Ревија на малите книжевности – Македонија во фокус

Во клубот „Букса“ (Booksa) во Загреб се одржа деветтата Ревија на малите книжевности.

Минатата седмица, во организација на хрватското здружение за унапредување на културата „Културтрегер“ (Kulturtreger), во клубот „Букса“ (Booksa) во Загреб се одржа деветтата Ревија на малите книжевности. Оваа година, Ревијата беше посветена на македонската книжевност и, по тој повод, во издание на „Културтрегер“ е објавен избор од творештвото на десет македонски автори, кои, во согласност со критериумите на организаторите, се помлади од четириесет години и се афирмирани во својата земја, а нивна книга досега не е објавена во превод на хрватски јазик. Приредувач на овој избор е Венко Андоновски.

r1

Ревијата започна со разговор помеѓу Андоновски и Бруно Локотар, кој во Хрватска важи за легендарен иницијатор на многу книжевни фестивали и за човек што преку својата работа има дадено голем придонес за високите стандарди на хрватското издаваштво. Преку разговорот, многубројната публика се запозна со основните карактеристики на македонската современа книжевност, во компарација со хрватското книжевно искуство. Притоа, Андоновски истакна дека новата генерација македонски книжевници (иако не може да се зборува за генерација во класична смисла) се оддалечи од постмодернизмот и од иронизирањето на реалноста, односно дека новите имиња на македонската книжевна сцена мошне често и го иронизираат постмодернистичкото иронизирање на реалноста. Потоа, со дел од своето поетско творештво се претставија Владимир Мартиновски и Иван Антоновски.

r2На претставувањето, како карактеристика на поетското творештво на Мартиновски беше забележана посебната форма на интертекстуалност што ја негува тој, додека Антоновски беше претставен и доживеан како поет и како критичар кого и во поезијата го краси полемичен тон. Претставувајќи го, Андоновски ја истакна и неговата работа на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“, во која самиот отвори дебата со претходниците. До одличен спој на овие двајца поети, кои негуваат различна поетика, дојде во завршницата на книжевната вечер, кога Мартиновски на тамбура и на кавал го придружуваше читањето на стиховите на Антоновски. Своевидниот перформанс на двајцата поети ја воодушеви публиката за која просторот во клубот „Букса“ беше претесен.

На втората книжевна вечер, пред хрватската публика, преку разговор со свои хрватски колеги и преку прочит на своите текстови застапени во објавениот избор, се претставија прозаистите Калина Малеска и Жарко Кујунџиски. Со Малеска разговараше хрватската прозаистка Ивана Симиќ-Бодрожиќ, додека Кујунџиски беше претставен преку разговор со истакнатиот прозаист Едо Поповиќ. „Предавате книжевност и теорија на книжевност, а истовремено и пишувате, па како се комбинираат овие две работи, дали теоријата помага при пишувањето?“, беше едно од прашањата што Симиќ-Бодрожиќ ѝ ги постави на Малеска. „Доколку се имаат предвид некои теориски ставови, тоа може да помогне во пишувањето, но доколку премногу се обидуваме да ги следиме теоретските правила и доколку ги изгубиме од вид реалноста и спонтаноста, тогаш теоријата може да претставува отвор за пишувањето“, истакна младата македонска прозаистка во завршницата на одговорот на ова прашање.

r3Претставувајќи го Кујунџиски, Едо Поповиќ ја потенцира „густата биографија“ на овој македонски автор, истакнувајќи дека како релативно млад има објавено повеќе книги во кои негува различни книжевни форми, дека се занимавал со маркетинг, дека е активен и како издавач, дека пишува колумни итн. „Работам сè и сешто, од внатрешен инает“, рече Кујунџиски, додавајќи дека „писателите се како политичарите, затоа што секогаш мораат да се објаснуваат самите себеси“. Во завршницата на вечерта беше претставен и младиот македонски прозаист Андреа Јанковски, преку разговорот што му беше посветен нему, а го водеа Динко Телечан и Венко Андоновски, како и преку прочит на негов расказ преведен на хрватски јазик. Модератор на двете вечери посветени на македонската книжевност беше Миленка Булевиќ, а програмата беше збогатена и со музички настапи: на првата вечер, со изведба на три македонски народни песни, настапи составот „Чипкице“, додека на втората, како музичар се претстави поетот Мартиновски.

Според впечатоците на организаторите изнесени јавно на оваа значајна книжевна манифестација, Ревијата посветена на македонската книжевност се издвојува како најуспешна од сите што се организирани досега, и тоа и според интересот на публиката, и според интересот на медиумите, и според естетските квалитети на творештвото на авторите застапени во изборот објавен на хрватски јазик.

r4

Во изборот чиј приредувач е Андоновски се поместени и делови од творештвото на: Румена Бужаровска, Игор Крајчев, Снежана Младеновска-Анѓелков, Звонко Танески и Јовица Тасевски-Етернијан. Како што е нагласено во предговорот на изборот, десетте автори чии текстови се застапени „…се иднината на македонската книжевност и во овој момент претставуваат нејзина голема реконструкција“. Објавените текстови од младите македонски автори на хрватски јазик ги преведоа студентите што студираат јужна славистика на Филозофскиот факултет во Загреб, под менторство на Ивица Баковиќ.

На двете книжевни вечери во Загреб, модераторите особено внимание му посветија на неделникот „Репер“ и го издвоија како медиум благодарение на кој и тие можат да следат што ново се случува на македонската книжевна сцена и во македонската култура воопшто.

Најголемиот дел од содржините на овој број на „Репер“ се посветени на годинашната Ревија на малите книжевности. Со тоа, на македонската јавност сакаме подостојно да ѝ го претставиме сето она што се случуваше во Загреб – нешто што долго ќе го паметат и авторите што беа членови на македонската „репрезентација“, и организаторите, и хрватската публика.

Напишано од
More from РЕПЕР
За сè има вторпат
Избор од дваесетина афоризми, земени од мислозбирката во подготовка со наслов „За...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *