Смеењето го продолжува животот

Скопскиот стенд ап комичар одговара на нашите (не)вообичаени десет прашања.
bojan
(фото: derdevil photography)

1. Како си? Што има ново?

Како сум? Па, сега кога ти одговарам на прашањево – мртов уморен, а инаку, генерално сум супер. Ново? Па, има доста, зависи што знаеш од старото и зависи кој дел од животов мој те интересира. Ако е за работа, тогаш има многу нови нешта што ми се случуваат последниве неколку месеци, ќе има уште многу убави работи и во текот на целава година, како што тргнала работава. Има новитети и во мојот приватен живот… но тоа е само мој живот и љубоморно си го чувам. 🙂

2. Можеш накратко да ни опишеш еден свој обичен ден?

Па, сè зависи од тоа дали, колку и што имам работа. Инаку, генерално, денот ми поминува по состаноци со луѓе, продуценти, колеги, по договарање настапи, телефонот ми е најдобро другарче во текот на денот… Ако имам вечерта настап, наоѓам време, меѓу сите други обврски, да го поминам низ глава материјалот. А ако сум слободен, тогаш пак не седам дома, начинот на функционирање ми е таков што и кога сум без обврски одам некаде, наоѓам „жртви“ за кафе, ручек, вечера или, пак, за провод, макар и во вторник навечер, кога нема ништо интересно низ градов.

3. Која е твојата идеја за совршена среќа?

Па, веројатно, внатрешен мир и спокојство пред сè. Сакам да бидам задоволен од себе. Кариерист сум, тоа знае да биде многу добро, но некогаш и напорно… не физички, туку емотивно. Самокритичен сум доста, па дури и за најмали ситници знам да се оптоварувам беспотребно. Затоа, совршена среќа за мене веројатно се добрата кариера и здравје, зачинети со љубов и со страст.

4. Кога и каде беше најсреќен?

Најсреќен… кога како дете играв фудбал со другарите и замислував дека играм на голем стадион пред многу луѓе. Кога гледав претстава по 10-ти пат, го знаев текстот напамет и се внесував до толку што сосема заборавав дека сум во гледалиштето и во фантазијата бев таму… на сцена… заедно со актерите, кажувајќи го нивниот текст како свој.

5. Постои ли нешто за што жалиш во животот?

Жалам само за оние моменти кога не сум дал сè од себе. Без разлика дали се работи за нешто професионално или приватно. Не можам да кажам дека мразам порази, не ги сакам, но корисни се, од нив се учи, а победите носат самодоверба, но и поголема одговорност, повисоки стандарди. Секако дека жалам и за оние моменти кога сум повредил некого. Се трудам секогаш да оставам позитивен впечаток кај луѓето, но сите ние правиме понекогаш некоја грешка.

6. Кој или што е најголемата љубов на твојот живот?

Секако дека актерството… Го сакам и спортот. Особено фудбалот. Овие две работи можам да кажам дека подеднакво ги сакам. Без нив не можам да си го замислам животот. Ме исполнуваат максимално. Ако една од овие работи ми фали подолг период, несреќен сум. Ако немам актерски ангажман или ако не изиграм некоја партија фудбал, ако не отидам подолго време да го гледам мојот „Работнички“ на стадион… мојата среќа не е потполна.

7. Кој е твојот најголем страв?

Да останам сам.

8. Кој е твојот неостварен сон?

Како дете, кога го снимав „Наше маало“, си велев: „Зошто не се родив во Холивуд? Сега ќе бев Хари Потер“. 🙂 Можеби наивно, ама тоа ми беше сонот како дете… да снимам голем филм во Холивуд. Сонот си стои „отворен“… којзнае… досега речиси сè што сум посакал доволно силно ми се остварило…

9. Кои зборови или фрази ги употребуваш прекумерно?

„Евааааааа другарче, дека си беееее“ (штипски фрази), „И шо сеа?! Такааа?“ (скопски фрази), „Оооххо друже директоре“ (К-15 финта на Цацко… на продуценти се однесува …)

10. Нешто за крај?

Дојдете на настап… смеењето го продолжува животот.  🙂

Напишано од
More from РЕПЕР
Поезијата и неизречливото
Постојат прст и плева беспрекорни определби за тоа што е поезија. Ама...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *