Во песна тонам, вода читам

Напишано покрај Белото Море, август 2013

water_poem_by_illinoi-d4pi9tu

Вода, H20, соединение од два атоми водород и еден кислород, протони, неутрони, електрони.
Песна, непозната формула, зборови, хармонија, стихови, смисла, ама сeтo тоа не баш секогаш. Песна, вечна непредвидливост.

Таа вода, таа песна, женски род.
Плодност, раѓање, творештво, множење.

Обете метафори.
Лесна како песна, оди како вода.

Двете окосница на постоењето.
Првата форма на живот во вода настана.
Гилгамеш, Одисеја, Илијада, архаичните книжевни и некнижевни текстови во стих се родија.
На почетокот е зборот, антиципација на песната.

Обете менливи, но неминливи.
Водата течност, водата гас, водата мраз, циклус.
Песната стих, песната проза, песната реч во дијалог.

Обете глаголиви.
Гргор, шум, жубор, капеж, вода.
Метрика, рима, стапка, ритам, тропичност, лиричност, песна.

Обете во опасност.
Водата затруена од индустриските погони,
песната загадена од скрибоманското производство.

Обете недофатни.
Водата низ иглени уши провира,
песната спрострена на страницата, а поголема од книгата.

Песната над песните, водата над сè останато.

Обете предадени на Другоста.
Водата во копнеж по устата на жедниот.
Песната по очите на читателот.

Без вода, тешко живот.
Без песна, има живот, но живот ли е?

Научниците докажале – водата како пареа во атмосферата на бројни планети, како мраз на Месечината и на Марс ја има, на Европа, од месечините на планетата Јупитер, дури и во течност.
Не е утврдено дали вонземјаните читаат и пишуваат поезија, но понекогаш им испраќаме балони со хелиум испишани стихови.

Обете и џуџе и џин.
Водата капка пот, баричка во дланка, поток, река, езеро, море, океан.
Песната – хаику, сонет, мадригал, балада, поема.

Обете не можете да ги одбегнете.
71% од Земјата е под вода.
Песни на усните на учениците, во халите на напуштените фабрики, стутканите писменца, шуплините на ќерамидите.

Водата има стил (бранот, мразулецот) исто како и песната (експериментите на поетските движења од почетокот на XX век).

Вода во пустина, и оаза.
Песна во јад и траор, надеж.

И песната, како и солената и бигорлива вода, може да содржи премногу додавки и маниризми кои ја прават матна и тешка за консумација.

Мистеријата на водата наспроти херметичноста на песната.

Секоја капка вода ја враќа смислата на постоењето,
Секоја песна ги враќа еднаш изгубените смисли и истрошени форми.

Дождовница, роса, слана, порој, снег, магла, секое годишно време нè потсетува на водата.
Поетите во секоја најмала промена гледаат поезија.

Смееме ли по сè да заклучиме: исконски, каде е водата, таму е и поезијата.

Но, чистата вода – причина за војни.
Обично, искрената песна – подадена рака.

Водата – без мирис и вкус е по дефиниција.
Песната, без дефиниција, ореова колепка на вкусовите, голема мајка на аромите.

Водата – проѕирна, песната – бистар поглед.

Водата со точка на вриење од 100 степени Целзиусови на морското ниво.
Песната студена на хартија, вжештува во обновените читања мултиплицирани во бескраен семиотички вртлог.

Водата патува со облаците и дождот од континент на континент.
На песната ѝ треба превод.

Во вселената раѓањето на ѕвездите е проследено со испуштање вода.
На земјата поетот се раѓа со ѕвезда на бистрото чело.

Водата, демијург на виножитото,
поетот мора да помине под истото виножито во потрага по својата песна.

Кога ја има премногу, водата носи мостови, руши патишта, кога ја има премалку, жолтеат маалските тревници, бледеат игрите.
Премногу песна, оксиморон. Премалку песна. Секогаш е премалку.

Плимата и осеката ги движат светските мориња.
Поетите се вкотвени, песните непотонливи бротчиња од соништа.

Водата пропорција на грамот, на Калвиновата скала.
Песната пропорција на спиритуалната тежина на човекот.

Уште долго водата и песната може да се приближуваат и одбиваат една со друга.

Како да најдеме НЗС на двете жени?

Човековото тело содржи од 55-78% вода, ако му ја одземеме – ќе остане камен.
Што ќе остане ако му ја одземеме песната? Исто камен.

И водата и песната се меѓу прагматизмот и естетизмот, меѓу корисното и убавото, а македонската нација со аквадуктот и СВП како одделни примери – култура на обете.

И водата и песната се пораки – втората составена од јазик и од музика, а водата од музика и од животворна енергија.

И песната и водата човекот ги позајмува директно од природата.

Најпосле, сите големи цивилизации настанале околу големите реки и водни површини (Месопотамија, Египет, градовите Ротердам, Лондон, Монтреал, Париз, Њујорк) исто како што нема нација без копното и разумот на големите поетски гласови.

 

Напишано покрај Белото Море, август 2013

(Текстот е прочитан на Симпозиумот „Песната и водата“ на Галичката литературна колонија, 7-9.8.2013)

Напишано од
More from РЕПЕР
Пишувам крими-романи, читам класици
Кратко интервју со норвешката писателка Ким Смоге, чијшто роман може да се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *