Човекот е идејата што Бог ја има за телото. (Спиноза)
Акутно-хроничниот однос на општеството кон уметноста секогаш се изразува преку употребните вредности на уметничкото дело, т.е. се мери со универзалните општествени посредници – со парите (но не треба да се занемарува ни духовниот пандан на парите – идеолошката подобност како важна мерка). Парите се, значи, средство со кое се изразува „вредноста“ на уметничкото дело за општеството, но не и вредноста на уметничкото дело какво што тоа во суштина е. Во општеството уметноста се третира како приватна/општествена сопственост, а никако како лична сопственост. Иако е уметноста по дефиниција личен производ, во историјата општеството на сите начини се обидува и самото да ја претвори уметноста во општествен производ и така во целост да го укине личното. Тоа го правеле различни институции, а најпознати се црквата (од која било провениенција) и секако специфичните диктатури од типот на фашизмот, нацизмот, болшевизмот, постиндустријализмот… Вметнувањето неуметнички елементи во уметничките дела е секојдневна појава – симболи, слогани, идеи, психолошко-идеолошки визури итн. Врв на ваквите обиди уметноста да се промени во современото потрошувачко општество е „уметноста“ на поп-културата, каде што различни општествени производи се издигнуваат на тронот на уметноста, па потоа испаѓа дека уметноста постојано се консумира, но никако на лично, туку на квазилично, на општествено(статусно) ниво. „Уметноста на рекламирањето“ е апсолутна форма на општествената продукција на уметноста и рекламата е таа што „информира“, односно во целост го преобликува консументот доделувајќи (одобрувајќи) му функција, со што ефективно се брише личноста како одлучен неусловен момент на човековото битие.
Има многу слогани што го изразуваат стремежот за „општествена“ уметност, но еден од највпечатливите и најточните е секако слоганот на „колективното битие“ познат од телевизиската серија „Ѕвездени патеки“, кој го изговара Циборг (кибернетско-органско битие, скратено: Борг – не, тој дефинитивно не е Швеѓанец!): Секој отпор е залуден, ќе бидете асимилирани! Вака артикулиран, Борг е, значи, најлутиот непријател на слободното човештво и на сите свесни битија во универзумот…
Коренот на ваквиот однос, секако, треба да се бара во „потребата“ за општество, односно во дефиницијата на општеството како такво – во онаа мера во која општеството го презема доминантниот принцип од поединецот – слободата, одлучувањето. Се разменува личната слобода за општествената слобода (функција), а за тоа да се изведе, поединецот мора да ја даде својата согласност (милум или силум), со потребното образложение (изговор) – поединецот мора да сфати дека, како таков, е загрозен и дека му е потребна заштита, која единствено „други/повеќе“ можат да му ја обезбедат.
Општеството на себе ја презема одговорноста за сите оние работи што „живот значат“: храна, живеалиште, размена, дистрибуција, сигурност итн. Во основата е, значи, стравот за животот и од тој страв се појавува поимот за сопственоста како нешто што овозможува проекција на животот како континуитет (тоа најубаво е изразено (види!) со научната теза за „борбата за опстанок“ односно за „продолжување на видовите“).
Кога се дефинира сопственоста вака, може слободно да се каже дека е таа всушност чувствување загрозеност зашто, доколку ваквото чувство недостига кај поединецот, тогаш тој и нема однос кон нештата како кон своја (важна) сопственост. Ова чувствување загрозеност артикулирано како (приватна/општествена) сопственост се појавува како клучен момент во смисла на вреднување на нештата/животот. Она што е од општествено значење има општествена вредност, а она што е од лично значење нема никаква општествена вредност, туку човекот самиот може или не мора (смее или не смее) да се труди околу него – уметноста не се јаде! Во некои општествени системи е многу непожелно поединецот да развива личен вкус и лични потреби, да поседува одредени (не)подобни работи или навики.
[pullquote align=”left”]Борбата е непрекината, непријателот никогаш не спие, а најлошо е тоа што го има и меѓу нас…![/pullquote]Зошто е овде важно чувствувањето? Дали е возможно со чувствување да се дефинира нешто толку конкретно со кое афирмирано се занимаваат, да речеме, социологијата, економијата, психологијата? Карактеристиката на чувствувањето загрозеност е во тоа што тоа се проектира на другите, па од тоа „произлегува“ дека и сите други (мора да) се чувствуваат исто така загрозени и затоа (мора да) преземаат мерки за одбрана, т.е. можни се, па дури и најверојатно се преземаат мерки за агресивно-превентивна одбрана, па опасноста од другите е постојана и реална и затоа е неопходно општеството, т.е. механизмот што ќе ја одбрани групата поединци од секој напад врз имотот што „живот значи“ – тој механизам всушност е државата и насоката на неговото дејство оди и кон внатре и кон надвор: покорување на поединците што чинат конкретна државна заедница и оневозможување на поединците што припаѓаат на некоја друга држава. Борбата е непрекината, непријателот никогаш не спие, а најлошо е тоа што го има и меѓу нас…! Општеството (односно чувствувањето загрозеност) е вистински перпетуум-мобиле – тоа секогаш произведува ја причината за своето постоење – непријателот!
И сега, уметноста би требало да успева на ваква почва! Тешко. Уметноста, која по дефиниција е артикулација на личното искуство, односно на искуството на личноста, кое е општо за секоја личност, не може да го најде својот пат до (друга) личност со помош на медиумите на општеството. Влијанието што уметноста го врши врз поединецот е антиопштествено влијание зашто, токму според оваа дефиниција, не се потпира врз општеството како посредник – уметноста е непосредна (комуникација) – општење без посредник и се случува „меѓу“ (т.е. „во“) личноста. Како таква, таа нема општествена функција и потенцијално е опасна за општеството. На уметноста не ѝ е потребна никаква „заштита“ ниту чувствувањето одговорност се јавува како нејзина содржина, па со самото тоа го негира општеството. Уметноста никој вистински не може да ја грабне, но општеството тоа „не го знае“, па самото се обидува да ја грабне од поединецот, зашто уметноста и физички го оневозможува влијанието на општеството врз него – општественото и личното битие заземаат ист/-о простор/време и меѓусебно се исклучуваат. Уметноста нема вистинска цена изразена со општествени мерки – како глава на мртва мачка – но општеството ја граба од поединецот или целосно обезвреднувајќи ја и осудувајќи ја или давајќи ѝ неверојатна вредност изразена во пари, така што практично никој не може да си ја припушти, освен токму оние најдрти колекционери на личната суета. Единствен прифатлив облик на општественото поседување на уметноста, каде што контролата на општеството сепак е формално зачувана – се музеите и галериите, односно книжевното и музичкото издаваштво и другите облици на продукција, каде што уметноста слободно се изложува, па дури и се финансира (но тоа само во некои општествени системи).
Се поставува прашањето (зашто уметноста сепак се дистрибуира преку општеството): што е овде постаро – кокошката или јајцето? Дали е општеството она што овозможува дистрибуција на уметничките дела или токму оние на кои уметноста нешто им значи ги користат општествените механизми за да остварат ваква комуникација? Јас, сепак, би се определил за второто објаснување, токму врз основа на историското искуство, според кое во многу случаи е потребно одобрение од општеството за пласман на уметноста. Оние општества што се доволно сили, т.е. оние што не се чувствуваат претерано загрозени, дозволуваат слободна дистрибуција на уметноста. Значи, улогата на општеството е секогаш негативна, зашто во кој било случај (според принципот на авторитет) ја негира слободата на поединецот, па дури и во случај да ја одобрува!
[pullquote align=”right”]Животот за личноста е искуство, а обврската да се живее е услов за секое ропство.[/pullquote]Самата уметност, како личен чин и како лична афирмација, својата важност ја наоѓа токму во чинот на создавање, каде што јасно се одделува творецот од создаденото. Уметноста е токму во потенцирањето на разликата меѓу творецот и создаденото, зашто е јасен фактот дека творецот не може да зависи од својата творба – а тоа во суштина е спротивно на односот општество-поединец, зашто општеството е творба, а поединците што го создале мора да му служат и да се жртвуваат за да го одржуваат. Спротивно на чувствувањето загрозеност, односно на нагонот за одржување, за личноста животот е израз на волјата, но не и на потребата, па дејствувањето на личноста не зависи од чувствата од кој било вид. Животот за личноста е искуство, а обврската да се живее е услов за секое ропство. Така, уметноста ја изразува слободата, а сите други активности во односот на личноста се незадолжителни и на располагање на слободната волја. Уметничкиот израз е особено критички остар кога го опишува ропството – ропството е секогаш доброволно, секој може да каже „не!“, но оној со кого владее чувството на загрозеност не го изговара.
Има безброј примери за ова во уметничките дела. Ќе ги наведам само најдрастичните – од веќе споменатиот лик Борг до ликот Јозеф К; од Прометеј, кој страда во конфликтот со авторитетот, до Одисеј, кој се врзува за јарбол и ги затвора ушите со восок за да не ја слушне заведувачката песна на сирената (синдромот Амондилана!); од „Ние“ на Замјатинов до романите на Орвел и на браќата Стругацки за тоталитарните општества; од „Идиот“ и „Зли духови“ до хистеричната пародија на „реалноста“ во „Убик“ од Филип К. Дик. Сликите на Рембрант, без оглед на чисто фиктивната, митолошка содржина, со сета сила удираат по набљудувачот и ја укинуваат способноста за говор, остварувајќи силен непосреден контакт со „повисокото битие“, со истиот оној „Бог“ во чија слава компонирал Јохан Себастијан Бах. Бетовеновата „Еротика“, во јаловиот и наивен обид уметникот да учествува во историјата и во општествените случувања, посветена на Наполеон Бонапарта, па потоа одречена – е добар пример за неможноста за компромис меѓу личното и општественото.
Зарем сета оваа творечка сила со која располагал еден Лудвиг ван е истоветна со онаа деструктивна манично-депресивна сила што нашла апсолутно корумпирана артикулација во делата на едни корзикански „Ѕверови“? Па, и Хитлер црпел сила од ремек-делата на Вагнер и можеби од радикалната филозофија на Ниче, но во суштина ги заменил со содржајна фикција и паднал во најголемата длабочина на понорот на илузофиксот – материјалноста, самото распаѓање… Разликата во нивоата е израз на силата, водата се руши од езерото и произведува (електрична) енергија, но во старогрчките драми разликата во нивоата е уште поголема – разликата меѓу нивоата на личното и на општественото е она што произведува силна трагедија – трагедија од уништувањето на личноста во општеството, трагедија од жртвувањето на личноста (и на боговите!) за општествени цели – каков уметнички израз! И дословно на жртвувањето, не само во вид на религиски обред, како кај Маите и кај многу други цивилизации од антички тип, туку и во модерна смисла, од американската граѓанска војна, Големата војна, Октомвриската револуција итн. – жртвување милиони луѓе заради, види апсурд! – општата сигурност. И, ете, конечната последица од тоа чувствување загрозеност – борбата за преживување – „сурвајвализмот“ во име на кој се брза во најопасните можни ситуации, како што е општиот нуклеарен помор или химерничната комбинација на најсмртоносните вируси-оружја – и за тоа е пишувано, а доста конкретно е и направено. Па, и самото жртвување на Божјиот Син – Христос е израз на таа трагедија и единствено Грците, а не Евреите, можеле да смислат таков симбол човечката несреќа да изразува своинско-семеен однос таткото(што)-(го поседува)синот и го жртвува за луѓето да ги научи на љубов! Дејството на овој симбол е неверојатно силно, се протега веќе два милениума низ историјата и уште којзнае колку ќе се протега, но уште поголем е изразот на силата во апсурдот на неговото целосно неразбирање – оној што има уши нека слуша, а оној што нема…
Во овој свет, Синот човечки нема каде да ја скрие главата, но уметноста и не е од овој свет – а човекот нема ни потреба да се скрие – ни тој не е од овој свет. Всушност, примената на уметноста на општеството е исто толку јалова намера колку и намерата да се изврши квадратура на кругот. Баби и жаби! Физичко и метафизичко. Од несфаќањето на сопствената суштина човекот најмногу пати. Меѓутоа, ова несфаќање не е израз на неспособноста да се сфати, туку на волјата да не се сфати. Уметноста нема цел да ги принуди луѓето да сфатат, таквата принуда би била непосредна негација на слободата. Уметноста и не е нешто што може „да има цел“ – личноста е таа што има цел, но таа цел не е надвор од неа. Поради тоа, сите тие причини за отуѓување на човекот (односно на уметноста) се израз на посакуваното неразбирање на човековата суштина, крокодилска солза на оние што би си поиграле со животот за да замислат дека се живи, но на кои тешко им паѓа вродената слобода, па поради неа и патат – колку би било убаво сите луѓе да се обични „уреди“ на колективот на Борг, некој друг да ја преземе на себе горчината на чувствувањето, а тие глупави и весели да ги извршуваат налозите и да градат вечна идила, зуење на кошницата, навечер, по малку и праведно уморни, да ја испијат заслужената шолја сладок мед.
Превод од српски јазик: Кристина Велевска
(Текстот е објавен во „Книжевен весник“, бр. 1117, 26 мај 2005 година, Белград.)