Секој циклус има свој циркус

Афоризмот како најкратката форма на уметничкото изразување на мислата (да не го споредувам со танга гаќичките), речиси и не остава место каде би можело нешто да се скрие.

417896_642690329079161_1745296456_n

Кога денешниве миротворци би го носеле гранчето на мирот во уста, тие најверојатно би го изеле.

Не се прави цврста подлога со тапкање во место.

Тие со две леви нозе не можат да направат грешка во чекори.

И земјите кои немаат море можат да имаат бродоломници.

Дали кич е кратенка за „култура ич“?

Оптоварени со симболите не забележуваме дека живееме симболично.

Неговиот творечки порив завршува најчесто со – пролив.

Не мора да сте завршиле музичка академија за животот да ви биде песна.

Демократија: кажете јасно и гласно што сакате, но така никој да не ве чуе.

Случајно или не, институција се римува со проституција.

231176_220783494603182_1426831_n

За овој град урбан многу работи отидоа курбан.

Некои гледаат во шолја, некои во карти, а некои како да го поминат месецот.

Среќата му се насмевна, дури и му се искина од смеење.

Деновите ни се броени – ајде за многу години.

Кај нив ќе најдете и од пиле млеко, ама нема да добиете ни чаша вода.

Парадокс: прирастот ни опаѓа, а ни се множат проблемите.

Тие што ви ги полнат главите очекувајте да ви ги испразнат џебовите.

Секој циклус има свој циркус.

Тоа што сте го пуштиле мозокот на пасење не значи дека сте станале вегетаријанец.

Многу лабилни карактери изградија стабилни кариери.

 

Зоран Михајлов (1953, Скопје) со своите сатирични творби се појавува во 1970 година во повеќето весници и списанија во земјава и во странство. Автор е на три книги со афоризми: „Анимална анимација“, „Мисловник“ и „Мали сказни не баш мазни“. Изборот афоризми со кој го претставуваме овде е направен од неговата книга „Мали сказни не баш мазни“, издадена 2007 година.

Илустрации: Павел Хафизов, Румен Драгостинов

Напишано од
More from РЕПЕР
За „Пазарот Барселó“ – прво дело на Алмудена Грандес преведено на македонски јазик
За „Пазарот Барселó“ - прво дело од Алмудена Грандес преведено на македонски...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *