На Скопје, по долго време

Срамежлив е градот кога му пишуваш песна / дури и кога има 16 споменици со борбено срце / и 900.000 спомени во човечко срце... Четири песни од поетесата Бистра Кумбароска.
skopje
(фото: ldpistolp’s instagram)

На Скопје, по долго време.

Срамежлив е градот кога му пишуваш песна,
дури и кога има 16 споменици со борбено срце
и 900.000 спомени во човечко срце.

Скопје,
не сфаќај ме погрешно,
не ти се додворувам,
и не ти ги барам нити срцата
нити спомените.
Само те гледам ко да ме сонуваш
и те сонувам кога не те гледам.

Ти си мирис на липа што се шири од шумеча таблета,
напиток си што се пие од епрувета,
Tи си расипан лифт што нуди утринска гимнастика по скали,
или ред манијакални автомобили што свират на семафор,
Ти си толпа пред амбасада,
измешана со толпа празни абдомени пред „7-цa“.
Ти си продавач на пискави часовници пред ГТЦ,
но и скапа штиклa што свири џез на мермер подови,
Ти си факултетскo столчe во предавална П9,
кое чкрипи од мрзливост,
и пукнатина си – во тротоар – од која никнува цвеќе.
Ти си прегратка на сонцето и дождот,
баш среде „Партизанска“,
и си многу „тра-ла-ла“ и „бла-бла-бла“
и многу „ха-ха-ха“ заедно.

Секој ден 50 тони вселенски прав паѓа на земјатa,
секој ден ја гледаме месечината од една иста страна,
и секој ден твојот запад е место за нечиј изгрев.

Не сфаќај ме погрешно,
не ти се додворувам,
и не ти ги барам нити срцата
нити спомените.
Само гушни ме, како по долгогодишна разделба.
Зашто воздух земамe само кога се прегрнуваме.

Секоја иднина е Наша

Пијам вода, и го гледам залезот на своите очи.
Мижам како да сум открила вечен извор на младоста,
а всушност се работи за обична жед,
од терапијата против хеликобактер пилори.

Понекогаш целта е нејасен вртлог,
не треба секогаш да се има поголема поента,
обичната е доволна, обичната е едноставна.
Нема случајност во зборовите, само предигра.

Стојам пред виножито од неизвесност,
а никогаш не сум ја гледала неизвесноста како виножито.
На мислите имам плускавци од трчање,
за да стигнам тука каде што сум, во оваа точка.

Разлика скоро и да нема.
Нештата се повторливи како терапија против хеликобактер пилори.
И бараат вода, бараат свежина,
бараат молк во главата.
За да се гледа виножитото – побистро.
Секоја иднина е Наша. И тоа е навистина доволно.

skopje2
(фото: ldpistolp’s instagram)

сегашна, зимска

Летот на птиците е само знак на блискост,
кога и да се приближиш до нив
– летнуваат.

Трагите во снегот ја мерат моќта на чекорот,
мисла втисната со стапалата,
само снегулките можат да ја разберат.

Сладок и потсмешлив
е овој копнеж полн нетрпеливост.
Сите нешто сонуваме, сите нешто очекуваме,
замислени санки и очи полни жед.

Прости ми што додека тебе те чекам,
го прошетав градот сама
и го стопив сиот тазе наврнат снег.
Летот на птиците е само знак на блискост.
А така е и во животот,
кога летнуваме, тогаш сме најблиску,
кога сме заедно со мислите.

Сега.

Во недела дишам од тебе.

Животот,
онаков каков го знаеме,
или не го знаеме (само го имаме)
е едноставност.

Секоја зора носи светлина,
секоја светлина носи виделина,
умот може да гледа и без очите,
очите не гледаат без умот.

Тенок мраз е потсвеста
за секој ден да трчаме врз неа,
но не чини и да трчаме само по улиците,
по асфалтите,
некогаш треба да се пропадне во водата,
за да се цени тлото под нозете.

Немав намера да звучам вака
кога започнав да ја пишувам оваа песна.
Сакав само да ти кажам дека
очите ни гледаат она што ние сакаме.
И сега кога се сакаме,
животот, онаков каков го живееме
e живот за кој поезијата сонува.

 

Бистра Кумбароска е родена на 28 јануари 1984 година во Струга. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Автор е на книгата „Ти не сакаш поезија“ (2011). Дел од нејзиното творештво е објавен во поетски списанија и на портали во Шведска, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Учествувала на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата, а особено е активна на полето на младинските и на културните настани. Моментално живее и создава во Љубљана, Словенија.

Напишано од
More from РЕПЕР
Радовишки специјалитети
Радовиш, како град со мултикултурно живеење, има голем потенцијал да привлече внимание...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *