Дете на планините


Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home/echqdumm/public_html/reper.net.mk/wp-content/themes/simplemag/formats/format-standard.php on line 28
Јас сум човек од планина. Колку и да звучи смешно, настрана од сите второстепени и изведени значења на фразава, тоа е чиста вистина.

Движејќи се од Преспа преку Панонија до Татрите

kontemplacija
Нитра, Словачка (фото: slovakia.travel)

Јас сум човек од планина. Колку и да звучи смешно, настрана од сите второстепени и изведени значења на фразава, тоа е чиста вистина. Хоризонтот секогаш ми го дефинирала Баба Планина, но и Вртушка, видлив врв од прозорците на дневната соба во семејната куќа во Ресен. Некогаш силно осветлена од сончевите зраци, некогаш прозрачно сина, некогаш темнозелена, често прекрасно заснежена, Вртушка секогаш ми била пред очи.

[pullquote align=”left”]Прекрасната Вртушка (ќе ја ословувам во женски род и ќе ја присвојам како преспанско-ресенска, наспроти битолско-кабадајскиот и горделив Пелистер) отсекогаш ме придружувала тивко и ненаметливо: за време на дремките во врелиот јули, во време на дождови, кога задолжително пишувам, и за време на снегови, кога задолжително го читам Пруст.[/pullquote]Прекрасната Вртушка (ќе ја ословувам во женски род и ќе ја присвојам како преспанско-ресенска, наспроти битолско-кабадајскиот и горделив Пелистер) отсекогаш ме придружувала тивко и ненаметливо: за време на дремките во врелиот јули, во време на дождови, кога задолжително пишувам, и за време на снегови, кога задолжително го читам Пруст. Го отворам или го затворам прозорецот, погледот го насочувам нагоре, кон неа. Ама нејзиното присуство секогаш било толку тивко и нежно, што никогаш епски не воскликнав, ниту гласно ѝ се восхитив – сè додека случајот на Маларме не ме одведе во Нитра, во Панонската Низина. И четирипати се населувам и се отселувам од Панонија, и во секој момент го имам истото чувство: дека, некако, долу сум. Сè е поинаку, перцепцијата на просторот е очудена: хоризонтот е недогледен, небото е во висина на човекот, просторот е широк, сонцето поголемо, чиниш на дофат на дланката, ама далеку е. Залезите, мора да признаам, некако поубави, го гледаш сонцето до крај, до последната светлинка, ете таму зад работ.

Неверојатни портокалови експлозии на огромното пространство, за кои просто живеам, момент од денот што посакувам да стане вечност. Ама нејзиното сурово височество, рамнината, нејзиното недогледно пространство, некако го проголтува човека, го прави да се чувствува малечок, дробен, ситен, некогаш ништожен. (Во строга доверба ќе ви кажам и дека, кога патувам со автобус низ Унгарија, претпочитам да биде ноќе. Ако патувам дење, ми доаѓа да врескам по низините, сè додека на хоризонтот не се појави некое планинче.) Е, тогаш, тогаш се присетувам на Вртушка, на можноста човек да погледне нагоре, на моментот кога погледот се издига по вертикала, кога небото е горе и можеш да се искачиш да го допреш. Тогаш сфаќам дека сум човек од планина и, во неможноста да си ја погледнам сега белата Вртушка, во друштво на цимерката од север, се упатувам кон Татрите.

tatri
словачките Татри (фото: tatraphotographyworkshop)

Како што го напуштаме западниот регион на Словачка и како што се приближуваме кон планините, јас се чувствувам сè повеќе своја: ми ја снемува тапата низинска маглива главоболка, слободно дишам на двете ноздри, чувствувам дека ми се враќа бојата на лицето. Патуваме покрај прекрасниот зелен Вах и покрај неговите чудесни меандри, регион со некоја парадоксална мешавина на словачката питомост со веќе јасен призвук на дивина, додека покрај автопатот, како во сон, се појавуваат срни и елени или, како во некој вестерн, понекој Липтовчанец, со силни мустаци, добар шешир и со карирано палто, јава на коњ. Го свртувам погледот од Вах и за кратко време влегуваме во Липтовски Микулаш, од сите страни опколен со планини. Од едната страна Западните, од другата страна Ниските Татри, во заднина легендарниот Кривањ; каде и да погледнеш, грандиозно се извишуваат Татрите. Доаѓам до момент кога, и покрај сиот пишувачки тренинг, не можам да најдам соодветна придавка што ќе ги опише. Слеани вериги и вериги, стамени стрмнини и висини ме опкружуваат, ми даваат чувство на сигурност и на предизвик да се качувам и да одам горе.

И од првиот момент знам, мои се Татрите како што е моја Вртушка, оти јас сум дете на планините. Каква смисла има хоризонталата на животниот век без вертикалата и без стремежот да се оди нагоре, да се биде поблиску до небото, поблиску до сонцето, поблиску до космосот?! И го вдишувам остриот татрански воздух што ја пронижува секоја клетка на моето тело и на мојот дух и си ветувам дека напролет ќе се искачам на Татранска Ломница и на Ломнички Штит. Потоа се спуштам во врелата вода на лучките бањи, базен на отворено, температурата на водата е четириесет степени, температурата на воздухот нула – има нешто неописливо во спојувањето на контрастите. Врелата вода испарува, наоколу светка снегот, кафето си го донесов до базенот, та каква смисла имаат сите вертикали без целосниот хедонизам на животот?! И сите зјапаат во моето кафе, за словачки вкус претерано е да си го донесеш филџанот до базенот, ресенски чалам, битолски кабадајлук, иштав за убајни, ќеф за животот, што и да е, добро де, си уживам, som z Balkánu a čo, má niekto s tým problém?

 Авторката е филолог, истражувач, поетеса и писателка

1
Напишано од
More from РЕПЕР
Во тебе – јас
Денеска,/ како и секој друг ден/ со широко отворени соништа/ гледам како...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *