Уметност на улица


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Јас, како театарски режисер, треба да знам сѐ и сешто во врска со човековата егзистенција, со човековите навики, со човековата природа, со географската положба...

Orsay

Приказната за уличниот театар – јас и светот во еден здив.

ВАЖНО:

– Фотографијата не е само сеќавање, има во неа нешто што ме потсетува на нешто друго!?

– Личноста што се занимава со уметност со еден збор се нарекува артист, да сме јасни. Зборот артист не е синоним за актер.

Да започнеме…

Она на што се сеќавам навистина се грст глупости и не заслужуваат да се сеќавам на нив и, не знам од кои причини, сиот живот, кога се оддалечувам, кога самувам или кога патувам, се сеќавам токму на најголемите глупости што ми се случиле.

Софија, 2001 г.

Кога стигнав во третата година од студиите, станувавме големите уметници на академијата, а тоа ни даваше право да се чувствуваме важни.

Јас нешто многу важен и вообразен не се чувствував, но колегите од мојот клас, а особено оние од мојата генерација, на посебен начин уживаа во тоа.

Јас, како заинтересиран набљудувач на случки и како љубител на фотографирањето, уживав да гледам и да фотографирам некои од нив, особено во уживањето да се биде „голем“ меѓу малите.

Мојата активност му даваше посебна театарска смисла на моето набљудување.

Ги следев, ги набљудував, а потоа ги преточував во своите режисерски испити. Тоа им даваше посебен шмек на моите мали испитни претставички.

Едно саботно попладне, некаде во третата седмица од месецот октомври, период од годината кога Софија станува одвратно сива и непрекинато врнежлива, ми заѕвонува телефонот, домашниот. Од другата страна на линијата е Станимир Енчев-Станчо, мојот најблизок пријател во студентските денови.

Каварнец – човек што доаѓа од градот Каварна – мало гратче (на 70 км од Варна, град познат за сите), до кое, доколку сакаш да стигнеш, треба да минеш низ џунгла. Буквално низ џунгла. За мене фасцинантно, за некои морничаво. За појаснување, Станчо, како и сите каварнци, е налик на монголоид. Буквално.

Човек со ретко добра душа и со искрени пријателски намери – веројатно местото од кое доаѓа, Каварна, го има направено таков. Тој беше првиот што другарски ми пријде кога стигнав за првпат во Софија. Нејсе, Станчо се најавува дека ќе дојде кај мене ова саботно попладне. По 30 минути, пристигнува. Влегува и седнува во дневната. Додека го подготвувам кафето, ги разгледува фотографиите што ги фотографирав пред 3 дена на една вечерна собиранка на гости во домот на двајца Украинци и на еден Унгарец.

Влегувам во дневната. Станчо, со фотографиите во рака, погледнува кон мене.

Станчо: „Што е ова?“

Јас: „Фотографирав во домот на оние тројцана студенти по куклен театар, ништо посебно“.

Станчо: „Гледам си напишал и текст. Да не почнуваш да пишуваш ново сценарио? Не си се пофалил?!“ (Го зема листот во раката и чита од него на лош македонски јазик)

vojo

Непознати странци или вресок?

1. Кога во глува тишина гледаш фотографија од непознати странци што изгледаат како да врескаат таму некаде, со лицата изобличени!?

2. Пијанство, среќа или тага е прикриена под оваа лицева експресија?

3. Облеан од ладна пот, се трудиш да го осознаеш вресокот што никако да излезе од овековечениот спомен на овие непознати странци, кој веќе сигурно е заборавен од сопствениците, а ти бараш суштинска анализа во тој заборав никому важен.

Ме погледнува прашално.

Јас: „Навистина, ништо посебно, пишував онака, без обврски, а може да е краток обид за сценска минијатура. Но најверојатно нема ништо да направам од ова“.

Почнуваме да го пиеме кафето. Разговараме за општи теми. Некаде во средината од разговорот, ме прашува…
Станчо: „Колку пари имаш“?

Немав нешто особено многу, но можев да си дозволам да му помогнам доколку му требаат. Тој демонстративно одби кога му се понудив и ми рече дека не ми бара пари назаем, туку, во случај да немам или кога ќе снемам, да се обидеме да застанеме како статуи – улични артисти пред НДК (Националниот дворец на културата) во Софија.

Се согласив без размислување, иако за мене тоа беше нешто непознато, нешто за кое само имав слушано дека е можност.

Јас: „Бидејќи времево е одвратно, ајде да се подготвиме добро и да застанеме пред НДК следната сабота“.

Станчо: „Во ред, и мене тоа ми звучи примамливо. Туку не ми кажа што ќе правиш со текстов и со фотографииве“.

Јас: „Нема ништо да правам“.

Станчо: „Во ред, тогаш јас ќе ги земам и ќе направам кратка сценска минијатура од овој текст и од овие фотографии“.

Јас: „Во ред, нема проблем“.

