Траги и преместувања.
Модерно е да се зборува за егзилот. Модерно е да се патува и албумите од патувањата да се споделуваат на социјалните мрежи. Некако, се чини,човек мора да има две држави или минимум два града: градот од каде што потекнува и градот во кој тековно престојува (current city). Модерно е да се ’чекираш’ (check-in)на местата каде што си бил – да оставаш траги од своето преместување во хаотичниот, бучен, сеопфатен, сезнаенинтернет, кој нè проголтува: како да му е некому гајле што сме јаделе евтин рожок со сланина во Братислава или што сме испиле по еден вкусен Lobkowicz во Брно.Се чини, исто така, дека сме принудени да се преместуваме и дека ни е наредено за своите преместувања да оставаме траги. И не само што е модерно, можеби сакаме да направиме ’симулакрум’ на реалните стапки, правејќи ги електронски;можеби е тоа токму стравот од минливоста и од ужасот пред времето, кое се движи со сè поголема брзина, бришејќи ги нашите стапки во песокта покрај Црното, покрај Црвеното, покрај Белото Море или каде било во овој шарен свет. Патувањето и преселувањето, односно,подобро да речам, преместувањето, стана доминанта на нашето живеење: визна либерализација, студиски престои, конференциски туризам, агенции за мобилност во образованието, Еразмус, ’џоинт’докторати, одлив на мозоци, излегување надвор. Уште повеќе, бесконечната транзиција кај нас доведува до една диктатура на фразите од типот„излезе од тука, гледај да останеш, не враќај се назад“на местото на старите добри гастарбајтерски фрази како „замина и ја повлече фамилијата“. И не е само до транзициската клима кај нас, секаде сонуваат и се преместуваат другаде. Поместувањето оди позападно; не географски, туку геополитички позападно, оти и она што е географски исток во однос на некоја одредница, може да е геополитички запад (за нас, Бугарија, нашиот источен сосед, со членството во Европската унија, стана геополитички запад). Луѓето, пак, од забрзаниот, веќе технолошки збудалениот Запад, сонуваат да се смират и одат на смирение на Исток. Сите сакаат да се преместуваат, да се поместуваат и за тоа да известуваат на интернет. Сите станаа номади, а што е, всушност, номадизмот?
Псевдономадизам и хипермобилност
[pullquote align=”left”]Животот не е нешто што може да се остави дома, нешто на кое му се враќаме по патувањето. Во таа смисла, мојата дефиниција на номадизмот е – живеење на сите посетени места што не се дома; псевдономадизмот е оставање на животот дома[/pullquote] Притисокот на денешната доба да се преместуваме произведува псевдономадизам и хипермобилност. Сè што е премногу извикано и премногу актуелно може да се јави во псевдоваријанта (се преправа, претендира да биде такво, а не е) и во хиперваријанта (прекумерност на нешто,кое преминува во својата спротивност). Номадизмот, како актуелен феномен поврзан со актуелните преместувања, е уште поактуелен во теориски рамки, така што многумина нема да се согласат со мислењата што ќе ги изложам подолу, ама и тоа е во рамките на интелектуалниот номадизам. На почетокот на своето образложение ќе ја цитирам Лидија Димковска, која во едно свое интервју јасно подвлече: „…и кога се наоѓаме на друго место, а не дома, ние живееме“. Животот не е нешто што може да се остави дома, нешто на кое му се враќаме по патувањето. Во таа смисла, мојата дефиниција на номадизмот е – живеење на сите посетени места што не се дома; псевдономадизмот е оставање на животот дома. Секое преместување што се поима како исклучок / отстапка од текот на животот е псевдопреместување. Номадот живее на сите места на кои бил. И уште еден парадокс. Мобилноста може да премине во хипермобилност, а споулавеното преместување и забрзаното темпо на патување можат да имаат ефект како човек воопшто да не мрднал од место: да се гледа не значи дека ќе се види, да се слуша не значи дека ќе се чуе, да се информира не значи дека ќе се дознае. И да се биде псевдономад и да се биде хипермобилен, интересен и модерен не води кон самоспознание. И уште нешто, како најбитен елемент во промислувањето на номадизмот и на преместувањето,и што е уште побитно – за нивното постоење и согледување како такви – местото што се вика дома или местото каде што се корените.Корени: внатре, надвор, помеѓу.
За да постои надвор, мора да постои внатре; за да се тргне во непознатото, мора да има нешто познато. За да се преместува, за да се патува, мора првично од некаде да се тргне. Мора да постои место на конкретно поаѓање и на постојано (можеби не секогаш физичко) враќање. Класично речено, местото на коренитее референтна точка или локус, прво идентитетно упориште од каде што почнуваат сложените процеси на усложнување на идентитетот. Псевдономадизмот, за кој зборувавме погоре, го носи и предзнакот на нејасна претстава на домот (како метафора на припаѓањето) и на корените: давајќи му есенцијалистички предзнак на местото каде што субјектот го остава животот кога е другаде, ја предвидува неговата улога на ознака што ги произведува разликите и наспроти која разликите се согледуваат. Никогаш немаше да ја согледам Галичица таква каква што е сега во мојата претстава и мојот поглед никогаш немаше да биде толку полн со веригата височини помеѓу Ресен и Битола ако не го имав искуството на живеење во Нитра, град во беспрекорна и недогледна низина. Никогаш немаше толку интензивно да посакам да вкусам македонски зеленчук ако не ги пробав европските гумено-пластични плодови. Никогаш толку интензивно немаше да посакам да затанцувам и да запеам ако не сретнев луѓе што се родиле без впишан ритам во гените. Сите својства, бои, мириси, слики, мемории сврзани со коренот добиваат некоја посебна, длабинска и суштинска димензија кога човек е другаде. Така, на коренот му треба преместувањето на субјектот; така коренот ќе биде доживеан во целост: колку повеќе агли на гледање – толку е побогат и посуштински во нашите очи. И на преместувањето му треба коренот: заминувањето во себе го носи враќањето и обратно. Процесите на идентитетот се одвиваат помеѓу домот и домовите, помеѓу вкоренетоста и движењето, помеѓу истото и другоста.
Така, и самите себеси си стануваме други, како што вели Кристева, „странци на себеси“. Така, кога сум дома, реагирајќи поинаку на некоја ситуација од претходно, во смеа ќе речам: „Ова е Виенска школа!“ Или ќе го погледнам педантниот роковник и велам:„Ова е словакизиранатајас“. А кога ќе се заслушам над сопствениот глас и кога ќе се замислам над сопствената гестикулација во некој словачки паб, кои ќе ми се сторат некако поживи и подинамични од оние на соговорниците, ќе заклучам: „Тоа е југот во мене“.
[pullquote align=”left”]Татковината има свој конкретен географски локус, небото над неа е сино или сиво, куќата има свој мирис, климата е медитеранска или континентална, патуваме во поволни временски услови или во снегови. Прво телесно ги доживуваме, а дури потоа добиваат симболична вредност[/pullquote] Размислувајќи за трагите, преместувањата, номадизмите и за корените, сакам да укажам уште на некои аспекти што ми се чинат многу битни. Прво, сите овие категории се првенствено конкретни, физички, сетилни и телесни, дури потоа стануваат симболични, се апстрахираат, се проектираат и се впишуваат во дискурсот. Татковината има свој конкретен географски локус, небото над неа е сино или сиво, куќата има свој мирис, климата е медитеранска или континентална, патуваме во поволни временски услови или во снегови. Прво телесно ги доживуваме, а дури потоа добиваат симболична вредност. Во таа смисла, и номадизмот е првенствено телесно/физичко преместување и доживување и конкретно живеење другаде.За номадизмот не може да се зборува од удобната фотелја што никогаш не е вистински напуштена (да се живее, а не само да се отпатува другаде) и, на тој начин, никогаш целосно доживеана.Овие категории се егзистенцијално обележени со конкретното тело што се движи низ просторот и низ времето; меѓу напоредниците и меѓу меридијаните; што остава конкретни стапки по патиштата;што отпочеток гради нови домови (лажица по лажица, чинија по чинија, празната лименка станува држач за моливи, празната кутијаод чевли – полица за книги), што остава капки пот по седиштата на автобусите и на вагоните. Дури потоа се раѓаат фотографиите, сликите, контемплациите и, на крајот, теоретизациите и поетизациите. Дури потоа наивно и детски може да се ’чекираме’ и да оставаме ’симулакрум’ траги во ’сајберскиот’ простор. И така ќе се размножуваат ознаките во однос на големата ознака на домот и на коренот; и така ќе создаваме нови слоеви на себе, ќе се приближуваме и ќе се оддалечуваме од себе – само во однос на референтниот дом/корен.
Кога се искачив на нитријанскиот рид Зобор, дури тогаш навистина ја почувствував Галичица.
Илустрации: Роб Сато