Вистинска вода

Загубен во лавиринтот од тезги на еден огромен пекиншки пазар се сетив на зборовите на таксистот:

w2

ВИСТИНСКА ВОДA

Ma femme aux yeux d’eau pour boire en prison
André Breton

Загубен во лавиринтот од тезги
на еден огромен пекиншки пазар
се сетив на зборовите на таксистот:

Господ веројатно го
создал Светот, ама сè
останато се прави во Кина!

„И се продава на овој пазар“ –
помислив, гледајќи ги планините
со копии од скапи производи

што тука можат да се купат
само за неколку јуани. Случајно
се фатив за една тревозелена

планинарска јакна од една
позната фирма. За да ме убеди да
си ја купам за мали пари

и за да докаже дека е waterproof,
продавачката ја потури јакната
со водата што си ја пиеше.

Неколку капки ме удрија в чело
а другите се спуштија на подот.
Водава е вистинска! – рече.

Ја купив јакната и ја заносив
не само по планини. Ја носам и на
настани на кои има планински венци

од празни ласкања и тапкања по раме.
Ја носам и меѓу лажни пророци и
проповедници кои везден нè учат:

Мразете го цел Свет, особено
соседите, оти тие сигурно
ве мразат многу повеќе!

Ја носам лажнава јакна како
панцир против порои од лаги.
Ја носам и додека гледам вести.

Ја носам како подвижен потсетник
дека многу нешта се навистина лажни,
ама ти си вистинска, како водава што ја пијам.

КРАЈ ЅИДОТ НА ПЛАЧОТ

На неколку метри
од Ѕидот на плачот
ја сретнав жената од
Песна над песните.

По нејзините коси навистина
шетаа стада кози, а градите
опојни како сочно грозје ѝ
беа покриени со униформа
која мирисаше на пот, амбра,
саронски нарцис, миск и шафран.

На нејзината плот цврста
како Давидовата кула
висеше најнов модел
автоматска пушка.

Со очите галабови
шеташе по дното
на мојата торба
барајќи бомба.

Најде само крушка,
шишенце со вода
и неколку книги.

Ме погледна со
сомнеж и насмев,
небаре слушна

дека во мене
веќе пукна

понекоја
атомска
бомба.

ВКРСТЕНИ ЖИВОПИСИ

Таа живее
помеѓу два датума
што нема

да се повторат, а тој – помеѓу
три желби кои чекаат

еден ден да фати
златна рипка.
Таа живее помеѓу

четири годишни времиња
што се менуваат во еден ден,

а тој – помеѓу пет петтолинија
кои одбиваат да им биде
нацртан виолински клуч.

Тој живее помеѓу шест шестари
заборавени под училишните клупи

и седум бројки од дигитрон
избледени од премногу
пресметки во животот,

а таа – меѓу осум состаноци
закажани за следните девет часа.

Зарем има нешто чудно
што нивните
животи можеби

ќе се вкрстат дури
во десеттата строфа?

ГРАДОТ НÈ СЛЕДИ

Овој град ќе те следи
Константин Кавафи

Конечно сфативме дека нема бегање од градот.

Кога појдовме кон селата ги најдовме прилепени

пришиени, припиени, целосно претопени во градот.

Кога тргнавме кон планината веднаш

изникнаа сто нови згради и куќи

во нејзиното подножје.

Се откажавме од искачувањето бидејќи градот

сигурно ќе нè престигне

на патот кон врвот, а и шумите веќе ги ставија

во музеи што не работат за празници.

Кога тргнавме кон аеродромот сфативме дека

пистата е веќе во центарот на градот и

оти попусто ќе летаме: билетот е повратен,

а и во секој друг град ќе нè дочекаат истите

продавници во кои работат многу наши сограѓани.

Дури и сè друго да биде навидум различно,

месечината меѓу облакодерите ќе биде иста.

Од аеродромот до хотелот веројатно ќе

нè вози таксист од нашето поранешно маало и

ќе ни каже дека светот е еден голем град.

ЕЗЕРОТО РАСТЕ

Ова не е обична плима или осека:

додека некои езера се селат од учебниците

по географија во оние по историја едно езеро

секој ден расте. Расте понекоја педа во висина и во ширина,

а најмногу расте во длабина. Нуркачите

се откажаа од идејата да нурнат до неговото

дно од страв дека ќе стигнат до центарот

(а можеби и од другата страна) на Земјата.

Археолозите почнаа да се фалат дека длабоко

некаде сигурно ќе ја најдат првата куќа од првите луѓе.

Но повеќе од длабочината растат неговата

бескрајна тишина и неговото бескрајно синило:

што ли не се истури во него а тоа како од

инает секое утро е сè посино, побистро, попрозрачно.

Расте синилото на езерото заедно со модрилото

на фреските и на небото. Расте заедно со тишината.

Колку и да сме бучни, гласни, прегласни во ноќта,

езерото секое утро е сè потивко, поспокојно. Далгите

му станаа безгласни, потивки од биењето на срцето

додека спиеме. Тишината расте до другата страна на Земјата.

ПОМИРУВАЊА

Ако ги следите ѕвездите
не можете да го утнете небото

Данте

Ако ги следам мравките
ќе ги најдам трошките леб од
вчерашниот ручек

но во мравјалникот не ќе ја
чујам песната на штурецот

Ако ги следам потоците
еден ден ќе стигнам до морето
или дури и до океанот

но таму водата што се слева
ја нема истата бистрина

Ако ги следам снегулките
едно утро ќе се слеам со
сеприсутното белило

но ќе морам да се
помирам со топењето

Ако ги следам ѕвездите
една ноќ ќе стигнам
до крајот на небото

но можеби таму ќе
ми недостига Земјата

Затоа денес никого не следам

НА БОЛЕДУВАЊЕ

Здравиот човек има илјада желби.
Болниот – само една
.
Чехов

Не морам да
трчам како пантер

да пливам како делфин
да скокам како зајак –

доволно ми е да одам без да ме боли коленото

Не морам да
чрчорам како славеј

да викам како гепард
да ги придвижувам камењата како Орфеј –

доволно ми е да говорам без да ме боли грлото

Не морам ни да
пијам скапи пијалаци

чувани во дабови буриња со векови
ни еликсири од билки со долги имиња на латински –

доволна ми е оваа шолја чај заедно со твојата насмевка

СЕМЕЕН ПОРТРЕТ

Според една црно-бела
фотографија
од
Музејот на
фотографијата
во Париз

Таткото
го нема

Веројатно не сака
никогаш да го сликаат
(а можеби е засолнет
зад фотоапаратот)

Ни мајката
ја нема

Веројатно ѝ здодеало
да се слика без сопругот
(а можеби е во кујната
или пред огледалото)

Ни децата
ги нема

Веројатно синот е
во војска или е домазет
а можеби ќерката е
замината јабана

Ни дедото
го нема

(Веројатно веќе одамна
заминал од овој свет)

Можеби
затоа бабата
го држи стариот
семеен портрет
како што мајките
држат бебе
или децата
кукла

БЕЛО ВИНО

Иако стопати беа чуле
дека треба да се пие
само во месеците во кои
ја нема буквата „р“

(или дека е најдобро како
средство за чистење
дамки од црните вина)

белото вино
за нив таа ноќ
имало барем
две предности:

прво,
не било баш
најголем грев да
се меша со вода

(а тие веќе биле
жива вода)

и второ, им
правело киселини
од кои до зори
не се заспива

(а тие и онака
немале никаква
намера да заспијат)

МРТВА ПРИРОДА
СО ДВА КУФЕРА

Подуени
како тикви
пред пукање
двата куфера
чекаат среде
ходникот

За многу
алишта
книги и
дреболии
немаше место

(Ги враќаме
во плакарите
по витрините)

Во сите нив
како за миг
да се всели
некое немо
неискажливо
чувство: можеби

тагата на сите оние
за кои немало место
во големиот куфер на Ное

владимирВладимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, книжевен теоретичар, преведувач.  Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет, а докторирал на Универзитетот Париз 3 –  Нова Сорбона. Бил претседател на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија (2009-2012). Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност и на Европската мрежа за компаратистички проучувања. Членува и во Друштвото на писателите на Македонија, како и во македонскиот ПЕН центар.

Автор е на книгите: Од слика до песна – интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности (студија, 2003), Морска месечина (хаику и танка, 2003), Скриени песни (хаику, 2005), И вода и земја и оган и воздух (хаику, 2006), Споредбени триптиси (студии и есеи, 2007), Les Musées imaginaires (студија, 2009), Ехо од бранови (хаибуни, 2009), Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија (студија, 2009), Квартети (поезија, 2010), Споредбени диптиси (студии и есеи, 2011), Побрзај и почекај (песни во проза, 2011), Пред и по танцот (поезија, 2012) и Околу Европа (раскази, 2012, заедно со Петра Хулова, со Зудабе Мохавез и со Кристин Димитрова).

Ги приредил книгите: Ut pictura poesis – поезијата во дијалог со ликовните уметности, тематски избор од македонската поезија  (заедно со Нухи Винца, 2006), Метаморфози и метатекстови (заедно со Весна Томовска, 2008), Als een vlinder een gedicht wordt – Кога пеперугата станува песна (заедно со Лидија Капушевска-Дракулевска, 2010), Одисеи за Одисеја (заедно со Весна Томовска, 2010), Нов македонски хаику бран (2011), Книжевни дислокации (заедно со Соња Стојменска-Елзесер) и Лирски додекамерон (2012).

Добитник е на првата награда на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за 2009 година, како  и на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2010 година.

Се занимава и со музика. Учествувал во музичките изданија: ОПА (2002) на Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, Калдрма (2004) на „Калдрма“ и Калемар (2008) на „Баклава“.

Напишано од
More from РЕПЕР
Соба
Седиме во една соба спокојно загледани во немирот на сопствените души. Во...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *