Mодерниот човек е маскиран анархист

За афоризмите на Героски може да се каже дека не се „класични“ - ако воопшто постојат такви - туку исполнети со филозофска промисленост и продуховена длабочина.

kos1

Што е досадата? Моментален недостиг од дух. Тој недостиг се обидуваме да го замениме со хедонистичко и со телесно задоволство, оти така е најлесно. Во наjдобар случај, го правиме она што го нарекувам: фетиш кон досадата.

***
Техниката е еволуција само на физичкото: кога ќе го дочекаме вистинското психолошко? Технологијата е обид да се објасни психолошкото преку физичкото. Но уметноста, таа е копнеж кон необјаснивите нешта.

***
Религијата била нашата прва идеја за нешто што постои надвор од можното. Оттука, нашата прва идеја за бесконечното.

***
Само вечноста е слобода. Но суштината се наоѓа во ограничувањето.

***

Избор и извор се две нешта со иста цел. Избор, тоа е кога мораш да го прифатиш својот изгор за да го зачуваш својот извор. И не ќе е доволен збор. Избор, тоа е кога мораш да се предадеш себеси за да се пронајдеш. Избор, тоа е прифаќање на смртта.

***

Живееме во цивилизација на бунтот: модерниот човек е маскиран анархист. Не почитува ништо и никого, та последното нешто што останало да се почитува биле парите.

***

Прво правило на вечноста: можното е можно и надвор од можното.

***

На уметноста ѝ се заканува неизбежна смрт. Единствениот начин таа да преживее е да се конзервира себеси, да прифати дека станува историја. А потоа, да продолжи да живее инспирирајќи се самата од себе, самоограничувајќи се во средствата и во елементите за изразување. Целта на самоограничувањето би била: во самото ограничување повторно да се најде бараната слобода.

***

Гостинот најбргу се вдомува, оти постои потребната далечина помеѓу трагедијата на домот и трагедијата на патникот. Само привремениот дом е вистинскиот.

***

Страдање, тоа е да живееме со истите како нас: оние што не можеме ниту да ги сакаме, ниту да ги мразиме. Но страдањето: тоа е првата форма на колективност.

p481839518

***

Љубовта меѓу грдите – тоа е сомилост што се комбинира со родителските инстинкти. Таа е можна само со родителските инстинкти, кои се наследник на сексуалноста. Убав маж може да сака грда жена само ако ја смета за своја мајка или ќерка. И обратно.

***

Корпоратизам – тоа е кога луѓето ќе го купуваат искуството, наместо да го живеат. Економскиот маркетинг веќе го нуди тоа.

***

Модерните уметници не се празни, тие се мрзливи да ја изразат својата полнотија. Мрзливост:дури и грдото може да биде убаво, бидејќи тоа има свои доблести! Но мрзливото никогаш нема да може да биде убаво.

Или обратно: секој човек е празен, но модерните уметници се помируваат со својата празнотија и неа ја нарекуваат – еднаквост, колективност, активизам.

Празните минималисти, тие имаат различна смисла за трагедија од „полните“ уметници – тие сметаат дека трагедијата доаѓа од празнотијата, што е толку цинично да се каже. Трагедијата може да дојде само од збрката на полнотијата, само полнотијата е невиност!

***

Класната борба е бесмислена за уметникот: тој живее од милоста на мецените.

***

Повторувањето е другото лице на разноликоста.

***

Депресијата е како ветер што дува бесцелно – тој е секаде, минува низ сè и знае сè, но никаде не останува. А по ветерот секогаш следува бура.

***

Еден ден науката ќе објасни сè и светот ќе стане многу тажно место!

***

Аутизмот е единствениот грев на уметникот, оти тој не знае кога е аутистичен.

***

Здодевните не уживаат во својата досада – тие уживаат во потсмевот кон себеси, во киселата смеа на цинизмот.

Костадин Героски (1988) објавувал раскази, есеи и поезија и за сите нив бил наградуван. Има направенои изложба на акрилни платна насловена „Византиски човек“. Говорел за надмакедонецот и за теозофскиот мистицизам, и цврсто верува во наттрадицијата.

Илустрации: moonasi

Напишано од
More from РЕПЕР
Гласот на писателот
Македонскиот писател молчи. Македонските писатели останаа неми на сите случувања што во...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *