Коњите отсекогаш биле одлична инспирација за многу уметници. Нивниот облик, формата, идејата што ја носат, силата, јачината…
Коњите се национален симбол за некои народи, а за Шкотска коњот е знак за одбележувањето на националната економија и развој, на борбата за прогрес.
Во моментов во тек се последните фази на изградба на делото што по речиси седум години развој конечно ја добива својата целина. Келпите (Kelpies) се пар огромни коњски глави изработени од страна на уметникот и скулптор Енди Скот, поставени во Фалкирк, Шкотска. Скулптурите се со големина од околу 30 метри и се наменети за споменот на коњот – важен фактор во наследството на Шкотска.
Според „Википедија“, Келпите како име ја рефлектираат митолошката трансформација на ѕверот што ги поседува силата и издржливоста на десет коњи; квалитет што е аналогно поврзан со трансформациската издржливост на шкотската внатрешна пловидба. Келпите претставуваат лоза тешки коњи, односно примерок за шкотската индустрија и економија, заедно со вагоните, плуговите, баржите и со другите елементи што се обележје на географската поставеност на областа Фалкирк.
Скулптурите се моделирани според два вистински коња од Глазгов Сити и се изградени од структурен челик обложен со не’рѓосувачки челик, создавајќи структури во чија внатрешност наскоро секој заинтересиран би можел да влезе. Иако е изградбата речиси завршена, Келпите официјално ќе бидат отворени за посетителите во април 2014 година.
Ова не е прво претставување од ваков тип; всушност, Енди Скот веќе неколку пати го изработува истиот модел на скулптура на коњ во различни димензии, наменет за различни локации.
Ваквите детали од коњи, поставени во просторот, изгледаат мегаломански, грандиозно, огромно, моќно, а на момент оставаат впечаток како да се излезени од некоја сцена на „Господарот на прстените“ или од некој друг суперфантастичен филм, односно амбиент. Овие скулптури се огромен подвиг во уметноста, тие гледаат со ентузијазам кон светлата иднина.