Архитектура и поезија


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Галичката архитектура нѐ вика и нѐ предизвикува да ја зачуваме вечно.

arh

Галичките чардаци

Без нас ќе немаше ѕвезди на небото,
ни кој да ја преземе нивната светлина,
Без нас не ќе знаевте што е високо,
ни каде се делат денот и ноќта.

Од кај нас почнува и времето
и затоа се гледа најдалеку,
од кај нас нема што не се гледа
на небото и на земјата.

Качете се и ќе видите
кај отишле нашите мајстори
и кога мислат да се вратат дома.

Петре М. Андреевски

Ова се стихови на незапирлива возбуда и инспирација на Петре М. Андреевски за галичките куќи и чардаци, кои само што не зачекориле во волшебното синило на небото. Впрочем, кога се пишува за нешто со што се идентификува сопственото постоење, не ни може да има поинаква реакција – кога се пее за галичката архитектура, која по многу нешта е исклучителна и неповторлива. Со оваа песна, Андреевски е поет на архитектурата, а тоа е нишка што го поврзува со старите мајстори – спој на архитектурата и поезијата. Неслучајно големиот архитект Френк Лојд Рајт вели: „Секој голем архитект во своето битисување е голем поет“. Како што поетот на маестрален начин ни ја претставил народната архитектура така нашите градители во Галичник направиле поезија од каменот и од дрвото. Тоа го потврдуваат стројните високи галички камени палати со дрвени и со бели чардаци вклопени во природниот романтичен предел. Нивниот монументален изглед е потврда за градителските постигнувања на македон¬скиот човек.

Очигледно е дека инспирацијата како феномен за духовно возвишување е заедничка одлика и на Андреевски и на старите градители. Камените литици во Галичник, од каде што може да ги допирате облаците на пространото небо покриени со темносина покривка, изгрејсонцето, месечината, ѕвездите, шумските предели, студените извори и таинствената песна на ветрот, се прегрнати, прават хармонична целина и се надополнуваат како поезијата и архитек¬турата. Ова се само споредбени размис¬лувања на еден архитект за една песна и архитектура без претензии за литературна критика, кои во секој случај не можат да се објаснат, да се насликаат или да се прикажат во споредба со вистинската инспиративна експлозија на Андреевски и на македонските градители, кои напишаа и изградија песна и чардаци.

110_1053

Стиховите на Петре М. Андреевски нѐ приближуваат кон вдахновените визуелни доживувања на секој што застанал пред галичките куќи и потврдуваат дека поетот ја има впиено длабоко во себе галичката куќа, дека ја познава нејзината душа, како што неимарот ги познава сите тајни на градежништвото.

Просторот што најмногу импресионира во внатрешноста и на фасадата кај галичката куќа е затворениот чардак. Токму тој највпечатлив мотив со најразлична основа, позиција и димензии, кој секогаш е во фокусот на вниманието, без разлика дали е еркерно исфрлен или е во рамнина со камениот ѕид, страсно и интензивно го инспирираше Андреевски да го овековечи и да го спаси од незаборавот чардакот – маѓепсникот што куќите ги поврзува со ѕвездите, со сонцето и со прекрасните пејзажи на Бистра, на Крчин и на Стогово.

Секако, Петре М. Андреевски на чудесен начин ги спои архитектонското и поетското творештво и со својата песна нѐ врати на изворот на македонската народна архитектура и на трајните корени од минатото со порака и во иднина да стоиме како народ со висок степен на градителска енергија, кој секогаш има чувство за убавина и за хуманост.

Галичката архитектура нѐ вика и нѐ предизвикува да ја зачуваме вечно, а дел од таа вечност е токму песната на Андреевски, за која, како архитект, искрено му благодарам.

[nggallery id=2]
1
Напишано од
More from РЕПЕР
Секое време си има свој знак
Секое време си има свој знак. Свој дух, своја енергија. Наивно е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *