Ви претставуваме два текста за еден роман чиј превод на македонски јазик е издание на книгоиздавателството „Антолог“.
КОН РОМАНОТ БУЛЕВАРОТ НА НЕЗАВИСНОСТА
Кшиштоф Варга
„Мислиш дека живеењето има мадиња?, праша Кристијан, живеењето е од среден род. Ова за Кристијан беа пророчки зборови, иако тогаш сè уште не можеше да знае од колкав ли среден род ќе стане и неговото сопствено живеење“.
Херојот на „Булеварот на Независноста“ (2010) е животен губитник, фрустриран и неостварен уметник, кој осамените ноќи ги минува пред компјутер со шише в рака. Магичните „четириесетти“ што се наближуваат за него не претставуваат некаков пресврт, потскок на ергенското лудување, ниту пак револуционерен порив на втората младост. Ова е една горка тажалка врз прокоцканиот талент и врз проиграниот живот. Дните што минуваат не носат ништо чудно кога е толку лесно и евтино да се убие вишокот време. Планови не се раѓаат кога не знаеме кој и зошто би требало на нив да ги троши и онака малкуте преостанати сили.
Варга ги има навикнато своите читатели на прецизно погодени, изразити и непријатни дијагнози. Зафркнатата стварност нè тера на смеење, ама само на едно нервозно кикотење, зашто под превезот на пародијата ја распознаваме неудобната секојдневност. Во овој случај, огледалото што Варга го става пред својот јунак му го покажува ликот што никој не би посакал да го види…
Ова е една страшна, но воедно и смешна книга. Меланхолична и безмилосна. Остануваат кикот и гламносан предел. Огнот ги проголтува Варшава, варшавкоста, младоста, заблудите, триесет-четириесет години, сè, и останува она што навистина нè чека: вечна осама, до самиот крај.
Варга(1) созрева како унгарско вино. Тој е сè подобар.
KOН РОМАНОТ
Виктор „Инфере“ Динарски
Бидејќи добрите приказни, барем оние според хичкоковските шеми, треба да започнат нешто како со експлозија, во буквална смисла на зборот, а потоа да нè држат во напнатост до крајот. Книгите на Кшиштоф Варга се токму такви, иако не од една, класично сфатена, популарна фабула, туку од гледна точка на критиката на современата стварност. „Булеварот на Независноста“ (2010), дело на авторот на романот за стекнувањето зрелост“ – „Bildungsroman“ (1997), започнува со она што за повеќето нарации би означувало крај – со смртта на главниот јунак.
Кристијан Апостата – кога веќе станува збор за него(2) – е претставник на класата што во современиот свет би можеле да ја наречеме „washed up celebrity“. Некогаш надежен уметник, надеж на обновената посткомунистичка Полска за плодна уметност – денеска, пак, некој што го очекува големиот „come back“, кој се здобил со животно искуство, еден алкохоличар со неисполнети сништа. Споменатото враќање на славата му го осигурува патувањето во САД, за време на кое, за жал, ќе загине.
Од друга страна, пак, меѓу оние „на кои им тргнала работата“ се наоѓа Јакуб Фиделис, среќникот над среќниците, најдобриот танцувач во целата држава, лик за кој сите зборуваат, како и пријател на Кристијан. А можеби и не е до крајот пријател, штом – користејќи ја здобиената среќа – си дозволил да му ја украде жената и во основа да заборави дека Апостата постоел? Врската што ги поврзува овие двајца мажи е една многу комплицирана мешавина од лоша волја и случајности. Во неа е проткаен катастрофизмот.
Истото се случува, всушност, и со целиот роман. Варга, што не би требало никого да го зачуди, повторно на читателот му ја сервира сопствената слика за Полска. Критички, но истовремено и мајсторски, дебатира со двата најголеми проблеми на поп-културата на обожавателите и на оној круг фанатични почитувачи одоколу. Не им остава никаков простор, предложувајќи ја сопствената слика за општеството како бесмислени машини што се движат или според волјата на допадливоста и на наоѓањето во центaрот на вниманието или според извесен тип биолошки односи што се целосно лишени од секаква способност за апстрактно размислување или барем за рационално расудување.
„Булеварот на Независноста“, сепак, не е само анализа на општата состојба на еден современ уметник или на славата. Тоа, исто така, е и приказна за лавиринтите на пријателството и за тешкотиите на нивното дефинирање. Ова, всушност, е книга посветена на илузорноста и на деструктивноста на релативизмот. Бруталниот удар што се случува во најсовремена Полска, исполнета со самонаречени елити, кои уште (спротивно на самите себе) се трудат од себе да создадат пример што сите треба да го следат. А покрај сè, тие се жртвите. Без оглед на тоа што прават. Варга – барем до извесена степен – со овој роман создава една античка трагедија.
И се чини дека токму вака тој сака да ни ги претстави односите што нè опкружуваат. Од нив нема бегање. Треба да се помириме со состојбата на нештата, а евентуалниот бунт да биде пренесен во сферата на уметноста. Но внимателно и со ова. Дури и тука се провлекува некаква измама.
__________________________________
ФУСНОТИ:
[1] Кој има унгарско потекло (заб. на прев.) [2] Да нагласиме дека презимињата што означуваат нешто во овој роман не се ништо несекојдневно: Апостата – неверник, безверник и сл.; Фиделис – верен; Каботин – сноб, Гжеш – греши; Мисер – мизерен ; Пруденс – горделивиот (прев.)