Пред неколку месеци вашиот роман Мојот живот како куче беше објавен на македонски јазик, за издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Несомнено, со оваа книга се прославивте во светот. Дали имате точна бројка на колку јазици досега е преведена?
Мислам дека точната бројка е 12.
Некаде наидов на податокот дека романот содржи автобиографски елементи. Можете ли да ни кажете колкав дел од книгата е автобиографски, а колку е фикција?
Во основа, целата приказна е составена од мојот живот. Сменив многу работи кај ликовите и настаните бидејќи не сакав да посочам кон вистинските луѓе кои ме инспирираа за нив. Сепак, книгата е роман, а не судски запис.
Во книгата се споменува необична привлечност меѓу момче и девојка, во која девојката преку употребата на насилство ги изразува своите чувства кон момчето. Дали сте искусиле нешто слично во вашиот живот?
Ова „туркање и влечење“ е многу често во животот на едно дете. Кога старееме прераснува во поублажен облик, но сепак може да се сретне кај многу мажи и жени. И, да, сум искусил нешто слично многупати, и како дете, и како момче, и како возрасен.
Иако книгата раскажува приказна за дете, таа се занимава со многу сериозни теми и содржи мрачни моменти. Меѓу другото, се споменува и темата за смртта. Дали таа е нешто за кое често зборувате во вашите дела?
Овој роман е првиот дел од трилогијата за Ингмар која го опфаќа неговиот живот до 65-годишна возраст, кога ја губи сопругата. Овие три романи ги гледам како приказна за многу загуби, но и како приказна за еден човек кој се бори со желбата да биде сакан. Кога би бил жена и би сакал да знам зошто мажите се толку чудни, би ги прочитал овие три романи!
После овој роман објавивте уште неколку книги. Дали некоја од нив постигна сличен успех меѓу читателите?
Како што споменав и погоре, оваа трилогија се смета за „една од најинтересните во нашево време“ од страна на многумина. Втората книга од трилогијата постигна голем успех и беше преведена на многу јазици, а и третата не заостануваше зад првите две. Меѓутоа, романите кои јас ги пишувам живеат во сенката на далеку покомерцијалните книги.
Според книгата беа снимени филм и телевизиска серија. Токму тој филм ги отвори вратите на Холивуд за вас. Можете ли накратко да ни го опишете вашето искуство во оваа индустрија на соништата?
Живеев во Лос Анџелес седум години. Потоа престојував како гостински професор на универзитетот Лонг Бич во Калифорнија. Напишав многу сценарија за големите студија кои беа менувани во нешто друго, и по некое време се изморив. Го сакав животот таму, иако бев малку исплашен поради тоа што почнав да го заборавам мајчиниот јазик, бидејќи секогаш учествував на конкурси за сценарија на туѓ јазик. Сценаристите во Холивуд се како платени убијци. Вие не го поседувате вашиот материјал, се откажувате од вашите авторски права. Постепено го губите чувството за себе. Сакав да му се вратам на пишувањето романи – таму барем сте капетан на свој брод!
Сте се обиделе и како режисер и како глумец во неколку филмови. Дали имате позитивно искуство од тоа?
Снимив доста ТВ филмови, еден долгометражен филм, режирав многу драми за театар, но сите тие беа за издршка на семејството, ништо повеќе.
Дали сè уште пишувате? Мислам на книги, не на сценарија.
Да, објавувам по еден нов роман на секои две години. Кучешки рај излезе во 2009, Што видоа моите очи во 2011 (набрзо ќе се преведе во Италија), и планирам да објавам нов роман во 2014 година.
Дали работите на некој нов проект – книга, филм или нешто друго?
Втората книга од трилогијата Мојот живот како куче беше откупена од една американска филмска компанија. Се обидувам да се држам настрана од секаква работа поврзана со нејзиното филмување. Не верувам дека некогаш ќе излезе како филм. Премногу книги му се продаваат на Холивуд, а само неколку од нив се појавуваат на големото платно.
Што претпочитате повеќе – книжевност или филм?
Очигледно е дека е книжевноста.
Каде живеете сега? САД, Европа или на некое трето место?
Живеам во Стокхолм, но планирам да се преселам на југот на Шведска. Многу патувам.
Последно прашање – дали сте слушнале за Македонија, веројатно последната земја каде што деновиве се објави вашиот роман Мојот живот како куче?
Секако дека сум слушнал! Во 1982 година се возев со кола од Сплит во Хрватска до Кавала во Грција, и патем посетив многу места. Но, не можам да се сетам на сите нивни имиња. Што се однесува до преводот на македонски, морам да кажам дека не е последен. Деновиве ме распрашуваат за објавување на книгата во Кина!
Ѓ. К.
Во партнерство со Купикнига ќе можете тука да си ја набавите книгата на г-динот Јонсон на македонски www.kupikniga.mk