Оглупавува ли паметниот интернет?

Интернетот стана важен како филмот во времето на Ленин. За воспитување, за учење и за повремено заглупавување на народните маси.

PT-AO835_CovJum_G_20100604152914

Интернетот стана важен како филмот во времето на Ленин. За воспитување, за учење и за повремено заглупавување на народните маси.

Многумина не би се согласиле со оваа констатација, гледајќи ја нејзината прикриена порака: политизацијата на интернетот! Па, како е можно, би реагирале тие, интернетот да се изедначува со пропагандната еднонасочна наметливост што ја поседува филмот?! Спротивно на тоа, интернетот најдемократски овозможува комуниколошки пресврт за позицијата реципиент: активна, двонасочна и независна. Му нуди на секој корисник можност да избира, да коментира, да се самопотврдува! Што да ти правиме кога толку тврдоглаво одбиваш да ги користиш мобилниот и Фејсбукот?! Очигледно, имаш проблем!

Може да се каже дека (делумно) се во право. Како и за другите големи технолошки изуми на новата доба, и за феноменот интернет е можно двостраното гледање. Од една страна, како што пишува Амин Малуф, интернетот наликува на „планетарно ектоплазмично чудовиште преку кое светските моќници ги протегаат своите пипала кон целиот свет“, но од друга, тој е „орудие на слободата, некаков разумен егалитарен простор со кој секој може да се служи по своја волја“.

Што се однесува на мојот личен однос кон Фејсбукот, навистина упорно ја „дилитирам“ понудата да си прифатам познати и непознати другарчиња, правдајќи се дека сум ја заборавил лозинката. Сепак, од друга страна, љубопитството ме тера да ѕиркам по туѓите профили и оттаму да извлекувам некои групни впечатоци за…

 

женскиот профил со…

порака:

…напрчени усни Подготвена сум за бакнеж.
…домашно милениче Чувствителна сум, се грижам за другите.
…друштво, на журки и на веселби;подгрупа: танцување Омилена сум и забавна.Независна сум и слободна.
…дете/деца, во домашен амбиент Еве колку среќно се омажив.
…егзотични места Еве каде сѐ можам да летувам/зимувам.

машкиот профил со…

порака:

…работна атмосфера Гледаш колку добро сум се снашол?!
…сенка Мистериозен сум и свој.
…профил, гледа настрана Неконвенционален,со цврсти убедувања.
…прегратка со згодна/-ни девојка/-ки Ме сакаат женскиве.

…итн. итн. На Фејсбукот, луѓето постојано работат врз сопствената реклама. Па сите се веќе таму, разубавени, навлечени, весели.

Срам да ми е што сум толку старомоден!

ПАТРИОТ

За кој Патриот овде зборувам? Зборувам за оној што се самопрогласува за Патриот, односно што се сокрива зад тој, во суштина позитивен квалитет, а го екстремизира во низа крајни афирмативни и негативни судови, од кои првите се резервирани за него, а вторите за оној што мисли поинаку.

На Патриотот, кај нас и во светот, од оваа или од онаа политичка заедница, својствено му е биполарното размислување. Од една страна, моето = за мојот народ (вредното); од другата, неговото = против мојот народ (бедното).     

мое = за мојот народ

(афирмација)

негово = против мојот народ

(негација)

Ќе се борам за единственоста на мојот народ, по секоја цена. Тие (странците и домашните предавници) се против мојот народ.
Припаѓам на (нај)древен народ со (нај)стара култура. Инфериорните соседи сакаат да ја преземат мојата култура.
На мојот народ му припаѓа поголема територија од сегашната. Окупираните делови мора да му се вратат на мојот народ, по секоја цена.
Мојот народ ги признава сите права на малцинствата (и многу повеќе). На мојот народ не му се признаваат правата во соседните држави.
Мојот водач е патриот, мојата партија е патриотска. Нивниот водач е предавник, нивната партија е продадена.
Колку што е поголема идејата, толку сум и јас поголем. Оние што немаат иста идеја, имаат сериозен проблем.

За доброто на својот народ, ваквиот Патриот е подготвен да навредува, да шпионира, па и да тепа. А дека ваквите Патриоти го делат, му наштетуваат и му ја загрозуваат судбината на тој, толку декламирано „мој“, народ, тоа не е парадокс, тоа е – факт!

ХЕРОЈ И ТРГОВЕЦ

Очигледно, за првиот, митски образец е Ахил, за вториот – Одисеј. Овие два типа спротивставени политички модели може да се најдат низ бројни примери во историјата, но и во ликовите од фолклорот, каде што народната фантазија го обликува и го трансформира сопственото мемориско искуство. Во македонската митотворна традиција, тоа се ликовите на Крали Марко – Херојот и на Итар Пејо – Трговецот.

Херојот и Трговецот – толку различни во своите особини (квалитети и слабости) и во своето дејствување:

Херој

(од типот Крали Марко)

Трговец

(од типот Итар Пејо)

Јас сум првиот, дејствувам таму каде што другите не смееле. Не се истрчувам, постапно ја добивам битката.
Не му дозволувам никому да ме понижува. Умеам со итрина и со снаодливост да го анулирам секое понижување.
Јас сум одмаздник, во името на правдата го уништувам противникот. Дипломатијата е најсигурниот начин да се постигне целта.
Мојот противник е непријател, конфликтот го решавам веднаш (со боздоган). Непријателот можеш да го направиш сојузник (со договор).
Јас сум спасител на својата нација, давам жртва за неа. Ѝ помагам на својата нација да опстане со што помалку жртви.
За обожавателите сум Водач, за непријателите сум Диктатор. За сопартијците сум Државник, за противниците сум Мативода.

Како што реков, не е тешко политичките модели Херој и Трговец да се најдат на светската, а и на балканската политичка мапа. Што се однесува на Македонија, и покрај несомнената идеализација на типот Крали Марко (цар Самоил, војводата Карпош, делумно Гоце Делчев), во политичката историја преовладува типот Итар Пејо, Трговецот. Што не е воопшто лошо, зашто тој тип, освен што лично преживува подолго од типот Херој (кој, во согласност со својата горделива природа, прави судбинско пречекорување – хибрис – и мора да плати за тоа), е практично покорисен за својата држава. Додека со Хероите се градат митови што го јакнат чувството за заедништво (Јованка Орлеанка, Караѓорѓе, Скендербег…), Трговците дејствуваат со промислени, некогаш навидум ситни чекори, со кои обезбедуваат побезбедни и побезболни ефекти врз државата.

Иако и кај едниот и кај другиот тип, и кај Херојот и кај Трговецот, постојат индивидуални разлики во стадиумот до кој стигнале и во тоа како го обмислиле своето политичко дејствување, рангирањето на нивната историска улога зависи, пред сѐ, од тој индивидуален влог, но, што е многу поважно, и од тоа колку е квалитетен ефектот од нивното владеење врз судбината на сопствениот народ.

Напишано од
More from РЕПЕР
Готика и постмодерна готика
   „Но, готската уметност е возвишена … таа предизвикува целото битие да...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *