Драмата на секојдневието – во најобичниот човечки живот е неизбежно и постојано присутна.Таа го следи животот до степен на законитост, судбински – и тогаш кога, привидно, земните човечки денови и човечкиот живот протекуваат, минуваат без некои позначајни драматични случувања. Всушност, иако некои човечки животи – и според авторката на „видениот“ текст „Денови без драма“, Марјолеин Биренс (од Холандија), – минуваат без драматика и во здодевно секојдневие – на крајот нејзин авторски заклучок/светоглед е дека целиот човечки живот е една голема драма, сведена на непобитниот факт дека убав или не, богат, исполнет или не – животот, заедно со убавината и со среќата, поминува незапирливо, а по нив неминовно доаѓаат староста, немоќта и конечно – смртта.
Изобилната текстура што се крие зад насловот „Денови без драма“ и што умно и искуствено се движи низ поетско-филозофскиот јазик на егзистенцијалистичките теории за крајната апсурдност на живеењето, во духот на Бодлеровиот сплин, со силината на Сартровата мачнина, ѝ послужува на авторката, во случајов и режисерка на претставата, Марјолеин Биренс, да се обиде да направи визуелен сценски приказ на литературен материјал што очигледно првенствено не бил наменет за инсценација.
И, додека текстот има поголеми амбиции и очигледни литературни вредности, режијата, која очигледно не е примарна авторска креатива на Марјолеин Биренс, која е попозната како писателска – се обидува да ги избегне мелодрамските стапици на поставка што се потпира на долгите наративни пасажи, во која ни структурално нема особен простор да се прави помобилна, подинамична и побогата сценска поставка, кон што, условно речено, можеби и се тежнеело, секако од концептуални причини, ако се има предвид крајно редуцираната и рудиментирана визуелна означеност на сцената.Во прилог на оваа констатација би одело и режисерското откажување од користењето на музиката и на ефектите што одат со неа, кои секако, и во спротивен случај, би можело да ја „подзакрпат“ слабата драматуршка подлога на праволиниските движења и нарации на текстот што од холандски го преведува позната Синоличка Трпкова-Меллес, кој драматуршки требало да го засили потпишаниот драматург Билјана Крајчевска. За скудното користење на неколкуте напеви од македонското лирско фолклорно богатство секако дека може да се има разбирање во евентуалните мотивации на режисерката да ја надмине прецизната локација на дејството (на некој плоштад некаде во Европа), па може да се каже дека, иако изгледа во некоја мера и симпатично, останува без некој поголем ефект, претопувајќи се во недефинираната концептуалност (режисерска) и текстуалност без штрих (авторски, се разбира).
Во оваа современа приказна за еден реасторан (кафе? пансион!) со подолга историја на постоење на некој европски плоштад, преполн носталгија и животни неисполнетости, според успешно остварената поделба, во новиот и помал сценски простор на НТБ, во реализација на петте ликови се појавија: Соња Михајлова, Борис Чоревски, Илина Чоревска, Елена Моше и Васко Мавровски.
Како и секогаш, камерниот простор и овој пат се покажа близок за некои од споменатите актери, а за некои подалечен, што на крајот, сакале или не сакале, го надополни општиот впечаток за неизедначеноста на целиот овој најнов сценски проект на битолската театарска куќа. И, иако можеби во севкупната репертоарска политика е сè поголемата окупираност на НТБ со значајни, т.н. фестивалски проекти, со кои театарот од Битола жнее успеси низ Европа, се чини дека и помалите проекти од овој тип – секако сосема на место, со оглед на кастингот, имаат слични проeкции, планови и намени.
Во таа смисла и се движи и актерскиот учинок на петтемина, кои во зависност од форматот на ликовите што ги толкуваа професионално ја одработија својата актерска, во случајов доминантна задача, во голема мера поддржувајќи ја и осмислувајќи ја оправданоста на овој авторски сценски проект, со кој всушност и отпочна да се реализира верификуваната (и финансирана) програма од Министерството за култура во годината во која театарот од Битола ќе одбележува и ќе прославува 70 години од своето постоење.
Па, така, останува другиот и далеку позначаен дел од сценските проекти во јубилејната година, кои секако со нетрпение ќе ги причекаме и ќе ги видиме,меѓу кои се: „Ианов“ од А. П. Чехов во режија на Александар Бергман, преработката на „Геноцид“, овој пат во режија на самиот автор – Љубиша Георгиевски, потоа најновиот текст на Венко Андоновски според мотиви од „Ана Каренина“ од Л. Н. Толстој и засега непознатата петта претстава, која ќе ја режира исто така европско име – Диего де Бреа.
Сè на сè, со „Денови без драма“ на холандската писателка (и на радиодрами и на либрета) и режисерка Марјолеин Биренс, скромно, но забележително отпочнаа да се случуваат едни „денови со драма“ и драмско чествување, со доминантно битолски, осведочен и прославен креативен потенцијал и авторитети.