И ТРАНЗИЦИЈАВА, исто како и социјализмот, е ПРЕОДНА фаза: пак нè – ПРЕЈДОА!
ИСТОРИСКИОТ ПОКЕР, по правило, се игра со – ГЕОГРАФСКИ КАРТИ!
Во ЗЕМЈАТА НА ОБЕСЕНИТЕ споменувањето на јажето е – ВЕРБАЛЕН ДЕЛИКТ!
ОТКРИТИЕ ВО ФОНЕТИКАТА: многу БЕЗГЛАСНИ БУКВИ настанале откако биле – ОЗВУЧЕНИ!
За нашиот ПЕНЗИОНЕР одењето на ЗАПАД е пат во НЕПОВРАТ: во Хрватска е веќе (У)МИРОВЉЕНИК, а во Словенија – ПОКОЈНИК!
Испаднав ХОМЕРОВСКИ слеп: љубената ЕЛЕНА ме шутна како со АХИЛОВА ПЕТИЦА и со некојси ТРОЈАНСКИ КОЊ побегна за – ПАРИЗ!
Стана еминентен АНАЛИТИЧАР: турбо му работи – АНАЛОТ!
ОБЉУБА: кога се колнеа дека многу ја САКААТ татковината, не препознавме дека само ја – ПОСАКУВААТ!
ТРАНЗИЦИСКА РЕФОРМА: ПАРТИЈАТА и КАПИТАЛОТ си ги поделија, ни ги оставија само – ДИКТАТУРАТА и ОДУМИРАЊЕТО НА ДРЖАВАТА!
СЛОНОВИТЕ се историски доказ за нашиот КОНТИНУИТЕТ: само што, во АНТИКАТА од нив губевме во ВОЈНА, а сега на – ИЗБОРИ!
ИЗБОРНА МАТЕМАТИКА: бедник по бедник – ПОБЕДНИК!
Наша верзија на АМЕРИКАНСКИОТ СОН: ако сакаш да УСПЕЕШ, мора да бидеш – ОБОЕН!
За многу УСПЕШНИ КАРИЕРИ е најзаслужен првиот – РАСЧЕКОР!