(Креативен викенд за кратки книжевни форми)
Последниот викенд од октомври е резервиран за Креативниот викенд за кратки книжевни форми во Лазарополе. Во семејната куќа на Ламбевци, домаќинот Јован Ламбески, човек-ентузијаст и голем вљубеник во уметноста, веќе втора година по ред собира група уметници, кои тие два дена имаат уникатна можност да создаваат во несекојдневни услови, во ова прекрасно мијачко село, далеку од вревата на градот, на надморска височина од 1300 метри. Меѓу гостите главно има луѓе од книжевничкиот еснаф, но има и сликари, музичари, слободни уметници или, просто, луѓе што дошле да ја почувствуваат магијата што ја создава селото. Куќата на Ламбевци е отворена за секого.
Програмата на креативниот викенд е доста густа. Годинава серијата кратки предавања започна сретсело, со саботното предавање на Елена Пренџова, која на учесниците им ја доближи поетиката на имажизмот, а веднаш потоа учесниците се упатија кон врвот Цуцул, каде што беше прочитан текстот на Искра Донева, посветен на кратката книжевна форма аеролити. Циклусот предавања заврши следниот ден на неодминливата Соколица со предавањето на Владимир Мартиновски посветено на хаибунот. Во меѓувреме, на двапати се читаше поезија: еднаш, ноќта кога стрелките се враќаат еден час назад, во домот на Ламбевци, а утредента домаќин беше полјаната зад стогодишната куќа на Чуповци.
Годинава честа да уживаат во поезија под ѕвезденото небо во Лазарополе ја имаа: Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Тома Димовски, Иван Шопов, Елена Пренџова, Тони Димитров, Атанас Чупоски, Венета Илиоска, Ѓоко Здравески, Калина Велевска, Сања Јачевска, Елена Таховска, Кристина Велевска и Христијан Трајчевски.
Ви претставуваме дел од она што беше напишано на работилницата.
[heading] Владимир Мартиновски[/heading]
ДОЛГА НОЌ
Некои ноќи се подолги од век, а прекратки за да се премота филмот од едно долгогодишно пријателство.
Побавни се од спуштањето на живата во термометар под пазува на некој близок. Подолги од ноќта во која ги враќаме стрелките еден час назад, среќни дека следното утро ќе спиеме нешто подолго, но и тажни дека се скусува денот.
Некои ноќи се подолги и од сенката на Кинескиот ѕид на изгрејсонце и на зајдисонце.
Долга ноќ. Читам
книга со посвета од
починат автор.
ЧЕШМА
На патот до планинската чешма молчешкум ги слушаме чекорите врз паднатиот дел од шумата.
А кај чешмата некој ја раскажува приказната за Ѓуре, немо дете што тука проговорило откако се напило две-три голтки. Си ја замислувам радоста на мајка му и на целото село.
Чешмата како да има чудотворно дејство и врз секој што потпивна од нејзината „кочан“ студена вода: за миг сите стануваме помуабетливи, вклучувајќи ги и инструментите што ги понесовме.
Но на враќање веселата поворка се дели во две патеки. Само тројца поминуваме покрај чудотворната чешма. Двајцата пријатели пеејќи и свирејќи се спуштаат надолу, лизгајќи се по буковите лисја. Нивните гласови се стишуваат небаре тонат во бунар. Сè станува тивко, а лисјата паѓаат како во нем филм.
Застанувам за да не шумам со чекорите и подзамижувам за миг.
Планинска чешма.
Го слушам гласот на
оној што молчел.
ПО ВИКЕНДОТ
В недела навечер се прибираме од пат.
Куферите ги оставаме на сред ходник и повремено ги прескокнуваме како во трка со пречки кон својата дестинација.
Некој подготвува вечера. Некој со огромна љубопитност го вклучува телевизорот за да провери кој победил на Вимблдон.
А некој со огромно, безгранично гризење на совеста се упатува кон аквариумот.
По викендот без
храна, рипката отвора
уста ко тигар.
[heading]Јован Ламбески[/heading]
ЗБОР
Ми дадоа еден збор, од него да направам два, па да му ги предадам на комшијата.
СЕГА
Сега сум помлад отколку сега.
ЕДНО
Сѐ е едно, а и ако не е, сеедно е.
КОРУПЦИЈА
Во една приказна неколку збора влегоа преку врска.
[heading]Елена Пренџова[/heading]
ПЛАНИНСКА ЕСЕН
Планински пејсажи
насликани
со различни палети од бои.
Заглавена сум
низ
есенската природонаучна изложба
како
суво цвеќе меѓу два листа од книга.
РАНО УТРО РАСПЕАНО
Пилето ми пее рано на сабајле.
За некого музика,
за некого утринска гимнастика.
РАСПЕАНИ БОИ
Еклектичен концерт:
жолтата свири валцер,
црвената свири танго,
зелената свири ча-ча-ча.
Исто како што моето дете
си игра со играчките –
ги расфрла избалансирано.
[heading]Атанас Чупоски[/heading]
МОЈАТА ПЕПЕРУТКА
Дента
кога стасав во куќата на предците мои
в Лазорополе
ме пречека една пеперутка
шарена
убава
ја пуштив надвор
на сонце
да лета
Вечерта
на поетска дружба
во куќата на другар ми Јован
пак истата пеперутка
шарена
убава
ме чека да дојдам
па да почне да лета
Утредента
на најубавиот врв
Соколица
пак истата пеперутка
мојата пеперутка
шарена
убава
лета ли – лета
околу мене
лета
На пладне
во храмот Божји
во манастирот Бигорски
мојата пеперутка
ми шепна
јас сум твојот ангел-чувар
твојата душа
твојата пеперутка
Предвечер
кога стасав дома
во Тафталиџе
во Скопје
син ми Дамјан
уште од врата
ми вели
тато пуштиш цртан ајде
мојата пеперутка
(продолжува)
[heading]Васко Марковски[/heading]
***
Маса под ѕвезди.
Од стара куќа светло
— сенка од пиво.
***
Улично светло
ми го расипа филмот
да гледам ѕвезди.
***
Прежеднат за вода
пред врв на планина
секната чешма
***
Хендл, Хендл,
преку вода жедни
нè однесе.
***
Миејќи заби
низ малото пенџерче
здогледав црква
***
Тенџере кафе
за бојно поле иљач
— паднати борци.
***
На улица лепешки.
За љубителите на C.S.I.
— ц е л а една дефекација.
[heading]Тома Димовски[/heading]
***
Сам си ги цртам небото и облаците
Трагите од моите искинати патики
одамна ги изгубив некаде на Партизанска
Јован, дефинитивно ќе ти ја запалам куќата
[heading]Ѓоко Здравески[/heading]
***
ти си мојата утринска медитација
друштво ти прават:
клот-синото небо
воздухот планински, кој ме чисти
и сите птички и ситни зујалчиња
ти си мојата утринска медитација
учителите велат дека
планетата е премалечка за
моќта на нашите мисли
а и овде сум некако
многу поблиску
до изворот
(лазарополе, утрото на св. петка)
[heading]Тони Димитров[/heading]
КРАЈОТ
Пет минути молитва
Мир
И кратко парче вечност
Кое го отсликува обликот на неискажливото
Пројавено низ сета своја плирома
Искажано преку иконата
Прволикот на бесконечното
Во длабочината на внатрешната црква
Крајот е почетокот на вечното
Лазарополе, 27 октомври 2013
[nggallery id=18]