Неодамна во еден наш печатен медиум го сретнавме следниот наслов: „Најчудните смртни случаеви во историјата“. Вниманието ни го привлече множинската форма на зборот случај – случаеви. Примерите со неправилни множински форми од ваков вид неретко ги среќаваме како во пишаната така и во говорената пројава на јазикот. Така, често ќе слушнеме или ќе прочитаме: вишкови, трошкови, појмови, спискови и сл. Поради тоа, сметаме дека треба да обрнеме внимание на оваа појава.
Точно е дека дублетната наставка -ови/-еви е многу честа во нашиот јазик и дека голем број именки од машки род образуваат множина со неа (денови, лебови, броеви, ножеви). Меѓутоа, во најголемиот број случаи (освен кај именките ветар – ветрови и оган – огнови), станува збор за множински форми од едносложни именки (ден, леб, број, нож).
Повеќесложните именки од машки род, пак, образуваат множина со наставката -и, при што, во некои случаи, може да дојде до некои гласовни промени. Така, множинската форма од вишок е вишоци, од трошок – трошоци, од поим – поими, а од список – списоци и сл. (не: вишкови, трошкови, појмови, спискови…). Уште повеќе, наставката -и се јавува дури и кај некои едносложни именки напоредно со наставката -ови/-еви. На пример, од ден, покрај денови, се среќава и дни; од знак – знакови, но и знаци; од зрак – зракови и зраци и сл.
Кога станува збор за тоа дали да се употреби -ови или -еви, не постојат некои строги правила, па често една именка може да се сретне и со двете наставки (кралови – кралеви, ножови – ножеви, царови – цареви). Сепак, пообично е да се употреби наставката -еви кај именките што завршуваат на -ј (број – броеви), а наспроти тоа, да се употреби -ови кај оние што завршуваат на -еј (кеј – кејови). Во другите случаи разликата е порасколебана и изборот на наставката зависи од волјата на говорникот / пишувачот.
Испратете и вие свој напис на некоја јазична тема на mak.katce@gmail.com.