, делува незаинтересирано и не сака да слушне за расказот за Ученољубие и Митра Миладинова. ,,Која ти е таа Митра Миладинова, реков за некој што го знае или ќе сака да го дознае светот!?”… (Петрова, 2022: 9).  Меѓутоа, откако ќе заврши приказната, тој има голем број неодговорени прашања, и започнува да полемизира со авторката за да открие што повеќе за овој дел од историјата. Предводен од неговите страсти и нетрпение, тој дури  навлегува во слободата на авторката како творец со неговите прашања.
,,Добро, а за книгата уште нешто да додадеше. Примери, дали останала да постои или не, дали го добила очекуваното внимание или не…” 
Па штом постои и денес, значи останала, а штом останала – значи добила внимание.” 
,,Само чекај, не измисли сè?” 
,,Не измислив.” 
,,Значи сите ликови овде постоеле?”
Дали во реалност или во мојата глава, важно постоеле”
,,Ама не е важно дали постоело во твојата глава, важно е дали во реалноста постоеле, сакам да знам дали сето ова е вистина?”
,,Вистина е, ама изместена од вистинитиот тек на времето ( Исто: 205).”
,,А ученољубие навистина постоело?”
,,Постоело, но ти реков, изместив некои временски рамки. Ученољубие била женска дружина од жени кои со своите ставови и мислења навистина влијаеле.”
,,А знаеш уште такви заборавени женски приказни?”
,,Значи сето ова е вистина?” 
,,Во мојата глава”
,,Те прашувам во реалноста!”
,,Се сомневаш во мојата реалност?”
,,Има само една реалност”
,,Тогаш не е многу реална штом некои работи ги брише или ги заборава
,,Значи сè е измислено?”
,,Освен тоа што не е” (Исто: 206). 

Авторката ја потенцира вистинитоста на овој настан, и полемизира со издавачот околу историската наспроти фиктивната вистина, и тоа колку се веродостојни. Оттука може да се примети и аналогија со духот на постмодернизмот умтеноста и вистината. Имено, Линда Хачион, говори дека постојат повеќе вистини наспроти една, и смета дека е субјективна. Никогаш нема апсолутна (објективна) вистина, поради тоа што е често изместена под влијание на разните (мастер/мета) наративи, контексти и интерпретации. Хачион пишува дека не постои ниту еден наратив кој може да се нарече ,,природен (мастер) наратив, не постојат природни хиерархии, постојат само оние кои ги конструираме (Hutcheon, 2004: 13). Историографската метафикција за предмет ги разгледува проблематиките од типот ,,да се пишува историја или историска фикција, тоа еднакво значи да се раскажува, да се ре-конструира и по пат на селекција  иинтерпретација”. (Ѓорѓиева-Димова, 2012: 212). Аналогно на исотриографската специфичност на овој роман, Антоновски (2023) тврди дека ,,Петрова успева  користејќи ја фактографијата до која патот не ѝ бил лесен, тие прашања и аспекти да дојдат до израз – пред неа, пред самото пресликувањето на  историјата.” (94-95).  Но сепак, наспроти крајната дебата со издавачот, Антоновски продолжува дека авторката ,,не настојува ниту само на исклучиво постмодернистичко  поигрување со историјата, ниту на поетички решенија својствени за реализмот или модернизмот, туку ги користи сите тие книжевни искуства  за еден поинаков, свој пристап кон историската тематика.” (Исто: 95).  
Како заклучок можеме да се послужиме со еден цитат од статиите на авторката за македонските писателки од XIX век. Дијана пишува дека со текот на времето ,,од дното почнуваат да наѕираат имиња на жени кои во 19 век биле доста значајни, водејќи постојана борба со средината за нивната видливост; но од друга страна помагајќи ја истата таа средина во процесот на созревањето и афирмирањето. Тие женски имиња, иако наѕираат, потребно е уште многу истражувања и труд за да се донесат на површина.” (Дијана, 2022: Параграф 8). Како заклучок можеме да потенцираме, дека преку овој роман, авторката им овозможува на овие недоволно истражени имиња на женски писателки кои наѕираат од дното на бунарот, да излезат од сенките и да ја видат светлината на денот. (Исто: параграф 10). 
Сметам дека е најдобро оваа статија да заврши и со крајот од овој роман, кој беше особено трогателен и драматично адекватен на вакво книжевно дело. 
,,Во раце носеа куп женски зборови претходно од нив собрани, од нивната учителка Митра запишани и со нивен труд во Загреб отпечатени. И го носеа Зборникот, држејќи го во рацете растреперени како да се плашеа дека мирисот на хартијата додека дојде до Митра ќе исчезне…Двете учителки занемени, не најдоа утешен збор да и кажат, туку наместо тоа, во рачете и ја ставија книгата на која со големи букви беа испишани имињата на Димитар и Константин Миладинови… Ја прегрна Султана книгата на која стоеја имињата на нејзините синови. Толку силно ја прегрна, како да сакаше од буквите нивните тела да ги исцеди” (Петрова, 2022: 204).

Користена Литература: 

Антоновски, И. 2023. ,,Излегувањето на Митра Миладинова од сенката на книжевните споменици”. Спектар, год. XLI бр, 82, Скопје. Скопје: Институт за македонска литература. 
Бојаџиевска, М. 2010. Лексикон на теориски поими од феминистичката критика и родовата теорија. (Рајна Кошка-Хот и Славица Србиновска). Скопје: Сигмапрес. 
Петрова, Д. 2022. ,,Борба со видливата женска невидливост”. Медуза феминистичка платформа. Култура, плоштад, фем 101. Преземено на 18 април . https://meduza.mk/fem-101/borba-so-vidlivata-zhenska-nevidlivost/. 
Петрова, Д. 2022. ,,Тајната женска историја во македонската литература во 19 век”. Медуза феминистичка платформа. Култура, плоштад, фем 101. Презезмено на 18 април. 
Петрова, Д. 2022. Излегувањето од сенка. Скопје: Антолог. 
Ковилоски, С. 2024. Жени во македонската книжевност од XIX век. Скопје: Институт за македонска литература. 
Ковилоски, С. 2018. ,,Димитар или Митра Миладинова: Жената борец и творец”. Македоника, Год. VIII, бр. 19-20. Скопје: Македоника Литера. 
Ѓорѓиева-Димова, М. 2012. Повторната средба на Клио и Калиопа. Скопје: Три.  
Hutcheon, L. .2004. A Poetics of Postmodernism: History, Theory, Fiction. Taylor & Francis e-library. ISBN 0-203-37141-0. 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Борис Симоновски
ЕСТЕТСКАТА И ЕТИЧКАТА ДИМЕНЗИЈА ВО МАКЕДОНСКАТА НАРОДНА ПРИКАЗНА ,,ДЕВОЈЧЕТО И ДВАНЕСЕТТЕ МЕСЕЦИ“
Народните приказни, особено волшебните приказни отсекогаш биле омилени кај народот, и биле...
Повеќе
0 replies on “Спој помеѓу факти и фикција во „Излегувањето од сенка“ од Дијана Петрова”