Станчо замина. Цела седмица се подготвуваме, се разбира по завршувањето на факултетските активности. Направивме пантомимна точка со времетраење од 25 минути.

Една вечер, пред да заспијам, два дена пред нашиот прв уличен настап, низ главата ми се заврте идејата што од таа глува вечер ќе излезе дека е основата на мојата животна насока.

Си повторував: „Јас, како театарски режисер, треба да знам сѐ и сешто во врска со човековата егзистенција, со човековите навики, со човековата природа, со географската положба… Ќе патувам низ светот, ќе играм уличен театар, ќе заработувам пари во капата колку за да јадам и да спијам. Во меѓувреме, ќе среќавам луѓе што ке ме воздигнат духовно и што ќе ми ги откриваат своите животни тајни и суштината на своите места. Тоа мене ќе ми послужи за на актерите во театарските претстави што ќе ги работам да им ги преточувам во примери за подобра анализа и за посуштинска насока во претставата“.

Заспав со насмевка на лицето, со спокој во душата и со желба во мислите.

Таа последна сабота од месецот октомври, попладнето, околу 13 часот, јас и Станчо ја одигравме својата улична пантомима. По настапот, капата не беше нешто особено полна со пари, но новитетот што мојата душа го откри беше немерлив на вага.

Од таа, па во продолжение, до крајот на моите студии, секоја сабота застанувавме пред НДК и игравме уличен театар.

И така, од ден на ден, сѐ до ден-денес, уличниот театар стана дел од мојот живот.

Кога започнавме со овој наш уличен уметнички израз, почнавме да менуваме населби. Потоа градови. Денес менуваме држави и континенти и сме дел од неколку светски реномирани фестивали за уличен театар.
Работејќи на овој прекрасен начин на изразување и на споделување на сопствената уметност со целокупната јавност, на секој артист му се дава многу појасна насока како и каде треба да коригира, а и како да се развива – како артист. Бидејќи уличниот театар се игра на улица – логично, каде што апсолутно секој може да те види и да те искритикува.

Минимализмот го одбрав како уметничка насока, со пантомимниот јазик кажано – „статуи“.

За почеток стоев сам како статуа, но како што одминуваше времето, осознав – колку повеќе артисти-статуи нѐ има во АКТОТ, толку подобар и помоќен ќе изгледа тој АКТ.

Речиси целиот свет го поминуваме работејќи уличен театар и какви ли не ситуации се случувале и какви ли не луѓе сме среќавале, како за време на настап така и по возовите, по автобусите, по комбињата…
Можеби другите случки ќе ги раскажам во некоја друга приказна, но во оваа се одлучив за една скопска приказна.

Скопје, 2010 г.

На улица „Македонија“ поставуваме акт – „СТАТУИ / ТОЧАЦИ“.

Застануваме.

Нормално, луѓево се фотографираат со нас.

Во еден момент од настапот, застанува да се фотографира четиричлено семејство; нормален обичен човек, неговата уште понормална сопруга и нивните две „ненормални“ дечиња, кои почнаа да ме штипат и да ми врескаат на уво, да ме маваат со камчиња, додека нивните родители не можеа да се договорат кој ќе фотографира и како треба да изгледа фотографијата.

И, конечно, фотографијата ја прави мајката / сопругата со живите статуи (ние).

Настан на денот за ова вообичаено скопско семејство.

Околу актот се формира метеж. И токму мајката да започне со „шутингот“, во сред фотографија влетува џанак, кој се чеша за носот, кој имав чувство дека ќе го откине. Се врти кон таткото и најбрутално го прашува…
Џанакот: „Шо се сликаш со овие бе?“

Родителот, збунето, со ококорени зацрвенети очи, погледнува кон џанаков.
Џанаков продолжува: „Да се некои две јаки цуци, онакви плавуши со големо попрсје, да те сфатам, ама со овие двајцава?“

Се завртува кон сопругата на господинот: „Стварно бе не ги разбирам луѓево. Па, и ти, што го сликаш?“
Останавме занемени, додуша ние и онака сме занемени за време на настап, но другиве беа во шок. Џанаков замина, а некои од публиката дури и му дадоа аплауз.

Актот „ТОЧАЦИ“ продолжи да се одвива со нормален тек, до крајот на настапот.

Фотографијата со овие дечиња и со нивниот машки родител или е некаде заборавена, или краси некоја витрина, или веќе не постои.

Џанакот се надевам дека е среќен.

Ние продолжуваме да се развиваме и искрено се надевам дека сме сѐ подобри и подобри во уличниот театар.
Јас, како театарски режисер, си исполнив еден од своите соништа. Да шетам, да среќавам луѓе, места и настани и да се запознаам со нив, а тоа да го преточувам и во своите театарски претстави. Успеав да ги спојам во една целина двете професии што ги работам и тоа ме прави задоволен.

Авторот на текстот е театарски режисер

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Смена на четирите горчливи времиња или носталгија
Кон романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *