Разбуди се и живеј

Мал осврт кон одбележувањето на годишнината од смртта на познатиот реге музичар Боб Марли кое се одржа во Градскиот парк во Скопје.

bob marley

Preacherman, don’t tell me,
Heaven is under the earth.
I know you don’t know
What life is really worth.
It’s not all that glitters is gold;
‘Alf the story has never been told:
So now you see the light, eh!
Stand up for your rights. Come on!

Боб Марли некогаш рекол: „ Отвори ги очите, погледни. Дали си задоволен од животот кој го живееш?“ Денот посветен за него, 11 мај, ме натера да напишам краток текст со кој ќе го кажам она што јас го почувствував, она што моите пријатели го почувствуваа и она што чичкото со огромен сомбреро кој танцуваше наоколу и ширеше смеа и љубов го почувствува – среќата што бевме во Градски парк и го славевме денот кој го возобличуваше Боб Марли.

Дали неговата музика нè натера да заборавиме на секојдневните проблеми и да се опуштиме на мајското сонце кое, за наша среќа, пекна и не им дозволи на намуртените облаци да ја нарушат хармонијата? Дали неговата порака успеа да се протне низ неговите стихови во ритамот на реге музиката? Завладеа ли за момент мирот и љубовта? Размислете!

Музиката простум навлегуваше скришно во нашите ушни школки кои пловеа низ нашето море од нерви кои престанаа да предизвикуваат главоболка, туку почнаа да шират нешто друго. Нешто што се нарекува спокој. Луѓето се водеа по ритамот, а не според тоа кој што рекол. Луѓето заборавија на реалноста и навлегоа во димензија во која ги имаше само знаците на јамајканското знаме. Овде возраста немаше врска.

Да се почувствува тревата која те боцка, на моменти и те скокотка. Да се почувствува глуварчето кое упорно сака да ти навлезе во ушето, а ти упорно бегаш од него како „ѓавол од крст“. Е тоа, е она што секојдневно го читам низ социјалните мрежи:„ Бесценето!“

Розовите обравчиња на малите деца кои трчкаат како што ги носи ветрот се заробуваа во фотоапаратите на нивните родители и оние од страна кои сакаа да „фатат миг“. Старите волци, пак, се присетуваа на миговите кога случките што се вечно втемелени во нивните албуми биле реалност.

Боб Марли не е само легенда. Тој е и учител кој ќе ти го покаже патот кон тоа како да го научиш најтешкиот предмет кој го носи со себе секое суштество на оваа планета – животот. Не мораш да бидеш нечија слуга, не мораш да го правиш она што ќе ти го кажат. Само разбуди се и започни да живееш!

Напишано од
More from РЕПЕР
Фрагменти за Борхес
„А, од каде Вие го знаете тоа, господине?!“
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *