На иницијатива на Балканскиот институт за вера и за култура (БИВК), оваа пролет, во рамките на Oxford Connections (Оксфордски поврзувања), интернационална група докторанди од Оксфордскиот универзитет споделуваше и разменуваше идеи со своите колеги од Македонија. Идеите од истражувањата со кои овие експерти се занимаваат се од подрачјето на електроинженерството, биоинженерството, медицината, социологијата, социјалната работа, филозофијата, правото, политиката и на теологијата.
Заедничка за сите човечки револуции е идејата, па затоа оваа програма го носи називот: За идеите се работи. Идејата е она што ги поврзува сите крупни исчекорувања во развојот на човештвото. Идејата е најнасушната храна во секое општество – од она на изолираните племиња во Амазонија, па сѐ до она на Силиконската долина. Во суштина, сѐ е во идејата. Сѐ додека се врти светот, а во него живеат луѓе, првенствено ќе се работи за идеите.
Како експресионизмот и реализмот можат да се прикажат преку еден друг медиум – филмот?
Кога станува збор за сликарството, сликата е еден нечиј свет полн со идеи, но тој свет е врамен. Рамката околу сликата не ни дозволува да го прошируваме светот во тој правец – сликата како уметничко дело, како збир на чувства и состојби на уметникот, ни овозможува, нам гледачите, да ја бараме длабочината во еден друг правец. Светот е внатре во рамката, треба да се ѕирне малку подлабоко. Филмот, пак, е составен од фотографии, кои исто така се урамени како и сликите, и кај нив постојат тие граници. Сепак, со синтеза на тие фотографии, на гледачот му се овозможува да види едно движење – внатре во таа рамка. Филмот на многу реален начин ја подражава стварноста, навидум токму поради таа ураменост. Речиси како да ја пресликува, но тоа може да се рече и за фотографијата и за сликата, па дури и за еден текст. Меѓутоа, светот се наоѓа во рамката, не над неа или под неа, туку внатре во неа. Тоа ограничување прави илузија за постоењето на почетокот и на крајот.
Дали во стварноста постојат почетокот и крајот?
Секако дека постојат, но тоа е еден цикличен процес на умирање и на повторно раѓање. Како во уметноста би постоел почеток или крај, кога уметноста се служи со стварноста како модел? Врамувањето и имагинарните граници се само илузија дека е можен крајот. Станете ѕиркачи и нурнете се во најдлабоките длабочини на уметничкото дело и побарајте го почетокот онаму каде што завршува, а крајот онаму каде што започнува. Ова се само дел од идеите што им беа пренесени на домашните студенти.
Ова збиднување се одржа од 30 март до 9 април во просториите на Државниот тетовски универзитет, Младинскиот културен центар, Филозофскиот факултет, Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, Македонската академија на науките и уметностите, Факултетот за драмски уметности, Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ и на хотелот „Водно“, а на крајот заврши во просториите на клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар.
Програмата Oxford Connections овозможува размена на идеи меѓу академци, професори, научници, студенти и други интелектуалци. Визијата на оваа програма е интелектуалците да се поттикнат да ги понудат своите вештини и знаења кон подобрувањето на благосостојбата на сите оние што живеат во Македонија.