Извадок од „Куфер за тројца“

Ви претставуваме, ексклузивно, едно поглевје од „Куфер за тројца“ - прв роман на Живко Грозданоски, кој треба да биде објавен во текот на оваа година, во издание на „Или Или“.

zgВи претставуваме, ексклузивно, едно поглевје од „Куфер за тројца“ – прв роман на Живко Грозданоски, кој треба да биде објавен во текот на оваа година, во издание на „Или-Или“.

Живко Грозданоски е роден на 10 ноември 1986 година во Кичево. Завршува факултет во 2009 година, а истата година во издание на „Темплум“ (едиција „Магма“) од печат излегува книгата „Отпечатоци врз коцки мраз“, збирка кратка медитативна проза. Во 2011 година ја објавува збирката раскази „Приказни за тревите и други приказни“ во едицијата „Дамар“ во „Антолог“.

16. Кирил Рашевски

“Open your heart, I’m coming home…”
Pink Floyd – Hey you (The wall)

Кирил Рашевски има дваесет и девет години. Роден е и живее во семејната куќа во Тетово. Работи со татко си и со мајка си, во нивната продавница во маалото. Сонува да има стабилна работа, да станува наутро, да излезе и да се врати дома попладне. Да зема плата, кредит или два, да има слободни денови и годишен одмор. Да појде на море, да живее во посебен стан. Или да ги испрати своите во викендичка. Да биде сам во својот дом. Сам со својата девојка, жена, доживотна избраничка.

На свое.

Кирил има тригодишна врска и е преморен од придушено водење љубов во неговатасвојата соба, од сезонски излети со стодваесосмицата од татко си и од повремените нинџа-упади во собата на Весна. Мачна беспомошност му го притиска мозокот штом ќе помисли на тоа дека веќе три години е во врска со својата девојка, а нема малку приватност.

Веќе три години чека да почувствува што значи да се биде суверен.

И многу се ретки ваквите денови.

Неговите вчера заминаа на бања и треба да останат таму цели петнаесет дена. Сестра му, барем во текот на неделата, ќе спие кај дечкото, во студентскиот дом во Скопје.

Што значи – тој е сам.

И може да прави што сака, на кој било од стотината квадрати од својата куќа. Ако ништо друго, може да се однесува како обичен човек, со пристоен живот.

Тоа ѝ го соопшти на девојка си уште пред една недела. Потоа, како третоодделенче пред Нова година, почна да ги одбројува деновите до заминувањето на неговите на бања.

Имаше испланирано сè. Или, подобро речено, немаше испланирано ништо. Само ѝ даде клуч на Весна и ѝ рече да го чека дома. Штом ќе ја затвори продавницата, во девет, ќе се качи горе кај неа. Ќе си дојде дома. И ќе биде што ќе биде.

Не можеше да дочека да дојде девет часот. Досадно му беше. Сакаше да ја види Весна. Повеќе од обично.

Кирил многу ја сакаше Весна. Набрзо откако се фатија, одлучи дека би било убаво да живее со неа до крајот на животот. Беше убава и скромна девојка, вредна и чесна. Полна со живот. Беше пет години помала од него, имаше завршено средно медицинско во Тетово, работеше како медицинска сестра. И таа беше од Тетово. Не живееја многу оддалечени. Но не живееја ни заедно.

Погледна во часовникот на ѕидот. Дваесет до девет.

Излезе надвор, пред продавница. Се сврте лево. Ништо. Се сврте десно.

Некоја силуета се приближуваше чекорејќи по улицата.

Се врати назад.

Ајде, уште десет минути.

Човекот ја одмина продавницата и си продолжи по патот.

Кирил пак излезе надвор. Сега немаше никого.

Влезе внатре. Погледна во часовникот. Петнаесет до девет.

Го пушти телевизорчето.

Кирил, исто како и татко си, никогаш не гледаше телевизија в продавница. Единствено мајка му инсистираше да стават телевизорче за да може навечер да си ги гледа сапуниците.

На екранот се појави човек во одело. Се обраќаше на толпа млади луѓе. Најверојатно некаде во Скопје.

Во позадина одеше гласот на новинарот. Кирил слушаше незаинтересирано.

тој исто така оствари средба со групата млади што веќе една недела седат во дворот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и го бранат дрвото со неизвесна припадност. Заменикот, меѓу другото, ги информира младите и за остварените проекти во полето на урбаното планирање(следуваше извадок од говорот на човекот во одело) …Младите ги поздравија овие иницијативи на министерството(во позадина одеше кадар од група млади што аплаудираат) …а потоа, заменикот имаше успешен дијалог со младите… (на екранот се појави еден млад дечко и крена рака) …каде што во прв план беше предочена потребата од сечење на дрвото… (следуваше уште еден извадок од говорот на човекот во одело, каде што тој кажуваше дека дрвото е пречка на патот кон еу) …По плодната дискусија, се донесе договор младите да се повлечат од дворот на библиотеката за уредувањето на тротоарот да продолжи непречено (на екранот сега се појави кадар од човекот во одело како се поздравува со некои млади луѓе крај дрвото) …Сепак, заменикот не е сосем убеден дека сите ќе го почитуваат договорот… (се појави суратот во одело и почна да зборува) „Добро е што младите се свесни за потребата да се пресече ова дрво, свесни се дека претставува опасност за пешаците, и затоа мило ми е што постигнавме договор да се повлечат. Сепак, се плашам дека е можно некои од младите тука да не го почитуваат договорот и да продолжат неразумно да го попречуваат сечењето на дрвото. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Тоа би било неразумен недемократски чин, кој би можел да ги разгневи граѓаните. Граѓаните стануваат сè посвесни за важноста да се влезе во еу и нато што побрзо“. (потоа следуваше снимка на млади луѓе што излегуваат од дворот) Се очекува од младите да се разотидат, како што и впрочем…

Го исклучи телевизорот.

Погледна во часовникот на ѕидот. Пет до девет.

Е, па, доста е. За сите пари.

Набрзина внесе дневен промет во фискалната, го исклучи светлото и излезе. Ја заклучи вратата и зачекори по улицата.

Беше и малку гладен. Секогаш беше гладен пред затворање.

Куќата не беше далеку од продавницата. По пет минути, веќе беше пред врата.

Додека отклучуваше, погледна нагоре. Светлото во дневната беше вклучено. Си се насмевна. Знаеше дека дома не го чекаат старите. Го чека нешто младо. Убаво. Насмеано. Негово.

Се почувствува како газда. Чорбаџија.

Домаќин чоек.

Влезе и ја заклучи вратата однатре. Набрзина се искачи нагоре по скалите.

– Кире! – го слушна гласот на Весна.

– Еве сум! – одговори тој собувајќи си ги чевлите.

– Чекај! – викна повторно таа.

– Што? – застана Кире.

Весна ништо не одговори.

– Што е работата? – праша тој пак.

– Ништо, ништо… доаѓај, у кујна сум.

Кире помина низ дневната. Гледаше наоколу.

Сè беше средено. Се почувствува среќен. Весна средила сè.

Влезе во кујната, но не ја виде Весна крај работната маса. Не ја виде ни до фрижидерот.

Се сврте кон масата.

Се штрекна. Ги ококори очите и остана закопан в место.

Потоа ја подотвори устата.

Потоа подголтна.

– Ве… Весне, ш… што праеш… тамо?

Весна лежеше испружена на трпезариската маса, на грб, скроз гола. Под главата ѝ беше црвеното перниче во форма на срце со натпис „I LOVE YOU“ што Кире ѝ го купи пред три години, за Св. Валентин, а нозете, од колена надолу, слободно ѝ висеа од работ на масата, долж ногарките. На стомачето имаше купче ориз со спанаќ, до него неколку тркалца чајна, праз и моркови, а меѓу градите некаков бел намаз.

– Вечера!

Весна беше возбудена. А Кирил беше збунет. Гледаше во неа и молчеше. Весна побрза да му објасни.

– Злато, прочитав у книгата што ми ја даде Тања за некој трикоој како да го изненадиш партнерот. Посебно ако врската трае појќе од неколку године, тогај, знаеш, се ризикуе све да се претвори у рутина и треба да се внесуе свежина, нови искуства, да се врати возбудата од почетокот… ме разбираш? Е, па, у книгата имаше десетина предлози, ама мене ова со вечерата ми се виде најдобро. Што мислиш?

Кирил не мислеше ништо. Неговата фантазија не ги надминуваше границите на општоприфатените клишеа. Така, максимумот на кој се осмели да се понадева беше корсет со пуш-ап и подврски. Ова го начека крајно неподготвен. И го остави збунет.

Ама Весне беше видно возбудена.

– Гладен си?

– Аха…

– Седи.

Кирил механички седна на столчето до масата. Гледаше како лоботомизиран во Весне. Од купчето ориз со спанаќ се креваше пареа. Чајна, моркови и праз. Павлака.

Весне во раката го држеше остатокот од чајната.

– Кажи, што викаш? – го праша Весна, нестрпливо гледајќи го в очи.

– Па… што знам…

– Како „што знам“, бе, злато? Не ти е мило што ме гледаш ваќе…? Ич не те возбудуa?

– А, бе, мило ми е, јасно… што те глеам, ама…

– Што „ама“?

– Ама… ама… имаш јадење на себе…

Весна имаше трпение. Кире беше бавен за некои работи.

– Па, у тоа е целата работа. Требе да седнеш и да вечераш од мене. Да јадеш… да ме допираш у меѓувреме… и таќе и двајцата се возбудуаме, малку по малку. Нешто ко предигра, сфаќаш?

Кирил ич не сакаше предигри. Може затоа сега не знаеше што да рече. Погледна уште еднаш во спанаќот. Му текна.

– А… леб?

Весна ја удри чајната од масата.

– Кире бе! Остај го сегај лебот. Земи јади ваќе. Раскомоти се, сами смо, да уживамо. Цуни ме.

Кире отсечно се наведна, ја баци в уста и повторно се исправи.

Весна ја крена левата рака и му подаде две дрвени лажички за преглед на грло.

– Ги зедов овја од работа. За грло са. Ти можеш да ги користиш к’ л’јчиња… Ама и за нешто друго… евентуално… што знам… Е, па, добар апетит!

Кирил остана со двете дрвени лажички в рака. Стоеше така уште некое време, а потоа ја подаде едната кон оризот. И пак се премисли. Застана на пола пат.

Пареата мирисаше. Некако чудно. Или можеби само така му се чинеше.

Се сврте кон Весне.

– А, се искупа?

Весна го погледна злобно.

– Да, да, се искупав. А што има врска? Ко ме цунуеш по цицке и под стомак никад не прашуеш.

– А, бе, добро, ама друго е… сеа јадем. Не е исто.

– Добро… се искупав. Јади.

Кирил почна да јаде. Беше гладен. Џвакаше ориз со спанаќ, грицкаше праз, земаше чајна, со дрвената лажичка гребнуваше внимателно од павлаката… и патеше по леб. Ама ајде, нека ѝ биде. И утре е ден. Утре нема да е вака.

Весна полека стануваше нетрпелива.

– Е, па, како е? Добро е? – го праша со едвај забележлива зајадливост во гласот.

– Добро е, добро е… – одговори Кире мутаво.

Весна почека уште малку. Џабе. Ништо не се случуваше. А актуелниот тек на работите не навестуваше драматични промени во блиска иднина. Првичната возбуденост малку по малку преминуваше во напнатост. Потоа стана нервоза, а најпосле пукна во очаен револт.

Гласот ѝ стана плачлив.

– Кире, бе… па не требе ова ваќе. Зошто ништо не праеш? Требе да ми праеш нешто. Не само да… јадеш.

Кире остана со недоџвакана храна во устата. Одамна знаеше дека жените не знаат што сакаат. Ама ова беше врв.

– Е, добро де, што да ти праем?

А Весна не се откажуваше.

– Земи го морковот.

Кирил го фати морковот в рака. Го држеше како чекан.

– Добро. И?

Весна го гледаше. И Кире ја гледаше неа. Тишина.

Весна се изнервира. Ја удри пак чајната од маса.

– И… ништо! Ништо. Батали. Јади.

Е, тоа е де. Жените не знаат што сакаат. Си гризна од морковот.

Весна пак нешто се премисли.

– Кире, чекај.

Кире пак застана. Ја погледна и ја препозна сериозно нервозната Весна. Во случајов покриена со ориз. Се почувствува глупаво.

– Стани, земи една чинија и собери го ова од мене. Не га бива работава.

– А, бе, добро е…

– Не, Кире! Не е добро! Кој се прае ова, „добро“ не е доволно добро. Значи, или е скроз посебно, и… возбудливо, и… откачено… или е катастрофа! Е, па, катастрофа е!…

Весна лежеше на грб, со главата на црвеното перниче, гледаше во плафонот и мафташе со рацете. Спанаќот врз мешето се тресеше со неа.

– …не може ваќе. Ова треба… да нè возбуди… да нè запали…

Кирил цело време се трудеше да соработува, но сега и тој изгуби трпение.

– Што да ме запали? Ориз со спанаќ?!

Весна се подисправи на лакти и разлутено ја сврте главата кон него. Се трудеше да не го движи стомачето, да не ја растури вечерата на маса.

– Ништо! Стани! Земи една чинија… Добро, мајката… што требе за да те запали?! Поховани муда од фока? Тартуфи? Шлаг со јагоде? Орае со мед?… Ја треба да те запалим!

Многу е лошо кога на човек не му го ценат трудот.

Весна гласно воздивна и ја спушти главата назад на перничето. Го сврте погледот кон плафонот. Продолжи да мрмори.

– …Се мислев да напраем ориз со пилешко, со кари и магдонос… со зеленчук на пареа… ама пилешко да стаем на мене некако ми е морбидно… месо на месо… Стани, земи една чинија.

Кирил се побуни.

– Барем да дојадем. Многу е убав оризот!

– Не е убав! Не може да дојадеш ваќе. Не може. Ќе дојадеш од чинија. Ајде.

Кирил направи фаца, па се одлепи од столот и зеде една чинија. Ја допре до колкот на Весна и почна да го турка оризот од стомачето во чинијата.

Весна напнато тропкаше со прстите по маса.

– Пази, случáјно, да не ми турнеш малку ориз меѓу ноге…

– Не, не, не бери гајле… – мирно ѝ одговори Кирил. Весна преврте со очите и пак се издиши.

Кирил собра сè во чинијата и си продолжи со вечерата. Весна го погледна, се исправи и се симна од масата. Го фати црвеното перниче и нервозно го џитна во дневната. Тргна кон бањата.

Тогаш заѕвоне телефонот на Кире. Весна застана.

Кирил го извади телефонот од џебот. Погледна во екранот.

– Кој е? – праша Весна.

Кирил ништо не ѝ одговори. Само опцу на глас. Потоа стисна на зеленото копче. Го приближи телефонот до уво.

– Еј, кажи, Црни! Како е?

Тишина. Кирил гледаше во подот. Весна гледаше во Кирил.

– Добро… утре? У девет… Добро… добро… договорено. Ајде… океј, се глеамо.

– Што сака? – побрза Весна. Стоеше гола до вратата. На едната брадавица уште имаше павлака.

– Утре у девет треба да бидемо на плоштад. Наредба од комитет.

– Зошто? Што има пак сеа?

Кирил гледаше во подот. И тој не знаеше што се случува. Црни му рече дека утре сабајле сè ќе им биде објаснето.

– Неам поим… Да му се јавим на Славе, ако може утре тој да отвори од сабајле у продавница…

Весна ги крена веѓите, се сврте и излезе од собата.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Како да бидете енергетски ефикасни
Доколку сте личност која се бори за зачувување на животната средина преку...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *